Sisters with Transistors: пионерките на електронската музика

24.02.2021 23:33
Sisters with Transistors: пионерките на електронската музика

 


 Во дваесеттите години од минатиот век, рускиот физичар Леон Теремин го претставил музичкиот инструмент, именуван според него, теремин, кој се свирел без каков било физички контакт. Изведувачите стоеле пред кутијата и мафтале со рацете преку антената, на тој начин произведувајќи необични мелодии од воздухот – барем така изгледало. Теереминот би се сметал за минлива новост да не била покојната Клара Рокмур, уметницата која помогнала да се усоврши дизајнот на овој инструмент и со своите настапи ја одушевила публиката ширум светот.


Рокмур е само една фигура во долгата низа жени кои го промениле обликот и звукот на модерната музика - често дискретно. Режисерката Лиса Ровнер вели: „Кога луѓето ќе помислат на електронска музика, во повеќето случаи помислуваат на мажи како притискаат копчиња на миксета.“

Новиот документарец „Sisters with Transistors“ (Сестри со транзистори), каде Ровнер е авторка, ја покажува вистинската историја. Со нарација на музичарката Лори Андерсон, филмот ги слави достигнувањата на раните пионирки како Дафне Орам, која BBC ја ангажирале како студиски инженер во 1940-те. По неколку часа Орам започнала да снима звуци на магнетна трака. Токму нејзините експерименти довеле до основање на Радиофонската работилница на BBC во 1958 година. Втората пионирка, Делија Дербишајр, креирала звуци за речиси 200 програми на BBC, вклучително и прочуената уводна шпица на научнофантастичната серија „Doctor Who“, која започнала со емитување во 1963 година.

Набрзо следеле модуларни синтисајзери, а развојот на првите комерцијално достапни модели го воделе жени. Венди Карлос ја советувала Роберта Муга за дизајнот на првиот синтисајзер налик на тастатура и го претставила на пошироката јавност на нејзиниот албум „Switched-On Bach“ од 1968, кој бил продаден во повеќе од милион примероци. Сузан Чиани го увидела креативниот потенцијал на современиот систем кој го дизајнирал Дон Букла а кој на уметниците им овозможувал да ги поврзуваат компонентните со цел да ги контролираат карактеристиките на звукот како што се висината и тонот.


Лори Шпигел, композиторка школувана на универзитетот Џулијард, ја опишува оваа технологија како револуционерна. „Начинот на кој порано се компонираше е така што земавме хартија и молив и пишувавме упатство за некој друг да го изведе тоа“, се сеќава таа. Слободна да оствари сопствена креативна визија, Шпигел програмирала компјутерски системи за генерирање музика, додека во 70-ите работела како истражувачка во Bell Labs. Можела да обликува целосно нови звуци, како и варијации внатре во самиот звук, и својата музика да ја дели директно со публиката.

Во 1977 година нејзината работа била забележана од НАСА. Нејзината интерпретација на композицијата „Harmonices Mundi“ од Јоханес Кеплер е вклучена во Voyager Golden Records, лансиран во вселената да го претставува целото човештво. Меѓутоа, таа брзо истакнува дека пречесто ја доживуваат како аномалија. Шпигел била дел од активна заедница жени кои биле поврзани со универзитетските и непрофитни студија за електронска музика во Њујорк и околината. Некои од тие студиа, како Harvestworks постојат и денес.

Во одредена смисла, сета музика сега е „електронска“, бидејќи и дигиталната технологија е сеприсутен дел од начинот на кој се прават и се трошат нумерите и албумите. Но композиторката Џанин Џексон, која се занимава со истражување на историските настани и на тековните општествени прашања, вели дека сѐ уште има доволно простор за иновации и создавање наследство.

„Моето креативно патување со електронската музика е фокусирано на обидите за пронаоѓање на глас“, вели Џексон, „афроамерикански глас, ЛГБТ глас, женски глас – пресек на овие гласови“. Се надева дека создавачите на утрешнината ќе го прошират пристапот до алатките и ќе добијат поголемо признание за својата работа.

Премиерно прикажан на SXSW минатата година, документарниот филм „Sisters with Transistors“ е прикажуван на престижни американски и меѓународни фестивали, вклучително и на Sundance и AFI. Овој филм ќе може да се гледа напролет на сите стриминг платформи.

Извор: Zoomer

ОкоБоли главаВицФото