На антифашизмот му треба апдејт

05.03.2021 01:11
На антифашизмот му треба апдејт

Ништо не е фашизам, а сè е социјализам. Вклучувајќи ги даноците, родовата еднаквост па и самиот фашизам. Така накратко би звучела содржајната формула на која се темелат аргументациските тактики на современата (екстремна) десница. Логиката на оваа тактика е највидлива во случаи кога ќе му се спротивставиме под штитот на антифашизмот. Одговорот е ист секогаш: денес антифашизмот нема никаква смисла зашто нема фашисти. А ги нема заради една едноставна причина: едноставно никој не се идентификува така. Во таков контекст антифашизмот служи како политичка маска со која се цензурира правото на слободно мислење. А бидејќи цензурата и забраната се елементи на фашизмот тогаш следи „јасен“ заклучок: впрочем, денес фашизам се антифашизмот и социјализмот.

Не е тешко да се демаскира ваквата логичка вратоломија, но политиката не се одвива на полето на логиката туку на полето на историјата. А таквата историја им дава барем минимална доза уверливост на тврдењата на десницата дека денес нема фашизам. И покрај тоа што овие нивни тврдења не произлегуваат од историска анализа туку од тактиката за шверцување дискриминаторни политики во мејнстримот. Во таа насока за полесно поентирање придонесува честата потреба на левицата моменталниот период без премногу оградувања да се споредува со меѓувоениот во кој се создаде фашизмот. Таквата споредба е нелогична од неколку причини. Традиционалните елити не се откажаа од парламентарната демократија, либералните институции и не се склони кон сојуз со екстремната десница. Не се наклонети кон таков сојуз зашто сметаат дека есктремната десница не е способна да управува со современиот капитализам и, уште поважно, зашто не постојат силна левица и работничко движење кои би требало да се сузбијат. И трето, и покрај неодамнешните случувања во САД, екстремната десница исто така ги признава парламентарните правила на игра.

Сите тие разлики не значат дека моменталното ниво на закана од екстремната десница е тривијална и дека можеме да се опуштиме. Меѓутоа, очигледно е дека не се работи (сè уште) за организирано политичко движење кое претставува општествена сила. Поприсутни се елементи на електорален бунт, следбеништво на блиски феномени во популарната култура и своевидно естетско заедништво. Таквата разлика одредено време ги присилува аналитичарите и теоретичарите да изнајдат нов соодветен израз. Консензус нема, но многумина како консензус можат да го прифатат терминот „дискурзивен фашизам“. Без оглед на недостатокот на квалитетен „дискурзивен“ одговор на „дискурзивниот фашизам“, сосема е извесно дека самиот антифашизам како политичка програма мора да се апдејтува за да има мобилизациски потенцијал и за да биде политички ефикасен.

Апдејтот се однесува и на либералната варијанта на антифашизмот која фашизмот ја гледа во секоја изговорена навреда, но и на надмената левичарска варијанта која за единствен легитимен антифашизам го смета само оној историскиот „оригиналниот“ и под историската упатеност се провлекува слепилото на историските промени. Наместо тврдењето дека антифашизмот е исклучиво политичка тактика на Коминтерната од триесеттите години, многу попродуктивно е левичарскиот статус да се гради преку анализа на современите општествени и класни односи кои значително се разликуваат од меѓународните. Важната општествена разлика е во тоа што денес институциите како што се партиите, синдикатите, религиските здруженија и сличните фактори од цивилното општество веќе не ги посредуваат интересите и ставовите преку конзистентни идеологии. Со други зборови, денес политичките ставови  се поподложни на индивидуални промени и се помалку предвидливи, особено нивната класна подлога.

Зашто класната слика на општеството станува сè позаплеткана. Не затоа што класните разлики исчезнуваат и со тоа се докажува наводната излишност на марксистичкиот пристап, туку затоа што стануваат покомплексни, особено во нивната идеолошка појавност. На пример, работниците лишени од синдикална поддршка и постојано вработување, за да се снајдат во прекарната економија пристапуваат како самостојни претприемачи, а оние вработените во јавните фирми се третираат како дел од елитата. Со други зборови, внатрекласната конкуренција станува многу позаострена од меѓукласната, и не зачудува што тогаш внатрекласната конкуренција често се претставува како боиште на универзалната политика: вредните против паразитите. Таквата политичко-класна анализа треба постојано одново да се спроведува зашто во спротивно ќе бидеме осудени на антифашизам чија улога е пацификација на левицата: подобро пристојни елити отколку диви популисти.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Џон Хартфилд

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото