Голтање оган

08.03.2021 15:12
Голтање оган


I

Голтањето оган

ти е амбиција:
да го проголташ пламенот
да го подземеш в уста
и да го исплукаш, ко крик или пламен
јазик, збор
што експлодира од тебе, златен, алов,
што се одмотува во брилијантен свиток

за да се запали однатре
вена по вена

За да стане сонце

(Поучена од панаѓурски уметник)

 

II

Мртовец крај патот
исфрлен од превртениот
камион или удрен од нешто, кола, куршум

Косата на глава му свети,
крвта внатре потпалена,
кусо сино трње од пламења сè уште трепери над него

Вредеше ли? го прашувам.
(Спаси ли некого?)

Тој станува и си заминува, огнот
врз него е како крзно

 

III

Овде децата имаат една навика. По прославата на лошото тие ги земаат празните глави што порано светеле со голем гнев или радост и ги фрлаат од мостот, гледајќи како се распрснуваат, портокалови, при ударот од брегот. Стоевме оздола кога ни кажуваше. Луѓето тоа го прават и со себеси кога се готови, кога светлината им е скипната. Падна овде, велиш, бележејќи го местото со стапалото.

Ти нема тоа да го сториш така, празна, ти нема да чекаш, ти ќе скокнеш со светлината сè уште во тебе.

 

IV

Ова е некој твој трик или чудо,
да изгориш и пак да се кренеш
недопрена, и сè така, дури и мигот
си има граница, тоа е мигот кога ќе бидеш
поразена и ќе се вратиш
од огнот без својата кожа.

Новите очи се златни и
манијачки, птичји или лавовски

Низ нив гледаш
сè, сè што ќе посакаш,
секој предмет (езеро, дрво, жена)

изменети од твојата љубов, блеснати
во својот живот, својата болка, како далги, солзи, мраз,
како месо распорено до коска.

 

V

Да бидеш сонце, да талкаш низ простор
далечен и рамнодушен, да зрачиш
таква светлина што тие кои ја гледаат

ќе научат како да
се живее на ваков начин, или не, да одбереш

да бидеш човечна, телото да ти е
смртно и минливо, да не може да се

спаси, да падне
со молитва, на свој сопствен начин.


Цртежи: Virginia Mori
Превод: Зоран Анчевски

 

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото