Колку добро се плачеше некогаш

26.02.2021 14:09
Како добро се плачеше некогаш

Ѓорѓе Балашевиќ мораше добро да се потруди за да кај мене ја избрише дамката од онаа песна во која му ветува на системот дека треба да смета на нив. Тоа го направи релативно брзо и доби не само простување, туку и обожување, зашто тогаш и секогаш потоа ме изразуваше: тоа беа песните „Свирајте ми Јесен стиже, дуњо моја“ и „Панонски морнар“. И тоа обожување речиси секогаш го следеа солзите. Со мајка ми пречанска средоземка, паѓав во рамничарски севдах, повеќе заради неа Потоа и самата развив морски копнеж и со него љубов кон панонска Словенија. Само по себе тоа е знак дека не сум Словенка, зашто подеднакво го сакам (со приплакување) малото словенечко море и рамнините околу Драва. А на стари години некако се помирив и со Алпите, но тоа не е она вистинското: не предизвикува солзи.

Ѓорѓе Балашевиќ најумилно од сите кажа што мисли за стариот систем, новиот систем, национализмот, глупоста, корупцијата, војната, војската, нетолеранцијата и сè друго што ја уништи земјата, нашите животи, љубовта и накратко, светот во кој живеевме. Се викаше Југославија и можеше да се поправи наместо да биде уништен. Со својата иронија, самоиронија и чувствителност, кои можат да се мерат со сличните особини на Жорж Брасанс, Ѓорѓе Балашевиќ стана сеопшт Лала на исчезнатата држава и до последната солза ја бранеше нејзината „нематеријална култура“ - шареноликоста, смеата, циничниот поглед, вистинската тага. Кога почнаа гадно да го гонат во родниот крај, тој најде засолниште во Словенија, поточно во Марибор - таму, на падините на Панонското море. Неговите концерти во Словенија привлекуваа илјадници Хрвати, зашто и кај нив, извесно време не смееше да се појави. Затоа пак, Истра го прифати - погледнете ја снимката на легендарниот концерт во Пула. Кога првпат за време на војната имаше концерт во Љубљана, тој ја поздрави публиката со „Здраво, татковино!“ и доживеа овации со масовно плачење на неколку илјади луѓе. Иако имаше и некаква песничка со јанези, но јанезите не се навредија - уште помалку нејанезите.

Ѓорѓе Балашевиќ успеа со мешавината на своите остри урбани песни и својот локален лиризам да направи нешто што означуваше сè и што се однесуваше на сите: нели пред војната, во Сараево пееше против војната? Неговиот повремено и намерно одбран изговор на бачкото „ш“ (Како добро се јадеше некогаш), само по себе беше знак на препознавање на кој сите реагираа.

И уште нешто за солзите: се разбира дека за време на војната не ни беше до смеење: им се смеевме на филмовите на страв и ужас и ладилниците со брдо трупови за да го сочуваме разумот за вистинските грозотии. Плачењето, особено во друштво, беше поврзано со сликите, асоцијациите, музиката и благотворно дејствуваше врз сите учесници. Дома го пуштавме Балашевиќ за да нè поттикне да работиме, пишуваме, готвење, со кафе наутро, напладне и навечер, да се слушне на улица, да привлече слични на чашка, на прозорецот...Сега, за време на епидмијата, повторно го доби своето место во домашниот ред како ефикасно средство против бесмислата.

Минатата година, за време на масовните протести во Љубљана имаше неколку диџеи со озвучување на велосипед, кои ги бодреа луѓето, а и на програмите имаше по некоја песна од Балашевиќ. Трансгенерациска навика, вообичаено место на добрата и паметна песна, самостоен избор на татковина која не нè гмечи и убива. Во еден таков момент се најдов помеѓу една постара госпоѓа со стапови и две загрејани млади девојки на велосипед: сите три плачеа на песната на Балашевиќ што ми даде слобода и самата неказнето да се расплачам, а потоа сите четири заверенички се насмевнавме. Затоа што насмевката стана исходиште на солзите, само со Балашевиќ.

Сега, кога веќе го нема, дозволено е само едно плачење за него, сè што остана мора да биде насмевка, памет и сето она што никогаш нема да го дадеме.

Извор: Peščanik.net

 

ОкоБоли главаВицФото