Прегратката на учителката, и други репортажи за хуманоста

22.02.2021 12:12
Прегратката на учителката, и други репортажи за хуманоста

Шест репортажи за моќта на човечкиот дух и за начините на кои неволјата може да го разбуди најдоброто во нас.

 

Колку и пандемијата да е приказна за уништувањето и загубата, таа зборува и за резилиентноста - на поединци, семејства и цели заедници кои не само што опстојуваат и покрај смртоносната закана, туку во тој момент гледаат и можност да им помогнат на другите. Некои дури и се осмелуваат да нè потсетат дека радоста сè уште е можна. Ги замоливме нашите дописници од целиот свет да споделат приказни од 2020 година кои зборуваат за моќта на човечкиот дух и начините на кои неволјата може да го разбуди најдоброто во нас.


Бразил

„Копнеам по вашата прегратка“, напиша еден третоодделенец. Неколку месеци откако почна карантинот, неговата учителка Маура Кристина Силва сфатила дека нејзините ученици се збунети.

Се претвориле во 57 мали слики на екранот на компјутерот, оставајќи ѝ го на учителката тој слабо осветлен и испрекинат поглед кон тешкотиите кои ги донесе пандемијата за семејствата во Падре Мигел, дистрикт на работничката класа на западот на Рио де Жанеиро.

Пораката од ученикот кој веќе никој не го прегрнува е испратена четири месеци откако училиштето одеднаш беше затворено, и таа стигна до госпоѓицата Силва. Детето зборувало за саудаде, португалски збор кој ги сумира чувствата копнеж и меланхолија.

Госпоѓицата Силва се прашувала дали може да пронајде начин безбедно да ги прегрнува своите ученици. Смислила пандемиски „прибор за прегрнување“: еднократни кабаници, хируршки ракавици, маски за лице и дезинфициенс за раце.

Одговорот на родителите бил охрабрувачки: тогаш, дали таа ќе дојде наскоро?

„Дистанцата не може да го уништи она што го изградивме“, рекла Силва (47) едно дождливо попладне откако посетила три свои ученици. „Морав да им покажам дека нашите врски сè уште живеат, иако не можам да ги прегрнувам секое утро.“

Децата блескале додека госпоѓицата Силва се покривала себеси и секое дете во пластика. Потоа секое од нив го опфаќала со рацете и го кревала во долга и нежна прегратка.

Силва вели дека кога пандемијата најпосле ќе пројде, ќе ги прегрнува своите ученици уште посилно, никогаш не земајќи ја здраво за готово лековитата моќ на допирот.

„Во момент на трагедија успеавме да споделиме моменти љубов“, рече Силва. „Тоа е мошне моќно.“



Ернесто Лондоњо и Мануела Андреони


Италија

Кога една италијанска книжара повика волонтери за да им читаат приказни и песни на постарите сограѓани и на оние кои вирусот ги затвори дома, делуваше дека малкумина читатели ќе му посветат внимание на овој повик.

„Сакавме да допреме до луѓето кои се изолирани во моментов и можеби се чувствуваат осамено“, вели Саманта Романезе која работи во книжарата Убик, локална институција во крајбрежниот град Трст на североистокот од земјата.

Идејата беше таа и нејзините тројца колеги - со помош на некој волонтер - да им читаат на луѓето преку телефон дваесетина минути за време на паузата за ручек или во слободните денови.

„Мислевме тоа да биде мала акција“, вели Романезе.

Сепак, бројот на луѓе кои се јавија беше вчудоневидувачки. Откако книжарата го објави повикот во ноември, се пријавија повеќе од 150 волонтери. Некои од нив беа Италијанци кои живеат дури во Холандија и Англија.

„Во светот кој сè повеќе е нехуман и дехуманизиран, во време кое вирусот само дополнително го отежна, верувам дека е од клучно значење да се остане хуман“, вели Саманта Романезе. „Да се пружи рака, навистина да се грижиме за другиот.“

Елизабета Поволедо и Аурелиен Бриден

Боливија

Жените пред скоро породување биле мошне исплашени - од вирусот и болницата во која се лечат заразените. Затоа од централна Боливија испратиле повик за помош.

Им се јавила Хустина Каје Флорес.

Таа со месеци како бабица патувала од градот Кочабамба до овие жени и се грижела за нив, ризикувајќи да се зарази за тие да не мора да се заразат. Патувала со часови со автомобил, мотор, дури и пешки, секогаш заштитена со маска и ракавици, со себе носејќи букети рузмарин од кој правела чај за ублажување на породилните болки.

Откако трае пандемијата, Хустина Каје Флорес породила повеќе од 200 жени, многу повеќе од која било претходна година.

Понекогаш ѝ помагале и ја влечеле за киките, вели Хустина. Но речиси секогаш, кога веќе го држеле своето новороденче во рацете, вистински ѝ заблагодарувале и ѝ зборувале дека ќе морале сами да го поминат породувањето ако не дојдела таа. Бројот на починати од коронавирусот во Боливија е особено висок, но Каје Флорес, христијанка и бабица веќе 25 години, продолжува да ја извршува својата работа зашто, како што вели, тоа го чувствува како своја должност.

„Не се плашев дека ќе умрам“, рече. „За мене смртта е благослов зашто сум на божјиот пат.“



Џули Туркевиц


Камбоџа

Кога слон треба да се качи во авион, неопходно е да се направат сериозни подготовки. Работата е дотолку потешка среде пандемијата која речиси го запре сообраќајот.

Сепак, на 30 ноември азискиот слон Кааван кој помина 35 години во зоолошката градина во Исламабад, со руски товарен авион беше пренесен од Камбоџа во Пакистан, каде ќе започне нов живот во згрижувалиште за диви животни. Кааван беше испратен во Исламабад како подарок од Шри Ланка, а зоолошката градина во која живееше беше толку уништена што судот во Исламабад нареди да се затвори.

Слоновите се друштвени битија, а партнерката на Кааван умрела пред осум години. Откако ја погребале Кааван поминал еден месец на нејзиниот гроб, со сурлата милувајќи ја земјата под која е закопана.

Патот во Камбоџа го организираше добротворната организација Free the Wild, со помош на друга група за заштита на животните. Биле потребни речиси пет години планирање, 180 килограми шеќерна трска, 20 лубеници и воена придружба до аеродромот.

Неколку дена пред патувањето, се појавил проблем: Кааван неочекувано влегол во период на зголемено ниво на тестостерон. Во таа состојба, азиските слонови можат да бидат агресивни.

За среќа, нивото на хормонот на Кааван опаднал до поаѓањето. Исто така, пред да тргне му бил направен тест за коронавирус, кој бил негативен. Патот поминал без проблеми.

„2020 година беше навистина ужасна за многу луѓе“, рече Марк Каун, еден од коосновачите на организацијата Free the Wild. „Ослободувањето на Кааван среде пандемија навистина донесе оптимизам.“

Хана Бич


Кина

Кон крајот на јануари, кратко време откако 29 годишната социјална работничка Гуо Џинг се преселила во Вухан од Гуангжу, кинеската влада прогласи карантин во Вухан.

Умреа илјадници луѓе. Гуо била осамена, исплашена и беспомошна.

Потоа, кон крајот на февруари, почнала да наидува на вести за сè поголем број случаи на насилство во семејството во околности на карантин. Една пријателка ѝ раскажала дека од соседниот стан слушнала врева која звучела како злоставување; не била сигурна што е најпаметно да се направи, па на хартија ги запишала контакт телефоните на службата за борба против насилство во семејството и го турнала под вратата на сосетката.

Тоа на Гуо ѝ дало идеја.

Со пријателките на социјалните мрежи напишала и објавила писмо во кое вниманието се насочува кон широко распространетото семејно насилство во Кина. Потоа предложила начини на кои е можно да се реагира на насилството кое се случува во наша непосредна близина.

Кампањата ја нарекла „мали вакцини против насилство во семејството“ и ги повикала другите да го споделат писмото.

Во рок од неколку часови, илјадници луѓе ја посетиле страницата каде било објавено писмото. Хаштагот „мали вакцини против насилство во семејството“ бил прегледан повеќе од 800.000 пати на платформата Веибо, кинеска социјална мрежа слична на Твитер.

Луѓе од цела Кина почнале да споделуваат фотографии на кои се гледа како го лепат писмото во лифтови, на огласни табли и на сите други јавни места кои и натаму ги посетуваат.

Таквиот одѕив заслужува внимание, истакна Гуо, заради сомнежот со кој кинеската влада посматра каков било вид активизам, вклучувајќи го и феминизмот.

„Многу луѓе беа нервозни не само заради пандемијата, туку и заради фактот дека не сме навикнати да го користиме сопствениот јавен простор“, рече Гуо.

Вивијан Венг

Мексико

Годинава изгледаше особено лошо за Лусија Риохас Мартинез, конгресменка од Мексико, дури и пред коронавирусот да стигне во нејзината земја.

Како истакната феминистка и практично единствената отворено геј политичарка во Конгресот, 32 годишната Риохас се соочува со онлајн насилство - дури и со закани за смрт - откако во 2018 година беше именувана во Конгресот. Во февруари почина нејзиниот татко од срцев удар и тоа за малку не ја турна преку работ.

Но размислувала колку нејзиниот татко се гордеел со работата што таа ја работи и одлучила да продолжи.

„Сети се што мораш да направиш утре“, си рекла.

Кон крајот на март мексиканската влада прогласи вонредна состојба и како и многу луѓе, Риохас почнала да работи од дома.

Сепак, карантинот не е едноставна работа за припадниците на ЛГБТК популацијата во оваа конзервативна земја.

Бескрајните денови дома со хомофобните членови на семејството често се неиздржливи.

До неа допираале приказни за луѓе кои завршиле на улица.

Конгресменката Риохас одлучила седиштето на својата политичка организација Ахора да го претвори во згрижувалиште за млади припадници на ЛГБТК популацијата кои останале без дом. Тоа било прво вакво згрижувалиште во Мексико Сити. Со поддршка од активисти, првите двајца штитеници се примени на 13 мај.

Оттогаш згрижувалиштето кое сега е познато како Каса Фрида, примило повеќе од 60 луѓе.

Каса Фрида сега нуди и психолошко советување, како и помош во добивањето пристап до здравствена нега, домување и стабилна работа. Повеќето луѓе таму остануваат околу месец и половина, најмногу три, додека повторно не застанат на нозе.

„Ова е повеќе од згрижувалиште; сакаме да изградиме куќа за целата заедница“, вели Лусија Риохас Мартинез.

Оскар Лопез


Сликите се од анимираниот филм The Tale of The Princess Kaguya (Isao Takahata, 2013)
Превод: Алек Кузмановски
Извор за текстот: New York Times/International report

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото