Платформата за родова еднаквост бара да се ослободат работничките од работните обврски за да присуствуваат на Маршот за 8 март

04.03.2021 12:15
Платформата за родова еднаквост бара да се ослободат  работничките од работните обврски за да присуствуваат на Маршот за 8 март

Платформата за родова еднаквост апелира до работодавачите да ги ослободат работничките од обврски на 8 март (понеделник) од 14 до 17 часот, со цел да присуствуваат на овогодинешниот марш под наслов „Држава што не постапува е држава што силува“.

Платформата за родова еднаквост секоја година на 8ми март организира марш со цел унапредување на состојбите со правата на жените. Оваа година маршот е посветен на потребата од поголема заштита на жртвите во случајот „Јавна соба“ и кривичен прогон на сторителите на сексуално насилство и сексуално вознемирување. Со маршот ќе побараат систематска и доследна заштита на жртвите во сите случаи на насилство врз жени и родово засновано насилство, преку унапредување на работата на клучните институции.

„Бидејќи родово заснованото насилство е проблем кој го засега целото општество, па оттука истото е одговорност на сите чинители, работодавачите треба да го поддржат овој марш со тоа што ќе овозможат жените да присуствуваат. На ваков начин работодавачите ќе се претстават како општетсвено одговорни чинители кои застануваат на страна на жените жртви на насилство.“- велат од Платформата за родова еднаквост.

Насилството над жените ги засега и работните односи, од една страна, тоа се појавува и во работни средини, најчесто во форма на мобинг и вознемирување, за што работодавачите имаат обврска да преземат превентивни и заштитни мерки. Од друга страна, насилството над жените има негативно влијание на нивното здравје, работоспособност, посветеност на работата и кариерното унапредување создавајќи бариери за еднакво учество на пазарот на трудот.

Маршот ќе се одржи на 8 март со почеток во 15.00 часот пред МВР, а ќе заврши во Парк Жена Борец.

„Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група Јавна соба и сите жртви на родово засновано насилство. Зад статистиките стојат женски лица. Маршираме за да ги потсетиме интитуциите МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања.“ се вели во објавата за Маршот на 8 март.

 

ОкоБоли главаВицФото