Дванаесет значајни последици од глобалните климатски промени во 2020 година

08.03.2021 01:08
Дванаесет значајни последици од глобалните климатски промени во 2020 година

Светската метеоролошка организација (World Meteorological Organization, WMO) од 1993 година објавува извештај за Состојбата на глобалната клима за претходната година.

Работната верзија на текстот на извештајот за Состојбата на глобалната клима за 2020 година, која беше објавена неодамна и која е достапна за дискусија и ревизија, покажува дека климатските промени и во 2020 година го продолжија својот безмилосен поход и дека е изгледно дека оваа година ќе биде забележана како една од трите најтопли досега.

Периодот од 2011 до 2020 година ќе биде забележан како најтопла деценија досега, а нејзините најтопли шест години започнаа во 2015 година.

Загревањето на океаните достигна рекордни нивоа, а повеќе од 80 проценти од светските океани во 2020 година на моменти беа боиште на морскиот топлински бран, со далекусежни последици за морските системи, кои веќе страдаат од зголемена киселост како последица на апсопрција на јаглероден диоксид.

Овој извештај, кој се темели на придонесите на десетици меѓународни организации и стручњаци, покажува дека настаните со големо влијание, меѓу кои се екстремните жештини, шумските пожари и поплави, како и рекордната сезона атлантски урагани, влијаеја на животите на милиони луѓе, здружувајќи се со заканите по човечкото здравје и безбедноста и економската стабилност кои ги носи пандемијата со Ковид-19. Конечниот извештај за 2020 година ќе биде објавен во март 2021 година.

Работната верзија на извештајот започнува со дванаесет клучни пораки.

Гасови со ефект на стаклена градина. Концентрациите на главните гасови со ефект на стаклена градина, јаглерод диоксид (CO2), метан (CH4) и азот оксид (N2O) продолжија да се зголемуваат во 2019 и 2020 година.

Глобално затоплување. И покрај разојот на условите за Ел Нињо, глобалната средна температура во 2020 година е на добар пат да стане една од трите највисоки досега. Изминатите шест години, вклучувајќи ја 2020 година, веројатно ќе бидат забележани како шест најтопли досега.

Зголемување на нивото на морињата. Нивото на морињата е во пораст насекаде каде што постојат податоци од висиномери, но од неодамна расте со побрзо темпо, делумно заради зголеменото топење на ледената покривка на Гренланд и Антарктикот. Глобалното средно ниво на морињата во 2020 година беше блиску до она од 2019 година, а двете се конзистентни со долгорочниот тренд. Благото опаѓање на глобалното ниво на морињата во вториот дел од 2020 година веројатно е поврзано со создавањето услови за Ел Нињо, слично на случаите на привременото опаѓање на нивото на морињата кое е поврзано со претходните настани предизвикани од Ел Нињо.

Морски топлински бранови. Од 2020 година до денес на повеќе од 80 проценти од површината на светските океани дојде до барем еден морски топлински бран. На поголем дел од светските океани морските топлински бранови се класифицирани како „силни“ (43 проценти), а на помал дел како „умерени“ (28 проценти).

Загревање на океаните. Во 2019 година е забележана најголемата топлинска содржина на океаните, а стапката на загревање во изминатата деценија беше поголема од долгорочниот просек, што е индикатор за постојан раст на топлината заради радијациската нерамнотежа која ја предизвикуваат гасовите со ефект на стаклена градина.

Арктичкиот морски мраз. На Арктикот е забележан вториот најнизок годишен минимум на површината на морскиот мраз, а рекордно ниска површина на морскиот мраз е забележана и во јули и октомври. Површината на антарктичкиот морски мраз се задржа близу долгорочниот просек.

Гренландскиот мраз. Гренландската ледена покривка продолжува да ја губи својата маса. Иако количината површинска ледена маса беше близу долгорочниот просек, количината истопен мраз како резултат на кршење на ледените гребени го достигна највисокото ниво со оглед на сателитските податоци забележани во изминатите 40 години. Приближно 152 гигатони мраз исчезнаа од ледената покривка помеѓу септември 2019 година и август 2020 година.

Дождови и поплави. Во 2020 година дојде до силни дождови и обилни поплави во големи делови од Африка и Азија. Силни дождови и поплави во различни периоди од годината погодија голем дел од Сахел, поширокиот Африкански рог, Индискиот подконтинент и соседните подрачја, Кина, Кореја и Јапонија и делови од Југоисточна Азија.

Атлантски урагани. Во северноатлантската сезона на урагани досега е забележан најголем број именувани бури (триесет, од 17 ноември), а рекорден број се спуштија на САД. Последната бура во сезоната (до денес), ураганот Лота, беше и најинтензивен, достигнувајќи петта категорија.

Други тропски бури. Активноста на тропските бури во другите заливи беше блиску или под долгорочниот просек, иако имаше жестоки удари.

Тешки суши. Во 2020 година тешки суши погодија многу делови од внатрешноста на Јужна Америка, а најлошо се погодени подрачјата од северна Аргентина, Парагвај и подрачјата покрај западната граница со Бразил. Се проценува дека во Бразил земјоделските загуби се речиси 3 милијарди американски долари, додека дополнителни загуби се забележани во Аргентина, Уругвај и Парагвај.

Миграции предизвикани од климатските промени. Климата и временските услови поттикнаа огромни движења на населението и тешко ги погодија ранливите лива, вклучувајќи ги и оние во пацифичкиот регион и Средна Америка.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Michael Dandley

Извор: https://climateandcapitalism.com/

ОкоБоли главаВицФото