Загадувањето со микропластика стигна и до плацентата на новороденчињата

01.03.2021 01:18
Загадувањето со микропластика стигна и до плацентата на новороденчињата

Изминатава година не престана да нè бомбардира со застрашувачки сознанија. Но веројатно самите сме виновни за поголемиот дел од нив.

Едно истражување пронајде честички микропластика во постелката на неродени бебиња, што истражувачите го означија како „причина за сериозна загриженост“.

Студиите веќе покажаа дека секојдневно внесуваме околу 330 ситни парчиња пластика, со големина на семе од сусам или помали. Но релативно непознато е во која мера овие честички успеале да се вовлечат во нашите органи и какви последици оставаат. Научниците се плашат дека во себе би можеле да содржат хемикалии кои би можеле да нанесат долготрајна штета или да го пореметат имуниот систем на фетусот во развој.

Новото истражување откри микропластични честички во постелката на четири здрави жени кои имале и нормална бременост и уредно породување. Овие честички мајките веројатно ги внеле или ги вдишале. Откриени се и на феталната и на страната на плацентата на мајката, но и во мембраната во која се развива фетусот.

Иако кај секоја мајка биле пронајдени десетина пластични честички, испитани се само четири проценти од постелката, што значи дека реалниот број би можел да биде поголем. Сите честички имале траги од пигмент со црвена, сина, портокалова или виолетова боја, што можеби изворно доаѓале од амбалажа, боја или козметика и производи за лична нега.

Антонио Рагуса

Заради исклучително малата големина од десет микрони (0,01 милиметри), тие можат да влезат во крвотокот и така можеби и во телото на бебето, но истражувачите не успеале да го утврдат тоа.

„Тоа е како да сте родиле бебе-киборг: веќе не е составено само од човечки клетки, туку од мешавина на биолошки и неоргански супстанци“, рече Антонио Рагуса, директор по акушерство и гинекологија во болницата Сан Џовани Калибита Фатебенефратели во Рим, кој е водечки истражувач во студијата. „Мајките беа шокирани.“

Истражувањето со назив „Пластицента: прв доказ за микропластика во човечка постелка“ е објавено во списанието Енвајронмент Интернешнл. Истражувачите во статијата го наведуваат следното: „Заради пресудната улога на плацентата во поддршката на развојот на плодот и во интеракција со надворешното опкружување, присуството на потенцијално штетните честички пластика е причина за сериозна загриженост. Потребно е да се извршат понатамошни студии за да се процени дали присуството на микропластика може да иницира имунитетски одговор или да доведе до ослободување на токсичните загадувачи, што му штети на организмот“.

Микропластиката потенцијално може да го попречи растот на фетусот и да предизвика пееклампсија (компликација на бременоста која се карактеризира со висок крвен притисок и знаци на оштетување на другите органи, најчесто ја црниот дроб и бубрезите), се наведува во студијата. Во студијата учествувале уште две жени и кај нив во постелката не е најдена микропластика, што можеби е резултат на различна физиологија, исхрана или начин на живот.

За да се спречи пластична контаминација на постелката, во болниците инсистираат на пакувања без пластика. Акушерите и бабиците користат памучни ракавици за помош на родилките, а при спроведување на истражувањето биле користени и само памучни крпи. Папочната врвка исто така е пресечена со метални ножици, избегнувајќи контакт со пластичен материјал.

Елизабет Салтер Грин

Елизабет Салтер Грин, од добротворната организација Хем Траст која се бори за побезбедни хемикалии, за Гардијан рече дека „бебињата се раѓаат презагадени“. Иако студијата била мала, рече дека и натаму предизвикува сериозна загриженост.

Откривајќи неколку застрашувачки начини на кои микропластиката може да дојде до плацентата но и подлабоко во човечкото тело, студијата продолжува од постоечкото истражување кое веќе нè предупреди на загадувањето со микропластика.

Во октомври научниците открија дека бебињата ширум светот, кои биле хранети со адаптирано млеко во пластични шишиња, голтаат милиони честички дневно. А во 2019 година истражувачите известија дека откриле честички од загаден воздух на феталната страна од плацентата, укажувајќи дека и неродените бебиња се изложени на загадување предизвикано од автомобилскиот сообраќај и согорувањето на фосилните горива.

Тешко е да се каже колку длабоко продрела микропластиката во нашата околина, а сега, дури и во нашите тела. Но, важно е да се напомене дека, иако сè уште немаме сознанија во врска со нивните последици на човечкото тело, веќе знаеме дека за другите битија, како морскиот живот, таа може да има катастрофални ефекти, вклучувајќи го нарушувањето на репродуктивните системи, застој во растот, намален апетит, воспаление на ткивата и оштетување на црниот дроб и променето однесување и исхрана.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.vice.com/