Сите сакаат да бидат работничка класа

10.03.2021 01:51
Сите сакаат да бидат работничка класа

Социолошките истражувања често бараат од испитаниците да одредат на која општествена класа ѝ припаѓаат, а правило е дека огромно мнозинство испитаници го избираат одговорот „средна класа“. Тоа се објаснува со фактот дека идентитетот на средната класа има неутрален призвук, за разлика од другите понудени опции (ниска класа, работничка класа, висока класа), како и со фактот дека главно сме опкружени со луѓе со сличен финансиски статус и ниво на образование, па (често погрешно) веруваме дека се наоѓаме некаде во средина. Тенденцијата за самоидентификување со мнозинството како припадници на средната класа е изразена во повеќето западни земји, но и во земјите од регионот како Хрватска - според новото истражување на класната стратификација на хрватското општество кое го водеше социологот Карин Дулан, повеќето припадници на хрватската елита, како и дел од работничката класа, себеси се гледаат како припадници на средната класа.

Меѓутоа, Обединетото Кралство е интересен исклучок, односно бележи спротивен тренд. Според истражувањето на British Social Attitudes Survey, дури 47 проценти од жителите/ките на Обединетото Кралство кои имаат професионални или менаџерски работни места (што објективно ги категоризира во средна класа) се гледаат како припадници на работничката класа. За да го објаснат овој феномен, авторите на истражувањето „Deflecting Privilege: Class Identity and the Intergenerational Self“ објавено неодамна, направиле 175 интервјуа со припадници на средната класа кои се доживуваат како работничка класа (глумци и глумици, архитекти/ки, сметководители/ки и медиумски стручњаци), што им помогнало да дојдат до поимот „меѓугенерациски идентитет“.

Повеќето учесници/чки во истражувањето, иако имаат подобро платени и попрестижни работни места кои објективно ги сместуваат во средната класа, потекнуваат од работнички семејства, што може да ја објасни нивната идентификација со работничката класа. Меѓутоа, дури една четвртина доаѓаат од семејства од средната класа, односно и нивните родители исто така работеле или работат на работни места кои објективно ги сместуваат во средната класа. Интервјуата покажале дека таквото идентификување се темели на специфичната приказна за потеклото по кое посегнувале испитаниците кога истражувачите ги прашале за нивната семејна позадина. Овие луѓе го занемаруваат мошне привилегираниот статус на своите семејства и посегнуваат далеку во семејното минато (класниот статус на своите баби и дедовци, но и на прабабите и прадедовците) во потрага по оправдување за својата припадност на работничката класа. Интересно е што само испитаниците со привилегирана семејна позадина посегнувале многу далеку во минатото кога одговарале на прашањето за сопствената класна позиција, а притоа често се однесувале дефанзивно.

Според авторите на истражувањето, таквите меѓугенерациски сфаќања на класното потекло имаат перформативна функција - припадниците на средната класа кои се доживуваат како работничка класа тоа го оправдуваат со далечното семејно минато и го пренасочуваат вниманието од својата привилегираност. Исто така, повикувајќи се на тоа минато, односно на напорната работа зад нивната моментална позиција, впрочем погрешно ги претставуваат своите животни исходи како заслужен статус, а не привилегија. Таквата погрешна идентификација со работничката класа најмногу била изразена кај глумците/глумиците и телевизиските стручњаци/чки, за што авторите на истражувањето сметаат дека не е случајно. Познато е дека токму во овие занимања повеќето се лица со привилегиран класен статус, а за тоа придонесува и самата природа на таквите работни места кои често се привремени, хонорарни, лошо платени и бараат поткрепа од неформалните мрежи на познанствата, што ги става во предност лицата кои можат да се потпрат на семејната финансиска поддршка. Во таквите занимања, во кои особено е видлива позадинската привилегираност на мнозинството, не зачудува тоа што луѓето чувствуваат посебен притисок да го негираат тоа и да се повикаат на својот поскромен меѓугенерациски идентитет за да ги оправдаат своите привилегии.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Anthony Gerace

Извор: https://www.bilten.org/