„Преродбеничко“ Водно: ем „Беверли Хилс“ ем „Гармиш-Партенкирхен“

10.03.2021 18:04
„Преродбеничко“ Водно: ем „Беверли Хилс“ ем „Гармиш-Партенкирхен“

 

Уште во септември 2006-та Миленко Неделковски не го гледаше „она мало планинче крај Скопје“ како парк-шума, туку како најголема и најисплатлива инвестиција: „Водно не е ниту парк, ниту шума, како лажно се претставува. Доколку е шума, треба да има дрвја и животни, а не грмушки, змии и желки, како што сега е случајот“ – докажуваше географот Миленко во колумната „Водно Хилс“. Миленко математички прецизно пресмета дека „над Скопје имаме грмушки со квадратура многу поголема од пет (5) милиони квадрати“, која е идеална за да се урбанизира и насели со богаташи кои би граделе хациенди (од 200 до 1.500 квадрати, на парцели од 2.000 до 25.000 квадрати). Пресмета и дека на Водно можат да се изградат „1.500 хациенди со вкупно околу 600.000 квадрати станбена површина“, со што државата би добила половина милијарда евра од едната страна, и уште толку од другата страна на Водно. Така, работејќи „во интерес на државата“, Миленко го промовираше „Водно хилс“ небаре рај во Македонија, исто како што елитниот „Беверли хилс“ е рај на планетата Земја –  за која географот потоа докажа дека е „рамна плоча“.

На „пастирите“ од ВМРО-ДПМНЕ, кое веќе го имаше територијално „обележано“ Водно со „капиталната инвестиција“ во „Милениумскиот крст“, очигледно им се бендиса идејата за богаташки „Беверли хилс“ на Водно. Па така, во април 2007 осамна „пророчкиот“ наслов „Сопиште ќе стане Беверли Хилс“ со поента дека жителите „со душа чекаат да заврши јавниот повик на Владата за продажба на државното земјиште од 60 хектари на јужните падини на Водно“, наменето „за изградба на населбата Сончев град, инвестиција вредна 100 милиони евра“. Градоначалникот на Сопиште ја уверуваше јавноста дека „Ако се изгради Сончев град, ќе станеме Беверли Хилс“, а министрите на Груевски следната деценија мантраа дека „Сончев град станува реалност“.

Но, што реално видовме од „инвестицијата вредна околу 100 милиона евра“ која се промовираше како „Сончев град“ за 6.000 луѓе во 602 индивидуални куќи и 11 станбени згради – популарно нарекувана „Беверли Хилс“? Прво, видовме дека продажбата на земјиштето била криминална, дека буџетот наместо да се наполни бил оштетен за над милион евра, за што уште се води судскиот процес „Топлик“. Второ, наместо ВМРО-вскиот „сончев“ град, на Водно останаа уништени ридови што се гледаат од Месечината. Трето, покрај криминалната буџетска дупка и еколошката дупка на Водно, белите дробови на Скопје беа испресечени и со еден асфалтиран неупотреблив пат кој изеде од буџетот над 7 милиони евра. Кога почна да се гради во јули 2013, наместо ветуваниот тунел кој требаше да го пробие Водно, премиерот Груевски изјави дека „Со регионалниот пат се отвора и можност покрај населбата Сончев Град да се изградат уште три други слични блока“. Но, од идејата „Цело Водно ВМРО-вски град“ беше реализиран само еден мини „Беверли Хилс“ на падините на Водно „само за џет-сетот и за богатата класа“. Некогашниот култен „Хотел Панорама“ – „местото на злосторството“ каде што Груевски беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ – се трансформираше во 2009 во луксузна населба со 200 модерни станови.

Истата 2013 година, кога Груевски покрај „Сончевиот град“ на Водно најави „три други слични блока“, „пастирот“ во друштво на градоначалникот на Скопје Коце Трајановски постави камен-темелник на една од најскапите градби од „проектот Скопје 2014“ – Телекомуникациската кула на Водно. На врвот на Водно беа истурени илјадници тони бетон за кулата од 155 метри која „ќе биде двапати повисока од Милениумскиот крст“ и која Груевски ја промовираше како „магнет за туристите“ („осматрачница“ од која најубаво би се гледало неговото животно дело – проектот „Скопје 2014“). Покрај оваа катастрофална инвестиција од над 18 милиони евра за развој на туризмот во Водно, Груевски и Коце Трајановски реализираа и други скапи „туристички проекти“, кои дополнително ги оштетија ем белите дробови на градот, ем народниот буџет. Џабе експертите предупредуваа дека со жичарницата (при чија изградба беше исечено многу шума) и со зголемениот сообраќај на врвот на Водно се нарушува функционирањето на заштитениот простор во кој не треба да има вознемирување. Покрај жичарницата, на Водно владата инвестираше и над 6,5 милиони евра во туристичкиот проект „Македонско село“, кој Коце Трајановски го ветуваше за 2010, а беше пуштено во 2016. Но, и овој остварен туристички сон на Груевски стана кошмар, откако концесионерот на вештачкото село по само две години се откажа информирајќи дека комплексот куќи од немал економска исплатливост и дека во континуитет работел со загуби. Само три години откако беше промовирано од Груевски како туристичка атракција, новинарите луцидно заклучија дека ’Ни куче не лае во „Македонско село’“.

Покрај туристичките катастрофи, пневмонија на белите дробови на Скопје предизвикуваше и поместувањето на градежната линија на Водно со скандалозните измени на ГУП-от и ДУП-овите. Од „бомбите“ слушнавме дека лично Груевски како премиер бил заинтересиран за промена на ГУП-от и ДУП-от откако намерачил плацови на Водно, заради нивно трансформирање во градежни парцели за изградба на „згради-мади“. Дополнителна закана за Водно беше и планираната „јужна обиколница“, која би довела до натамошно девастирање на Водно, а за која сегашниот градоначалник на Скопје Шилегов вети дека ќе биде избришана во наредниот ГУП. И трасата на гасоводот кој поминува низ Водно беше проект за кој сите дозволи се издадени додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, се чини дека најлудата „преродбеничка“ идеја за туристичко развој на „Водно“ не беше ни „Водно (Беверли) хилс“, ни прескапата „Панорамска кула“, ни „Потемкиновото“ македонско село, туку идејата на Коце да го претвори Водно во „Гармиш Партенкирхен“ со изградба на ски центар. Изградбата на „Ски центар на Водно“ беше ветувана како најголема атракција која би чинела „само“ 10.5 милиони евра, со изградба на нова жичарница, ски лифт и 4 ски патеки, ресторани и други објекти меѓу кои и „акумулација за вода и систем за технички снег со пумпна станица со што ќе се обезбедат услови за подолга скијачка сезона“. И покрај укажувањата дека идејата за Ски-центар на Водно е небулозна и уништувачка за белите дробови на градот, Коце Трајановски не се откажуваше од неа и потроши неколку стотини илјади евра градски пари за студија на ски патека и за проект за ски-центар на Водно.

Ете зошто ни е потребен посебен закон за Водно (па и за Матка) – за ефективно да нè заштити од „оригиналните“ милионски инвестиции и „проекти“ кои беа катастрофални за функционирањето на белите дробови на градот Скопје.

На фотографиите се уметнички дела во природа на Andy Goldsworthy, британски скулптор, фотограф и еколошки активист најпознат по land art уметничките инсталации.

ОкоБоли главаВицФото