Секоја трета жена во светот е жртва на физичко или сексуално насилство

10.03.2021 13:04
Секоја трета жена во светот е жртва на физичко или сексуално насилство

Речиси една од три жени во светот, преживеала сексуално или физичко насилство за време на својот живот. Овие се најновите резултати од истражувањето на Светската здравствена организација, кое беше објавено неделава.

Од СЗО велат дека криминалното однесување се зголемило за време на корона кризата, а дел од надлежните велат дека постои и уште една пандемија – „пандемија во сенка“, односно пандемија од насилството врз жените.

Владите ширум светот треба да го спречат насилството врз жените, да ги подобрат женските сервиси и да ги истакнат нееднаквостите што често се причините поради кои жените и девојките остануваат во штетни врски.

„Секоја влада треба да преземе силни, проактивни чекори за да се справи со овој проблем, а исклучително е важно жените да бидат вклучени во таквите процеси“, истакнала Фумзил Млабо Нгчука, генералната директорка на ОН Жени.

Од СЗО велат дека момчињата во училиште треба да се научат на взаемна почит и за врските и за сексот, особено кога станува збор за согласност.

„Насилството врз жените се појавува во секоја држава и култура и прави штета врз милиони жени и нивните семејства“, истакна генералниот директор на СЗО, Тедрос Ананом Гебрејесус.

Ова е досега најголемо истражување на СЗО за оваа тема и во него биле искористени национални податоци, како и анкети кои биде направени во периодот од 2000 до 2018 година.

Според резултатите, 31 отсто од жените на возраст од 15 до 49 години, односно 852 милиони жени преживеале физичко или сексуално насилство.

Извештаите сугерирале дека најчесто насилниците се сопрузите или интимните партнери. Исто така, резултатите покажале дека најголем број од жените кои преживеале некаков вид на насилство доаѓаат од најсиромашните земји.

Од СЗО објаснуваат дека поради високото ниво на стигма и непријавувањето на сексуалното малтретирање, вистинските бројки може да се многу поголеми.

„Овие бројки се многу шокантни и на некој начин се повик за акција на владите кои треба да преземат многу повеќе мерки за да го спречат насилството“, изјавила авторката на извештајот, Клаудиа Гарсиа Морено.

Таа додава дека во некои региони како Океанија, јужна Азија и Африка повеќе од половина жени преживеале насилство во својот живот.

Според податоците на СЗО земји со највисока стапка на насилство кон жени се Кирибати, Фиџи, Папуа Нова Гвинеа, Бангладеш, Демократската Република Конго и Авганистан.

Во Европа, истражувањето има најниски резултати, каде скоро една четвртина (23 отсто) од жените преживеале насилство.

Од Обединетите нации предупредуваат дека насилството започнува од алармантно млада возраст.

Една од четири жени на возраст од 15 до 24 години кои биле во интимна врска, веќе преживеале насилство од партнерот.

Извор: Independent