Демократијата е девијација: Политичарите и лагите

24.02.2021 22:52
Демократијата е девијација: Политичарите и лагите


  Во официјалното писмо упатено до Вашингтон во 1944 година, Џорџ Кенан, советник во амбасадата на Соединетите Држави во Сталинова Москва, предупредил на окултната моќ што ја поседуваат лагите, додавајќи дека советското владеење „докажа некои чудни и вознемирувачки нешта за човековата природа“.

Помеѓу најважните, напишал тој, е тоа што е можно многумина да се „натераат да чувствуваат и да веруваат во практично што било“. Без оглед на тоа што нешто е сосем јасно неточно, додал: „за луѓето кои веруваат во тоа, тоа станува вистина. Тоа ја одржува сета валидност и сите моќи на една вистина“.

Согледувањата на Кенан, настанати врз основа на неговите искуства во Советскиот Сојуз, сега делуваат како мрачно пророштво за Америка во која десетина милиони луѓе веруваат во „вистината“ која ја измислил претседателот Доналд Трамп: дека Џозеф Бајден ги изгубил изборите во ноември и дека станал претседател користејќи се со лаги и измами.

Лажењето како политичка алатка не е ништо ново. Николо Макијавели уште во 16 век советувал владетелот да се обиде да биде чесен, но да лаже во моментот кога изговарањето на вистината би водело до „губење предност“. Луѓето не сакаат да ги лажете, сметал тој, „ но оној кој мами секогаш ќе најде некого да измами“.

Подготвеноста да ве измамат во последните години станала водечка одлика на политиката ширум светот, а особено во земјите како Унгарија, Полска, Турција и Филипини, со кои владеат популистички лидери многу умешни во разминувањето со вистината.

Јанез Јанша, десничарскиот популист кој во март стана премиер на Словенија брзо ја прифати лагата на Трамп дека овој победил. Јанша му честиташе на Трамп веднаш по изборите.

Дури и Британија, која себе се смета за бастион на демократијата, стана место на транспарентни но широко распространети невистини, гласајќи во 2016 за излез од Европската Унија откако приврзаниците на Брегзит тврдеа дека излегувањето од блокот ќе значи дека националната здравствена служба ќе има 350 милиони фунти неделно повеќе на располагање. Оние кои ја застапуваа оваа лага, вклучително и конзервативниот политичар кој подоцна ќе стане премиер, Борис Џонсон, подоцна признаа дека се работело за грешка – но тоа го кажале дури по гласањето.


Поголеми и многу покорозивни лаги се врежаа во Унгарија. Таму популистичкиот водач Виктор Орбан го претстави финансиерот и филнатроп Џорд Сорос, унгарски Евреин, како творец на пеколниот план да се уништи суверенитетот на земјата, родените Унгарци да се заменат со имигранти, и да се уништат традиционланите вредности.

Снагата на оваа теорија на завера, во која редовно има и примеси на антисемитизам, според Петар Креко, извршниот директор на истражувачката група „Political Capital“, која веќе долго го критикува Орбан, е во тоа што таа се додворува на „племенската состојба на свест“, според која сите прашања се само вечна борба помеѓу „доброто и злото, црното и белото“.

Политичките борби, вели тој, „се претворија во војна помеѓу доброто и лошото, а во војната се бара безусловна поддршка за водачот на своето племе. Доколку зборувате што било лошо против своите, тоа значи дека сте предавник, а предавниците треба да се прогонат“. Она што целата работа ја прави уште поопасна, додава Креко, е тоа што „трибализмот е природен облик на политиката: демократијата е всушност девијација“.

Во Полска, длабоко конзервативната партија Право и правда на Јарослав Качински, која е на власт од 2015 година, ја промовира својата теорија на завера. Таа се заснова на одамна разбиениот мит дека загинувањето на десетина високи полски службеници во 2010 година, помеѓу кои и братот на Качински – тогашниот претседател на Полска – во пад на авион во Русија, било последица на план скован во Москва, а што потоа противниците на партијата во Варшава се обиделе да го заташкаат.

Иако и полските и руските и независните експерти утврдиле дека за падот на авионот било виновно лошото време и грешка на пилотот, верувањето дека нештата не биле чисти се хранела и јакнела со ставовите на заколнатите приврзаници на Право и правда дека лидерите на дотогашните, центристички партии биле не само политички противници туку и предавници.

Употребната вредност на големите лаги е демонстрирана пред околу еден век. Тоа најпрво го направиле Сталин и Хитлер. Хитлер и го создал терминот „голема лага“ во 1925 година, и дошол на власт користејќи лаги дека Евреите биле одговорни за поразот на Германија во Првата светска војна. За германските и советските диктатори лажењето не било само навика, ниту згоден начин да се занемарат несаканите факти, туку основа на владеењето. Со лагите се ставале на проба гласачите и се јакнела лојалноста, бидејќи потчинетите морале да изговараат реченици за кои знаеле дека не се вистина; обичните луѓе, сфатил Хитлер, „полесно стануваат жртви на големите лаги отколку на малите лаги“ бидејќи, иако повремено искривуваат некои ситници во секојдневниот живот, „никогаш не би им паднало напамет да фабрикуваат колосални невистини“.

Промовирајќи ја колосалната невистина – дека победил, и тоа „убедливо“ - и држејќи се до тоа, Трамп ги разбеснил своите политички противници, но и некои од своите приврзаници. Па сепак, прифаќајќи ја оваа голема лага, тој тргнал во патеката која е често успешна – барем во земјите без независни судски системи или медиуми.


По дваесет години на власт во Русија, Владимир Путин, на пример, покажал дека Кенан бил во право кога токму од руската престолнина во 1944 пишувал: „Овде луѓето одлучуваат што е вистина а што лага.“

Многу од тврдењата на Путин се релативно мали, како оние дека новинарите кои ја разоткриле улогата на руските разузнавачи во труењето на опозициониот лидер Алексеј Навални работеле за ЦИА. Но постојат разлики помеѓу рускиот лидер и овој неодамнешниот американски, сега поразен, вели Нина Хрушчова, професорка и експертка за советска и друга пропаганда на Новата школа во Њујорк.

„Лагите на Путин не се како оние на Трамп: тие се тактични и опортунистички“, вели таа. „Тие не се стремат да го редефинираат целиот универзум. Тој продолжува да живее во стварниот свет.“

Наспроти своето воодушевување кон рускиот претседател, Трамп со своето инсистирање дека победил во ноември не го имитира Путин, но затоа позајмува многу од Сталин, кој, после катастофалната глад која на почетокот на триесеттите усмртила милиони луѓе, изјавил: „животот стана подобар, другари, животот стана посреќен“.

„Тоа претставува голема лага“, вели Хрушчова. „Таа прекрива сѐ, таа ја редефинира стварноста. Во неа нема дупка. Морате да ја прифатите работата во целост или сѐ се руши. А тоа се случи со Советскиот сојуз. Се сруши.“

Дали ќе се сруши и Трамповиот универзум, сега кога поединечните сојзуници му го свртеа грбот и кога Твитер му го одзеде најсилното оружје, и натаму е отворено прашање. Дури и по опсадата на Капитол, повеќе од стотина членови на Конгресот гласаа против исходите на изборот. Милиони луѓе и натаму му веруваат, оснажени од меурите на социјалните мрежи.

Во Русија, Унгарија и Турција, сфаќањето дека „оној другиот“ не смее да дојде во ситуација да ја предложи својата верзија на реалноста довело до затворање на весниците и на другите медиуми.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, затворил повеќе од стотина медиуми и, со помош на закани за даночна инспекција и други агенции, ги натерал водечките весници и телевизиски станици да го предадат сопствеништвото на лојалистите. Нападот започнал во 2008 година, кога Ердоган и неговите сојузници соопштиле дека е разоткриена подземна мрежа на заговарачи и суберзивни елементи помеѓу вишите воени офицери, писателите, професорите, уредниците и многу други.

„Таа група е целосно измислена“, вели Сонер Чагаптај, директор на Турската истражувачка програма на Вашингтонскиот институт за блискоисточна политика.

Оваа голема лага, изградена околу неколку ситни факти, не само што ги убедила побожните муслимани на кои не им се допаѓала секуларната елита на државата, туку и либералите, кои сметале дека војската е најголемата закана за демократијата. Судењата траеле со години, сѐ додека Ердоган не признал дека сето тоа била измама.

Секоја генерација се шокира кога ќе спознае дека лидерите лажат, а дека луѓето им веруваат. „Лажењето никогаш не било волку раширено. Ниту волку некотролирано, систематско, константно“ напишал францускиот философ од руско потекло Александар Коаре во својот есеј од 1943 година наречен „Размисли за лажењето“.

Извор: Nedeljnik
Слики: Nate Kitch

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото