Игра

10.03.2021 22:26
Игра


Деновиве во Загреб илезе од печат книгата „Полигони“ од Будимка Поповска, на хрватски јазик, Преводот е на Томислав Ровичанац, во издание на хрватската издавачка куќа „Извори“.

Томислав Ровичанац, историчар на уметност, поет, графички дизајнер, преведувач. За книгата „Полигони“ дознал од македонскиот сајт за литература „Окно“ и ја превел. Досега има преведено бројни дела од руски (главно од досега необјавувани автори) за првпат објавени во хрватски часописи за книжевност. Го превел и Петре М. Андреевски. И самиот пишува поезија, која може да се најде на неговиог блог, „Стихоклетник“.

Будимка Поповска досега ги има издадено книгите:
„Врата“ Темплум 1994
„Полигони“ Темплум 2007
„Друга визура“ Премин 2008
„Невидливи вежби“ Пунктум 2008
„Куќа на Марс“ Темплум 2019
„Ботичелиев Каталог“ Темплум 2019



игра

  Склопот зборови што блеснува во свеста и трае толку колку да можеш, ако во моментот немаш друга работа, евентуално да ги врежеш на некој камен, е нешто неповторливо и нешто што не можеш да го изнудиш по пат на логичко размислување. Во тој краток миг гледаш дека твоето тело е врзано во коло низ кое протекува енергија којашто има моќ да те осветли но и да те спржи, користејќи се со земјината атмосфера како со обична фритеза од било која попатна сендвичара. Најинтересен е моментот кога човекот почнува од никаде да си поставува прашања, плус и минус бесконечност, без да има ниту еден нормален или соодветен одговор. Некогаш, од превисок напон, светулчето прегорува и колото се прекинува, па на местото од човекот останува само една искрена недоумица, со која категорија на созданија ли спаѓа?, со така помрачен идентитет и апатија наместо мозок. Среќа што прекинот не трае доволно долго за да остави трајни последици во базата на податоци, а за да не биде сѐ препуштено само на среќата, човекот има талент да заборава.


 
мисли

  Размислувањето е како патеката на пајакот, кога тој бавно, аутистички запира на секоја честичка прав, трагови од вода, неочекувани дупки, остатоци од ронки, а најчесто без видлива причина.

  Потребно е само човек да нема друга работа за да може целосно да се посвети на набљудувањето на пајаковото движење, па и самиот ќе се изненади од високиот степен на аналогност помеѓу внатрешното движење на мислите по мозочната кора, и начинот на кој тоа го прави пајакот.

  И само уште ако има доволно време за да може доволно долго да набљудува, човек може да дојде до неверојатни откритија, од кои инаку се лишува под изговор дека е премногу зафатен.




Илустрации: Будимка Поповска

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото