Јубилејна изложба „Иван Велков, 90 години од раѓањето“

04.03.2021 13:44
Јубилејна изложба „Иван Велков, 90 години од раѓањето“

Во Чифте амам денеска (4 март) ќе биде отворена јубилејната изложба „Иван Велков, 90 години од раѓањето“.

На изложбата, која ќе биде отворена до 30 март 2021 година, ќе бидат претставени 90-тина дела од сите творечки фази на Иван Велков, а истите се дел од колекциите на Националната галерија, Музејот на современата уметност, Скопје, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип, НУЦК „Антон Панов“, Струмица, семејството Велкови, како и на голем дел приватни сопственици.

Иван Велков (22.4.1930, Врање – 26.5.2008, Скопје) спаѓа во рангот на еминетните македонски сликари, воедно и универзитетски професор, припадник на повоената генерација уметници, кој одигра особено значајна улога за развојот на македонското сликарство во 1960-тите години.

„Иван Велков без двоумење се вбројува во рангот на најзначајните македонски автори заради фактот дека со своето творештво внесе сопствени иновации, но и дел од движењата од светската ликовна сцена кај нас. Во таа смисла треба да се респектира неговиот придонес во следењето на ликовната патека која помина низ повеќе препознатливи стилски сликарски насоки од кои го одбра оној сензибилитет што најадекватно можеше да го транскрибира со сопствениот визуелен дискурс. Иван Велков и припаѓа на повоената генерација уметници активни од шестата деценија која најчесто историчарите на уметноста ја дефинираат како „период на обнова“. По згаснувањето на соцреализмот и постарата, веќе формирана генерација, се појавува новата генерација млади уметници подготвени за експериментирање со сликата и пренесување на новите појави и иновации од опкружувањето и светот кои се залагаат за нови креативни изрази“, информираат од Национална галерија.

„Само за почеток ќе истакнеме дека во историјата на македонската ликовна сцена Велков се издвојува и е забележан како автор на препознатливи дела со експресионистичка, кубистичко-конструктивистичка, геометриска и лирска апстракција, кој одигра особено значајна улога за развојот на македонското сликарство во 60-тите години на ХХ век. По завршувањето на Ликовната академија во Белград, и по првичните експресионистички ликовни изрази, во периодот 1953-1955 година, Велков од 1956 година ги истражува новите простори на сликата со геометриски израз, односно кон сферите на (пост)кубизмот, апстракцијата, надреализмот. Неговата творечка активност и значење за македонската ликовна уметност секако дека веднаш е препознаена и валоризирана од страна на македонската критика и критиката од поранешните југословенски простори уште од почетоците на овој значаен период кој историски се карактеризира како преломно време во современата југословенска уметност“, стои во најавата за изложбата.

Значајните промени во македонската ликовна уметност се интензивираат и понатаму, во остварувањата на членовите на групата „Мугри“ (формирана во 1960 година) и стремежот кон фигуративни, надреално-симболични или асоцијативни решенија. Впрочем, Велков заедно со својот колега и пријател Петар Мазев биле иницијатори за формирање на познатата ликовна група “МУГРИ” во која членувале и Богољуб Ивковиќ, Ристо Калчевски, Димитар Кондовски, Спасе Куновски, Ристо Лозаноски и повремено Томо Шијак. Иако со сложен состав на групата, настапите на групата „Мугри“ не поминуваат незабележани од тогашната југословенска критика.

Слики: дел од изложбата „Иван Велков, 90 години од раѓањето“

Слични содржини

Став / Уметност

ОкоБоли главаВицФото