Смрт во семејството

25.02.2021 14:33
Смрт во семејството

Ова не е текст за Ѓорѓе Балашевиќ. Не е ниту за неговата смрт. За него пишуваат и ќе пишуваат оние кои подобро го познаваа, ги слушаа неговите песни и го сакаа повеќе од мене. Ова е текст за Југославија и нејзината смрт. Во текстот се поставува прашањето: Колку пати може да умре една земја, т.е. конкретно, Југославија? Синоќа, пораките на заедништво во тагата се размавтаа низ Југославија. Збогувајќи се од Балашевиќ, многумина од нас, уште еднаш се збогуваа со Југославија.

Преку разни мрежи, на читателот, како и мене, верувам дека му доаѓаше: не сум бил посветен љубител на неговата музика, но вечерва чувствувам дека тагата и загубата се преголеми. Можеби и читателот како и јас, синоќа на ХРТ повторно ја гледаше снимката од концертот во Пула, во 2001 година. И очите му беа полни солзи додека во првите редови пред бината ги гледаше децата родени по Југославија, како во еден глас ги пеат песните на кои, по прирадата на нештата, не може да се сеќаваат, и така сепак, можеби и несакајќи ја живеат Југославија.

Ако гледал, читателот ги видел и средовечните луѓе по рабовите на арената во Пула: седат на трибините како во времеплов. Се потсетуваат...Навистина, на што се сеќаваат?

Сеќавањето на Југославија е како шпанска серија – сапуница на „пијанство и кич“. Силни страсти, неуверливи заплети и уште полоши расплети. Сплет на љубов и омраза со пеење и пукање. Како во песните на Балашевиќ – на работ на кичот и преку тој раб. Затоа толку лесно се идентификуваме со нив. Тоа се песни на нашите животи, токму зато што се кич. Нашите животи се – кич. Веднаш да се разбереме, не мислам дека во тоа има нешто лошо за Балашевиќ. Да ни беа животите (југословенските, а особено постјугословенските) со повеќе смисла, верувам дека Балашевиќ би пишувал поинакви песни.

Така тоа излегува кога бедните и преку секоја мерка, лоши јунаци без кои не може да се замисли ниедна сапуница, ќе навлезат во вистинскиот свет и ќе почнат да го обликуваат по сопствена мера. Ако не ги избркаме на време, почнуваме да ги живееме нивните фикции. А тука нема место за нијанси и внимателно расудување. Само силни емоции и брзи и површни заклучоци Но, впечатокот за површноста е погрешен. Затоа што во тој едноставен, плочест, црно-бел свет секогаш се заклучува и избира помеѓу доброто и лошото. Колку и да е рамен, длабочината на (моралниот) пад во тој свет е загарантирана.

Балашевиќ, пак, се покажа како непогрешлив судија на страната на доброто. Тоа на неговиот кич му дава една повисока – морална вредност. Кога се идентификуваме со неговите песни и кога му се предаваме на јадот и болката во нив, ние заправо сакаме и себе си да се видиме подобри отколку што инаку сме. На истиот начин се сеќаваме и на Југославија. По сите промашени одлуки и нивните грди исходи, се сеќаваме на некои подобри верзии од нас самите. Тука, во тој измислен подобар свет се среќаваат гледачите од трибините на работ на арената и децата од првите редови, кога заедно, во еден глас ги пеат песните на Балашевиќ, т.е. на Југославија.

Затоа ширум Југославја течеа солзи и кога починаа и Оливер Драгојевиќ, и неодамна Мира Фурлан, но и кога погина Тоше Проески, кому фактичката Југославија, како и на неговата публика, тешко дека би можела да им значи нешто.

Југославија се буди секојпат кога ни е тешко, кога помислуваме дека сме во неволја и кога соседите ќе ни подадат рака и ќе ни кажат – не сте сами. Да, чист кич. Но морално супериорен кич. Тоа го гледавме, да речеме, во 2014 година кога на плоштадот во Скопје, Македонците носеа и оставаа помош за настраданите во поплавите во Србија. Го гледавме тоа и неодамна кога пораките на утеха од оваа страна на Дунав тргнаа кон Загреб, настрадан во земјотрес. Тие своевидни канали на солидарноста ги копаа и ги одржуваа заедно со другите, секој на свој начин – и Проески, Драгојевиќ, Фурлан, Балашевиќ.

Во југословенската сапуница, наспроти злите негативци, тие се позитивни суперхерои. На разорната моќ на реалната политика ѝ одговараше позитивната симболична моќ на популарната култура. Исходот на тој нерамноправен судир мораше да биде трагичен: од едната страна гола сила, од другата страна...Навистина, што е од другата страна: неколку песни, приказни, филмови. Но таква каква што е, нематеријална и флуидна, понекогаш скудна во своите содржини, популарната култура сепак е неуништлива. Сапуниците стремат своите едноставни модели да ги развиваат во недоглед. Така и Југославија. Со неа и Балашевиќ.

Колку пати може да умре Југославија? Безброј. Југославија е вечна. Како песна на Балашевиќ.

Извор: Peščanik.net

 

Слични содржини

Балкан / Став
Балкан / Став

ОкоБоли главаВицФото