Екстремна облека за екстремна толпа

27.02.2021 16:11
Екстремна облека за екстремна толпа

Дојдоа облечени за хаос. Дојдоа со црвено – сина – бела боја за лице и костими за суперхерои со ѕвезди и линии, со капи (да, американски, но и со мотиви на Конфедерацијата или на Трамп) со јакни и шапки на кои беше нацртан Трамп. Еден дојде облечен како патриотска патка; друг како белоглав орел; трет како некаква мешавина на средновековен витез и Капетан Америка; а тука беше и Абрахам Линколн. Некои беа подготвени за борба, некои носеа животинско крзно, еден се појави маскиран како трева. Сигнаа утрото, на 6 јануари кога беше одржан првиот митинг за Трамп, во близина на Белата куќа. Дојдоа да ја покажат својата верба и да го подметнат движењето „Сопрете ја кражбата“, истиот ден кога Конгресот требаше да заседава и да издаде сертификати за електорскиот колеџ, Џозеф Бајден да го прогласи за победник на американските избори во 2020 година.

И се претворија во толпа.

Како беа облечени демонстрантите кога упаднаа во Капитол, можеби делува како најмалку значајно прашање, но нивните избори помогнаа да се засили лудилото на целиот настан, кога наговестувањето на агресијата стана реалност.

Протестите секогаш имаат некои свои униформи, на тој начин незадоволните поединци ја изразуваат својата заедничка цел. Но, овојпат кохезијата се скрши кај воинствените бои и прималните крици на патриотизам. Тоа беше крик на побуна, пред и да започне побуната.

Заборавете на белите пантолони и розовите шешири на поранешните востанија. Овде се работеше за гардероба која ги уриваше и конвенциите и општествено прифатениот консензус за стил. Облека која всушност не е облека, туку се претворила во костими, кои како да стигнале од големото платно или од некоја видео игра.

Кога зад себе ќе ги оставите тотемите на својот вообичаен идентитет се ослободувате и од законите кои владеат со тој идентитет и кога ќе се соживеете со некој друг лик – граничар, ловец, воин, дури и суперхерој, тоа потоа може да се искриви во темното огледало и да стане униформа на една побуна. Немаше појасна претстава за тоа од оној маж без маица, облечен во нешто што изгледаше како качулка и шлем со рогови, со обоено лице и тело, кој стои и се смее покрај масата во една од просториите на Сенатот. Се однесуваше како да припаѓа тука откако избраните законодавци безглаво избегаа исплашени за својата безбедност.

Се чинеше дека нормална одежда не може да ја поднесе екстремноста на оваа ситуација. Едноставно побуната мораше да биде изразена со чудесна гардероба, која врескаше „забележете ме“, која одбиваше да се потчини на правилата затоа што целата поента беше (како што зборуваше претседателот Трамп)дека не може да им се верува на правилата. Наместо тоа, правилата мора да се искинат, а кој тоа подобро може да го направи од ликот што потсетува на стрип јунакот Хи-Мен.

На почетокот додека митингот беше уште нераспламтен, гардеробата изгледаше како да е шеговита. Постои ли подобар начин присутните да се одвојат од вашингтонскиот естаблишмент, кој го сметаа за непријателски (зашто така им кажал претседателот Доналд Трамп), отколку на најапсурдни можни визуелни начини да ја отфрлат униформата на тој естаблишмент? Во зградата на Капитол, преседавачката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, носеше фустан во боја на син сафир, а мнозинството сенатори и пратеници беа облечени во темни костуми. Никој слично облечен не можеше да се види на улицата.

Некој кој навистина многу долго време живеел во пештера би можел да помисли дека налетал на прослава на Ноќ на вештерките, а не на почеток на вооружена побуна што ја поттикнал еден претседател.

Освен што стана болно очигледно дека постои фина разлика помеѓу комедијата и хоророт (повеќе за тоа можат да ви кажат кловновите кои мака мачат со Џокер), а маскирањето има свое сопствено мрачно минато.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото