Се здружуваат десничарските, расистичките и апокалиптичните движења

26.02.2021 00:18
Се здружуваат десничарските, расистичките и апокалиптичните движења

Кога минатиот месец бунтовниците упаднаа на Капитол во Вашингтон, ултрадесничарските екстремисти од другата страна на Атлантикот беа воодушевени. Јирген Елзесер, уредник на најпознатото десничарско списание во Германија, гледал сè од својот кауч.

„Го следевме тоа како да е фудбалски натпревар“, вели тој.

Четири месеци претходно, Елзесер присуствуваше на еден марш во Берлин, кога дел од десничарските демонстранти се обидоа - неуспешно - да се втурнат во зградата на германскиот парламент. Не му беше тешко да ја согледа паралелата.

„Фактот дека тие впрочем успеаја да влезат ни ја зголеми надежта дека постои план“, вели тој. „Беше јасно дека ова е нешто поголемо.“

И навистина е поголемо. Следбениците на расистичките десничарски движења ширум светот имаат повеќе заеднички нешта од идеологијата. Германските екстремисти патуваа во САД на натпревари во пукање со снајпер. Американските неонацисти ги посетија колегите од Европа. Милитанти од разни земји се дружат во кампови од Русија и Украина до Јужна Африка.

Екстремистите со години споделуваат идеологија и инспирација, живеејќи на маргините од општеството и во најзафрлените длабочини на интернетот. Но сега настаните од 6 јануари во Капитол го соголија нивниот насилен потенцијал.

На нивните онлајн мрежи, многумина сепак го отфрлија влегувањето во Капитол, како аматеризам. Некои ги пренесуваа лагите кои пристигнуваа од каналите поврзани со Кју Анон во САД: дека впрочем сè е претстава која ја режирала левицата, за да се оправда ударот на следбениците на претседателот Доналд Трамп. Но многу други видоа бројни поуки и доуки - како да се продолжи до крајната цел, рушење на демократската власт, на многу поуиграни, многу поконкретни начини.

Тоа е закана која разузнавачите, особено во Германија, ја сметаат за сериозна.

„Десничарските екстремисти, корона-скептиците и неонацистите се вознемирени“, вели Стефан Крамер, челникот на разузнавачката служба во германската сојузна држава Тирингија, на просторот на некогашна Источна Германија. Тоа е опасен меланж на восхитеност што демонстрантите во Вашингтон успеаја да стигнат толку далеку и фрустрација што не успеаја да изведат државен удар ниту да предизвикаат граѓанска војна, додава тој.

Јирген Елзесер

Онлајн средби и средби лице в лице

Тешко е да се утврди колку се длабоки и трајни врските помеѓу американската радикална десница и нивните европски ортаци. Но службениците сè повеќе се загрижени заради мрежата дифузни меѓународни врски и загрижени се дека овие мрежи станаа само поодлучни после 6 јануари.

Неодамнешниот извештај кој го изработи германското министерство за надворешни работи го опишува „новото транснационално движење како движење без лидери, насочено кон апокалипса, насилно и екстремистичко“, кое се појави изминатава деценија.

Екстремистите оживеаја заради истите теории на заговор и наративот за „геноцид над белците“ и „големата замена“ на европската популација со имигрантите, стои во извештајот.

Тие посетуваат исти места на интернет и се среќаваат лице в лице на десничарски музички фестивали, мечеви со мешовити боречки вештини и митинзи.

„Неонацистичката сцена е добро поврзана“, наведува Крамер. „Не зборуваме само за Фејсбук. Туку дека тие патуваат едни кај други, се среќаваат, слават заедно.“

Тренинг камповите внесоа немир кај полицијата и разузнавачите. Тие се загрижени дека таквите активности би можеле да бидат само темел за многу поорганизирано и многу попромислено насилство.

А некаде екстремистите се инспирираат за да извршуваат убиства.

Манифестите исполнети со омраза кои ги составија Андерс Брејвик, одговорен за смртта на 77 лица во Норвешка во 2011 година, и Дилан Руф, американски бел супрематист кој уби девет црни членови од паствата на една црква во Јужна Каролина четири години подоцна, влијаеја на Брентон Харисон Тарант, кој во живо го пренесуваше убиството на повеќе од педесет муслимани во Крајстчрч во Нов Зеланд, 2019 година.

Манифестот на Тарант, пак, го инспирираше Патрик Крузиус, кој уби 22 лица во Ел Пасо во Тексас, како и еден Норвежанец кој беше совладан пред да убие луѓе во една џамија во Осло.

Елзесер, уредникот на списанието „Компакт“, кое е екстремистичко според класификацијата на германските разузнавачки агенции, го опиша упадот во Капитол како „чесен обид“ кој беше неуспешен заради недоволно добриот план.

Мартин Зелнер

„Упадот на демонстрантите во парламентот може да претставува почеток на револуција“, напиша тој после бунтот. „Но револуцијата може да биде успешна исклучиво ако е организирана.“

Меѓу оние кои ја охрабрија мобилизацијата која ја видовме на телевизија на 6 јануари, беше и Мартин Зелнер, челникот на австрискиот огранок на паневропското десничарско движење „Genration Identity“.

Ова движење се залага за ненасилни методи, но популаризираше идеи како „големата замена“ и ги разгоруваше антиимигрантските ставови во Австрија и надвор од неа.

По случувањата во Капитол, Зелнер напиша: „Бесот, притисокот и револуционерниот полет кај патриотот, во принцип, претставуваат позитивен потенцијал.“

Зелнеровиот пример ги персонифицира дострелите на сè поглобалното движење. Тој е добро поврзан со активисти од Европа и САД. Негова сопруга Британи Петибоун, е ѕвезда на Јутјуб и американската алтернативна десница која интервјуираше бројни европски екстремисти, како британскиот националист Томи Робинсон.

Робинсон виртуелно се состануваше и со водачот на американската група „Прауд бојс“, Енрике Тарио. Во ноември разговараа цели деведесет минути, дискутирајќи за резултатите од американските избори.

Зборуваа за заедничката борба против либералите, антифа (лабаво поврзана група ултралевичарски антифашистички активисти) и големите технолошки компании кои ги отстранија и двајцата од своите платформи.

За изборите во САД зборуваа на речиси егзистенцијален начин, предупредувајќи дека десницата, доколку не направи сè за да го задржи Трамп на власт, ќе биде уништена. Ова делуваше како подготовка или разработка на план за упад во Капитол.

Демократите, наведе Робинсон во еден момент, „ќе ве заменат и вас, како што нè заменија нас“.

„Границите ќе се отворат и наместо вас, ќе дојдат некои странци“, додаде тој.

Томи Робинсон

Подемот во Европа

Неколку членови на „Прауд бојс“, на кои Трамп им рече „да се повлечат, но да бидат подготвени“, беа меѓу напаѓачите на Капитол.

На 19 октомври минатата година, „Прауд бојс“ во една од групите на апликацијата Телеграм соопштија дека виделе „зголемување на поддршката од Германија во последните неколку месеци“.

„Ја цениме вашата поддршка и се молиме за вашата земја“, стоеше во пораката на Телеграм, преведена на германски јазик. „Ги поддржуваме германските националисти кои не сакаат мигрантите да им ја уништат земјата.“

„Прауд бојс“ објавија и неколку видео снимки на кои се гледа пресметка на германската полиција со левичарските демонстранти во Берлин.

Иако рекоа дека Трамп е „тотален лузер“ откако се откажа од напаѓачите на Капитол и ја напушти Белата куќа, и натаму многу ги поддржуваат десничарските групи во другите земји, вклучувајќи ги Франција, Полска и Турција.

А како што Америка е и ѕвезда во теориите на заговор и Кју Анон преку Атлантикот, така и европските теории на заговор и дезинформациите го наоѓаат својот пат до САД.

Само неколку дена после изборите, германските следбеници на Кју Анон ширеа лажни информации кои, според нив, докажуваат дека гласовите впрочем се броеле на фарма на северот во Франкфурт.

Според нив, за тоа е одговорна ЦИА.

Дезинформацијата, чиј извор го пронајде германскиот истражувач Јозеф Холнбургер на еден германски профил, доби замав кога ја сподели барем еден огранок на Алтернатива за Германија, десничарска политичка партија позната по кратенката АфД.

Но експертите не се толку убедени во способноста на трансатлантското поврзување на десните групи.

Речиси сите такви обиди после Втората светска војна пропаднаа, вели Антон Шеховцов, експерт за европската десница од Универзитетот во Виена.

Еден од таквите обиди го предводеше и Стивен Бенон, архитект на успешната претседателска кампања на Трамп.

Тој посети неколку европски земји во обид да ги зајакне врските помеѓу популистичките националистички партии како Националниот сојуз на Марин Ле Пен во Франција и Алтернатива за Германија.

„Тоа беше фијаско“, вели Шеховцов.

Разлики кои (не) болат

И меѓу следбениците на десните двжења постои дилема дали таквите сојузи се вредни или изводливи.

„Тие сакаат да разменуваат идеи, мемиња, логоа“, вели Зелнер. „Но политичките сцени во Европа и Америка се мошне различни“

Риналдо Назаро, американски основач на меѓународната националистичка група „The Base“, сега живее со самонаметнат егзил во Санкт Петербург во Русија, но вели дека не му паѓа на ум да се поврзе со руските националистички групи.

Други, како Метју Хајмбах, организатор на насилните десничарски протести во Шарлотсвил во Вирџинија, имаат поинакво мислење.

„Американските припадници на радикалната десница и американските групи со бели националисти веќе со години чекаа европските колеги да им го возвратат повикот“, вели Хајмбах, кој тврди дека се откажал од белечкиот национализам.

Тој со години, со слаб успех, се обидуваше да воспостави врски со слични групи во Чешката Република, Германија и Грција.

Во 2017 година дури и прими делегација на екстремистичкото Руско империјално движење, пред САД да ја внесат оваа организација на листата терористи и да им забранат влез во земјата.

Членовите на групата, кои организираат паравоени кампови во кои руски и странски националисти добиваат основни знаења од воените тактики, ги посетија САД за две недели.

Фотографиите од патувањето го прикажуваат Хајмбах и еден од водачите на групата, Станислав Шевчук, како позираат со руското царско знаме пред Белата куќа и Капитол.

„Патувањето“, напиша Шевчук, „ми ги отвори очите дека постои и различна Америка на алтернативната десница, и бев убеден дека ние Русите имаме многу заеднички нешта со нив“.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report

Слични содржини

Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото