Ордите на Волстрит: Превртување на берзата наопаку

03.03.2021 01:08
Ордите на Волстрит: Превртување на берзата наопаку

Најголемата приказна на финансискиот пазар во последно време е апсурдна, мошне-сум-сигурен-дека-ја-исхалуцинирав драмата во врска со компанијата ГејмСтоп, пропаднат ритрејлер со видео игри кој се најде среде војна со високи влогови помеѓу оделата од Волстрит и крстоносниот интернет џган.

Наједноставно објаснување за она што се случи е дека толпа хиперонлајн штетници од форумот R/WallStreetBets на Реддит одлучи дека би било забавно и единствено праведно (а можеби и профитабилно) да се изведе таканаречен „short squeeze“ така што ќе се напумпа вредноста на акциите на ГејмСтоп и ќе ги фати во замка моќните инвестициски фондови кои сметаа дека цената ќе остане иста.

Во рок од два дена ГејмСтоп стана компанија со чии акции најмногу се тргуваше во светот. Илон Маск и уште неколкумина застанаа зад корисниците на Реддит кои на r/WallStreetBets набрзо почнаа да објавуваат слики од инфлацијата на своите банкарски сметки. Иницијаторот на оваа сплетка тврди дека почетната инвестиција од 50 000 долари ја претворил во 40 милиони, а еден од инвестициските фондови кој ги шортуваше акциите на ГејмСтоп, Мелвин Капитал, мораше да позајми од други два инвеститори 2,75 милијарди долари за да се извлече од тргувањето со позајмени акции откако претрпе огромни загуби.

Во зависност од тоа кого ќе прашате, сагата ГејмСтоп е или лекција за тоа како група невнимателни бубалици можат да ја дестабилизираат берзата на шега, на таков начин што тоа веројатно спектакуларно ќе им се одбие од глава, или приказна за моралноста како онаа за Давид и Голијат за храбрата банда инвеститори кои ги надмудрија корумпираните финансиски елити. (Вистината е некаде помеѓу. Тука навистина постои и аспектот „освета на бубалиците“, но има и голем број богати инвеститори кои заработуваат преку ГејмСтоп, рамо до рамо со готвачите и средношколците.)

Во секој случај, најнеобичното нешто во врска со Волстрит кој го разниша група реддитовци е тоа што вакво нешто не се случило претходно. Овој вид популистички револт - бунтовници од интернет кои еуфорично му ги соблекуваат панталоните на естаблишментот - им се случува со години на многу моќни институции.

Издавачи на книги, филмски студија, ланци ресторани - сите беа принудени да им ја предадат моќта на своите онлајн критичари. И нашата политика ја трансформираа интернет активисти, ТикТок тинејџери кои ги саботираа претседателските митинзи и господарите на мемињата од Твич кои упаднаа во Капитол.

Без оглед какви се нивните цели - нарушување на берзата, поништување на претседателските избори, менување на графиката во филмот Соник - овие бунтови кои никнуваат на интернет главно следат сличен образец. Еден ден, една група одлучува да преземе нешто против системот кој го перципира како неморален или корумпиран. Членовите ги идентификуваат слабите точки на структурата на системот и пронаоѓаат креативни начини за да ги искористат, користејќи ги социјалните мрежи за видливост и влијание. Со доволно мотивирани луѓе кои туркаат во ист правец, на крајот победуваат или макар добиваат толку внимание за да имаат чувство дека победиле.

Овие онлајн крстоносни војни можат да се водат со добра или лоша вера, а некои од нив можат да бидат и длабоко деструктивни. (Класичен пример за битка со лоша вера е Гејмергејт, културолошка војна која почна во 2014 година како расправа околу текстовите во видео игрите, а потоа се претвори во токсична кампања на насилна мизогинија и расизам која ѝ го отвори патот на екстремната десница.) Од друга страна, најдобрите такви војни можат да го разнишаат статус кво-то: да ја раскринкаат неправдата, да ги преиспитаат застарените норми или да ги повикаат институциите на одговорност.

Волстрит е последна во низата моќни институции кои ја преплавија онлајн популистите, делумно и затоа што пречките за влегување беа поголеми. Секој со интернет конекција и Твитер профил може да започне хаштаг кампања, но тргувањето на берза бара пари - и одредено ниво на експертиза и временска посветеност - и затоа главно тоа им беше препуштено на професионалците.

Апликациите на паметните телефони за тргување на берза како Робин Худ го променија тоа, воведувајќи принцип на трговија без провизија и интерфејс кој ги поедностави процесите на берзата. Одеднаш, милиони аматери можеа да се организираат, да генерираат сопствено истражување на пазарот и инвестициските тези, да предизвикаат еуфорија на Реддит и Тик Ток, и потоа да влезат во казино со големите момци.

На r/WallStreetBets ќе пронајдете есеи од трговци кои тврдат дека вложувањето во ГејмСтоп ги зајакнало во финансискиот систем кој нив и нивните семејства со години само ги експлоатирал и искористувал.

„Алчноста на врвот е апсолутно надвор од контрола и ваквите забавни приказни се опиплив доказ за тоа“, напиша еден корисник на 27 јануари. „Не им дозволувајте да ве изманипулираат за да мислите дека за вас е лошо да земете малку поголемо парче од колачот.“

Ако ги занемарите големите букви и интерниот жаргон, реддитовците се во право за многу нешта. Големите банки и инвестициските фондови играат по поинакви правила од ритејл инвеститорите. Банките од Волстрит добија пари за да се извлечат од финансиската криза во 2008 година, додека останатите страдаа. Дипломците од деловните школи во фенси одела нема да ви дадат подобар совет за инвестирање од типовите на Јутјуб.

Размислував за она што Мартин Гури го нарече „револт на јавноста“. Тој пишува дека интернетот ги зајакна обичните луѓе пружајќи им нови информации и средства со помош на кои можат да ги откријат недостатоците на системот и институциите кои управуваат со нивните животи. А кога ќе ги откријат, пишува Гури, тогаш граѓаните креваат бунт и од бес удираат по елитите и доминантните институции зашто ги лажеле.

Резултатот е еден вид осветнички нихилизам, потреба естаблишментот да се запали до темел, без јасна слика за она што би требало потоа да дојде на тоа место и да го замени.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International report

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото