Саудиска Арабија им дозволи на жените да одат во војска

23.02.2021 16:10
Саудиска Арабија им дозволи на жените да одат во војска

Саудиска Арабија им дозволи на жените да земат оружје и да се приклучат на војската. Професионалната војска беше последно во редицата занимања во кралството што им ја отвори вратата и на жените.

Саудијките сега можат да бидат вработени како војници, редари и наредници.

Создавањето работни места за жените е дел од плановите на престолонаследникот Мохамед бин Салман за трансформација на земјата, најголемата економија во арапскиот свет. Сега е нормално во Саудиска Арабија да се гледаат жени на каси во трговски центри, како и на работни места кои досега беа резервирани исклучиво за мажи.

Овие промени се случуваат и покрај тоа што активистите кои се борат за женски права во Саудиска Арабија сè уште се мета на властите.

Планот за отворање на армијата за жени беше најавен во 2019 година, истата година Саудиска Арабија соопшти дека ќе им дозволи на жените да ја напуштат земјата без дозвола на машки роднини, огромен чекор кон напуштањето на рестриктивниот систем на старателство, кој беше многу критикуван и во Саудиска Арабија и во странство.

Во 2018 година, Саудиска Арабија стана последната земја во светот која им дозволи на жените да возат.

Покрај исполнувањето на критериумите за тежина и висина, кандидатите за работни места во војската мора да имаат завршено најмалку средно училиште, додека жените кои се во брак со странци нема да бидат примени..

Минатата година министерот за правда назначи 100 жени за нотаријат, а во јануари владин претставник рече дека Саудиска Арабија наскоро ќе започне да именува жени судии.

Пред да се случат овие промени, жените во Саудиска Арабија имаа многу ограничени можности за вработување. Тие главно работеа како наставнички или во владата.

Извор: balkans.aljazeera.net