#Metoo во македонскиот Холивуд

06.03.2021 13:22
#Metoo во македонскиот Холивуд

Не се сеќавам некој нешто да проговорил или да напишал за сексуално вознемирување овде, вон уметничките школи и факултети, онаму каде актерот се бори за живот - во театарските и филмските продукции. И не само за сексуалното вознемирување, туку и за вознемирувањата врзани за злоупотреби, притисоци, уцени и закани од позиција на моќ, особено во филмскиот сектор.

Сексуалното вознемирување во оваа средина е како интермецо за уметниците, како пауза од отровот што секојдневно го дишат.

Бизарна е солидарноста на немоќните во одбрана на моќните, произлезена од страв. Страв да не се сними филм, страв да не се биде дел од транзициската филмска банда. Страв да не се остане без хонорарот кој понижува и боли повеќе и од сексуалното вознемирување. Страв произлезен од темното и невидливо чудовиште наречено – пазарно општество. Страв од моќта на шарлатанот што дошол на позиција да дели пари за филм преку партиски игри, лаги и интриги. Страв од капитализмот зариен како нож во празниот стомак на уметникот.

Нема да генерализирам, зашто има исклучоци во обата сектора. Позитивни примери ќе најдете онаму каде што има најмалку пари! Инспиративна средина за уметникот е онаа каде нема пари. Зборувам за вистинскиот уметник-творец, што ова општество нема капацитет да го препознаe, види и награди, туку без умисла го толчи.

Но, ете, и тој уметник е човек што има физиолошки потреби, колку и да се стреми кон бога додека твори.

Тарковски вели: „Способноста да се создава е слична на онаа на нашиот создавач /Креатор/. Уметноста е обид да се разбере – да се пронајде вистината, што е причина за нашето постоење.”)

Не знам колку овој филмски Бог има некаква врска со нашиве филмски кловнови, чија единствена потреба е злоупотреба на оваа „слабост” кај уметниците.

Кога бев во цутот на младоста и славата, немаше каде да се пријави сексуално вознемирување. Но, во тоа време, на овие простори тешко се бидуваше уметник. Ако државата инвестирала во уметникот – тој тоа крваво го оправдувал. Не беше лесно во тоа време да опстоиш и како уметница, но не поради сексуалните вознемирувања, туку зашто конкуренцијата беше силна. Жената-уметник тогаш имаше и почит и достоинство и слобода!

Сè уште ги паметиме имињата на денес починатите, остарените, прогонетите, талентирани филмски ликови од времето на „едноумието”. Ги паметиме и нивните гради и голи тела, еротските сцени и реплики, кои не беа цензурирани, а се сметаа за дел од уметноста.

Можам да набројувам сцени каде жената експлицитно „си го бара”, односно гори од желба исто како и мажот, за прегратка и водење љубов. И никој не се гадел од тоа, ниту го исмејувал. Еротскиот филм на Лордан Зафрановиќ „Ујед анђела” - од,  замислете, 1984 година - е револуционерен во тој поглед. Таа слобода што ја имаше режисерот во филмот, прикажувајќи ги сите човечки нагони, несовршености, убавини и страсти тогаш – низ транзицијава отпливаа со рипката Дори од филмот „Немо“. Потонаа во заборав или, уште пострашно, станаа плен на политички коректните тетки од новото време, чија задача е да ги стерилизираат уметничките дела пред употреба. Трагикомични се нивните цензури денес, на тоа што некогаш било нормален дел од нашите животи. Небаре уметноста од нив почнува?!

Транзицијата го пушти ѕверот на слобода. Профитот и личните интереси станаа ѕвезда-водилка на филмската уметност. Гладот за креација стана глад за позиција, пари, моќ. Хиени го приграбија сефот во кој секогаш се обезбедуваат добри суми за филмската уметност. Исти како во минатото време. Само што во новото време мафијаши го преземаа филмот и направија „бизнис” од него - бизнис за себе и своите блиски.

Не знам дали некој воопшто се заинтересирал да истражи за позицијата на актерот (жена или маж, сеедно) во филмските продукции? Никој нема интерес да го прави тоа, зашто нема да добие поддршка од никого. Каков бил (е) односот кон актерот? Која е линијата под која не смее да одат продуцентот и режисерот (и сите останати во тимот), во комуникацијата со него? Во какви услови твори? Дали поделата на улоги ја одлучува шарлатан што дели државни пари за филм и тера одмазди од позиција на моќ? Како се заштитени актерките и актерите во сцените со водење љубов и голотија? Или, уште поважно, колку чинат емотивните разголувања на актерите пред камера? Колку чинат актерското тело и душа на пазарот на филмските канибали? Колку треба да си безнадежен и очаен уметник за да го воздигнуваш „клучарот” на сефот со парите за филм?

Како професор по глума, ја следам и гледам чистотата и вербата на младите актери. Ги насетувам и нивните соништа и подготвеност да се дадат себеси до крај во професијата. За првиот миг кога ќе излезат од факултетот да заглават во катран, да бидат преземени од шарлатани со дебели сметки во банките, кои ќе ги експлоатираат единствените бесценети прозводи на пазарот – душата и телото на уметникот. За потем да го престорат во слуга на оној, што на перфиден начин ги цеди парите од државниот буџет за своите чираци. Не знам како сексуалното вознемирување е пострашно од изживувањето со срцето и умот на уметникот? Не знам како дежурните тетки-полицајки не можат да видат дека стојат во жив песок додека ловат сексуални манијаци (што во суштина е работа на полицијата, која не функционира зашто системот е гнил).

Со децении се одржува бандата во филмскиот свет, која е страв и трепет за секој (млад) уметник. Сето научено и поттикнато кај младите креативци станува неважно, но и непожелно во македонските филмски води. Не е тоа здрава конкуренција, ниту учење и натпревар меѓу талентираните, туку често злоупотреба на кршливоста на актерското битие. Не се важни талентот и професионалноста, важно е да се молчи, да се бацува рака, да се трпи, да се поддржува бандата, јавно и по кулоари, да се игра за бедни надници во „професионални” тимови и добро да се менаџира со злото. Да не се зборува јавно за малтрирањата и понижувањата на „сетовите” и да се брани криминалот. Во спротивно, ќе те проголта мрак!

Во овие 30 години транзиција, имав можност да го видам и почувствувам распадот на повеќе филмски уметници со потенцијал, кои можеле да остават печат – не само како творци, но и како луѓе, зашто едното е неделиво од другото. Но, решиле да се „закопаат” себеси живи!

На крајот, за среќа - не е сè толку црно. Има проблесоци во филмската транзиција, кои не само што отвораат врата за своите помлади колеги, туку и ја промовираат нашата земја на светско ниво. Ова е навестување на крајот на филмските бандити, кои продаваа магла и фрлаа песок во очи со децении, од Гевгелија до Табановце.

И ако веќе владата решила навистина да се справи со корупцијата може слободно да почне од филмскиот бизнис. По холивудски терк, оној за кој нашите уметнички души дадоа сесрдна поддршка со хаштагот #metoo. И тоа не само за сексуaлните вознемирувања, туку за сите видови вознемирувања - понижувања, малтретирања, злоупотреби од позиција на моќ, во транзициските филмски води, за замена на талентот и вербата со сервилност, уцена и молк! Децениските штети, материјални и духовни, нанесувани во континуитет на уметниците нема да можат да се поправат, иако едно такво „движење” би можело да ги охрабри актерите и актерките да не отстапуваат од (не)пишаните, етички и професионални кодекси во професијата.

„Македонскиот Холивуд” постоеше триесет години и направи не помала човечка штета, од барокот на Груевски. Груевски е во бегство и лесно е да се говори на таа тема. Тешко ќе биде да се отвори уста за „холивуѓаните од нашата паланка” и нивните бизниси, кои исто толку години опстојуваат како крокодили во матна вода.

Лично не верувам дека некој од паталците ќе го скрши молкот. Не само заради лицемерието во кое живееме, туку зашто ќе нема кој да ги заштити кога ќе ја кажат вистината. Или, уште пострашно, ќе бидат засекогаш анатемисани од клучарот на сефот и неговата банда, вечните перјаници на секоја власт.

Слики: Michelle Kingdom

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото