Пет сценарија за промени во Бугарија

10.03.2021 14:47
Пет сценарија за промени во Бугарија

 

Извор на текстот: Дојче веле

На почетокот на кампањата за парламентарните избори, сведоци сме на политичко затишје поради два фактори. Прво: агенциите за истражување на јавното мислење постигнаа консензус дека ќе видиме распарчен парламент со до седум партии во него, и најверојатно ГЕРБ ќе успее да го победи БСП, но ќе има многу помалку пратеници отколку во сегашното Национално собрание.

Вториот фактор за затишје е политиката на главните телевизиски станици. Во нив, со и без повод, во најгледаниот период се вртат министри од ГЕРБ и ВМРО, кои ги објаснуваат успесите на владејачката партија. Во останатото време, меѓу политичките егзотици, може да се протне и по некој опозиционер колку да ја потврди распределбата на времето предвидена од социолозите.
Сепак, ова конструирано затишје може да биде предвесник на голема и непредвидлива изборна бура.

Ова е затоа што во општеството се натрупани сериозни барања за политички промени, кои бараат канали да избувнат. Знаците на оваа напнатост се многубројни.

Прво, ниту една од причините за минатогодишните масовни протести не исчезна. Аферите што ги испровоцираа не добија убедлив институционален одговор, туку беше направен обид да се заметат под медиумските чергичиња.
Сепак, ветрот на изборната кампања може да го разнесе чергичето, а потоа и шкафчето, записите и парите одново да се разлетаат.

Второ: земјата весело влегува во нов сериозен раст на бројот на новозаразените со коронавирус, што може да се претвори во бран точно за време на изборите. Во еден таков бран, луѓето тешко ќе видат пример за добро управување.

Трето: медиумските изобличувања во корист на владата во моментот изгледаат толку големи што можат да почнат да ги иритираат луѓето и да ги засилат протестните гласови.

Сепак, најважниот индикатор за можна изборна бура е друг. Тоа е дека ГЕРБ и нивните партнери не можат да ги убедат луѓето дека не треба да има промена на власта. Без оглед колку во медиумите ќе се масираат фактите, всушност, единствената опција во која ќе се одржи сегашното статус-кво на управувањето по 4 април е следната:

Влада на ГЕРБ+ДПС+ВМРО

Во моментов, се чини дека ова е единствената формула што може да се реализира со Борисов како премиер и да и даде на ГЕРБ централно место во формирањето на коалицијата, истовремено задржувајќи го силното влијание на ДПС (Движење за права и слободи- центристичка партија која ги застапува правата на етничките Турци во Бугарија, н.з.) и помошниот статус на луѓето на Каракачанов. Односно да го репродуцира тековниот модел речиси еден на еден.

Сепак, оваа формула има еден значаен недостаток - тоа е невозможна од аспект на на перцепциите на јавноста и легитимноста. И тука не станува збор за фактот дека ВМРО најверојатно ќе остане под прагот, и покрај трансферите на луѓе, материјали и теми („Северна Македонија“) што ГЕРБ им ги обезбедува. Дури и да замислиме дека ВМРО ќе успее да се протне во следниот парламент и трите партии да добијат вкупно над 121 глас, проблемот со таквата коалиција би бил следниот: И покрај поддршката за трите партии одделно, коалицијата ќе стартува со негативен кредит на доверба уште од самиот почеток.

Во неа, ГЕРБ ќе стане уште поранлива на корупциските скандали на Борисов, бидејќи ќе се зајакне впечатокот дека обвинителскиот чадор на ДПС останува над него. Генерално, врската на ГЕРБ со ДПС, за која вака или онака, сите знаат, ќе биде јасно потврдена. ВМРО, пак, одново ќе се открие прилично убедливо како патерица на тандемот ГЕРБ-ДПС.
Од оваа гледна точка, отворената коалиција ГЕРБ-ДПС-ВМРО изгледа како договор за политичко самоубиство, иако ДПС веќе извршено некои хигиенски активности за да се подготви нејзиното склучување. Отстранувањето на Делијан Пеевски од листите и продажбата на неговите медиуми се чини дека се дел од обидите на ДПС да се подготви во форма погодна за јавен коалициски партнер на ГЕРБ.

Каква промена е можна?

Веројатно ќе биде потребно некое време за луѓето јасно да сфатат дека одржувањето на сегашната статус-кво состојба минува низ една единствена, политички самоубиствена и (затоа) речиси невозможна формула. Сепак, уште еден месец од кампањата е долго време и многумина сигурно ќе дојдат до овој заклучок. И следниот чекор после тоа е логичен: ако одржувањето на статус квото е невозможно, тогаш мора да се избере некоја варијанта на промени.

И тука гласачите ќе се најдат во сериозни тешкотии. „Алфа Рисрч“ откри дека околу 400.000 гласачи во моментов се во слична ситуација - тие велат дека ќе гласаат, но се уште не одлучиле за кого. Варијантите на можната промена се следниве, а набројувањето е од помала кон поголема промена:

- Варијанта на влада со поддршка на ГЕРБ, но без Борисов во неа (програмска, експертска, итн.);

- Варијанта на влада со поддршка на ГЕРБ и повлекувањето на Борисов од активната политика;

- Промена по принципот на „Демократска Бугарија“. Без ДПС и Борисов, Бугарија одржува евроатлантски курс, престанува да си игра со руски енергетски проекти, го менува судството за да го подигне обвинителскиот чадор над горните ешалони на власта;

- Промена од типот „Има таков народ“: изборниот систем се менува и се експериментира со идеи како што се директен избор на главен обвинител, директно избрани началници на полицијата. Многу висок степен на нејаснотија за другите димензии на промената;

- Промена а-ла БСП. Промена на даночниот систем, национализација на болниците, интензивни врски со Русија (енергетика, вакцини), социјален конзервативизам во стилот на Нинова, евроскептицизам (во стилот на Велизар Енчев и проф. Иво Христов).

Одржувањето на актуелното статус-кво е невозможно

Идеите на „Исправи се! Излези!" (ново политичко движење во Бугарија, н.з.) исто така можат да бидат поставени во оваа листа, можеби некаде помеѓу 4 и 5 (со акцент на улогата на претседателот Румен Радев). Обично, кога има толку многу различни (и некомпатибилни) опции за промена, најекстремните и најрадикалните опции паѓаат први. Сепак, судбината на различните опции ќе зависи и од изборните перформанси на нивните главни носители. Во моментот, поточни прогнози би биле шпекулативни.
Досега, владата многу се потпираше на аргументот дека не постои јасна и недвосмислена алтернатива. Но, во предизборната динамика, веројатно наскоро ќе стане јасно дека одржувањето на сегашното статус- кво е практично невозможно и поминува низ политичка коалиција - и тоа единствената што не може официјално и отворено да се реализира.

Неизбежното општествено осознавање за неодржливоста на статус-кво состојбата ќе го формулира и главното прашање на претстојните избори: „Каква промена сакате?“. Ова прашање може да има сеизмички последици врз нашиот партиски систем. Со други зборови, воопшто не може да се исклучи сериозна изборна бура, која ќе ги испреврти проценките на социолозите.

Карикатури: Чавдар Николов

 

ОкоБоли главаВицФото