1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Минатиот пат ве одведовме на патешествие низ дивата депонија на влезот во нас. Драчево. Ве покануваме да го прочитате тој текст и ве поздравуваме со уште две слики од локацијата.
Луксузно џакузи за најпребирливите вкусови
Ја пронајдовме и втората гума, во потрага сме по другите две
Додека ја пишувавме сторијата за ова возбудливо место, откривме уште една депонија која се наоѓа на само неколку стотици метри од оваа.
Помеѓу првата депонија десно од влезот во нас. Драчево и драчевските гробишта, на блискиот рид, се наоѓа вистинска посластица за љубителите на хорор-романите на Х.Ф.Лавкрафт или за секое обично зомби пост-апокалиптично семејство од нашата земја – еј, па кој не е таков!
Под самите гробишта се наоѓа уште една депонија. На ридот под неа се гледаат траги од камиони кои вредно носеле шут и отпад на местото, а од страните ќе ве пречекаат ѓубришта од секаков вид, дел оставен од привремените посетители.
Со оглед на падините и нерамните земјени патишта, се надеваме дека во иднина ова место ќе привлече нови авантуристи, за возбудливи оф-роад авантури по ѓубриштата, додека лименки и пластични шишиња прштат под крампоните на нивните маунтајн-бајк тркала, на возбудата ѝ нема крај!
Уживајте во сликите и ставете го ова место на вашата листа на 100 места кои треба да ги посетите за време на зомби-апокалипсата.
И таман се подготвувавме да го привршиме нашето патешествие, кога се искачивме на патот над гробиштата и таму нѐ пречека знак кој наговестуваше крај на авантурата.
Но, веднаш до знакот нѐ чекаа нови возбуди!
Тука некаде требаше да заврши нашиот патепис. Се одморивме на лежајот кој го гледате на фотографијата горе, уживајќи во пејзажот од тони ѓубре кое го посеале внимателните граѓани, а институциите се погрижиле да остане таму. Се разбира, туризмот мора да се одржува, како што на атрактивните зимувалишта за време на зима ридовите се прскаат со вештачки снег од топови, така и тука се расфрлаат рачни гранати полнети со ѓубре – се за татковината!
Поиздржливите можат да се упатат нагоре, кон патчињата низ дабовата шума, каде локалните жители берат Бадникови гранчиња пред Божиќ, и понатаму кон крстот кој надвиснал високо на ридот – место на нови депониски предизвици!
Нам, искрено, ни беше доста!
Ова е рутата која ја поминавме, а за повеќе информации, резервации и цени посетете го Државен инспекторат за животна средина.
Локација на депониите на Google maps
Извор: arno.mk