Рецепт за доверба во вакцината

12.03.2021 13:05
Рецепт за доверба во вакцината

Од почетокот на пандемијата, имаме експлозија на медицински дезинформации. Можеби тоа не треба да нè изненадува. Како што пред нашите очи се развива здравствена криза од епски размери, така расте побарувачката за најнови вести за вакцините и сè што е поврзано со пандемијата. Но, изобилство на информации може да доведе до конфузија, неразбирање и недоверба.

Феноменот на ширење дезинформации се чини сосема нов и неразделно поврзан со социјалните медиуми, каде што отсуството на уредничка селекција е погодно за ширењето лаги, заедно со лежерниот однос на техно компаниите кон ограничување на нивниот дострел и леснотијата со која корисниците ги шират понатаму. Но, проблемот со толкувањето и прекројувањето на медицински вести има многу подолга историја.

Во Велика Британија, евтините списанија и дневните весници станаа широко достапни кон крајот на 19 век. Исто како и денес, медицинските вести се сметаа за добра содржина. Како никогаш порано, на пописмената публика ѝ беше овозможено да се вклучи во тековните дискусии за медицината и да научи сè за најновите иновации во јавното здравство. Се основале списанија од полу-медицински тип наменети за пошироката јавност за да ја задоволат страсната желбата за совети за сè и сешто, од мозолчиња до несоница, опаѓање на косата и дигестивни проблеми.

Професионализирани, но сепак желни за општествен углед, лекарите настојувале да се прилагодат на новата моќ на печатот. Некои се плашеле од последиците од медицинското знаење во рацете на јавноста, вклучително и можноста пациентите едноставно да започнат самите да си ја утврдуваат дијагнозата или дури и да се лекуваат, наспроти стручните совети и со потенцијални катастрофални последици. „Сите напори медицинските знаења и моќ да ѝ се пренесат на јавноста се лажни и мора да пропаднат“, се вели во еден уреднички напис во списанието за општа медицина „Лансет“ од 1887 година. Лекарите кои пишуваа за „лаичкиот“ печат беа предупредувани од институциите како што е Кралскиот колеџ за лекари во страв дека професијата ќе изгледа дека професијата се занимава со „рекламирање“ на своите услуги

Лекарите особено биле загрижени поради ставовите на јавноста за вакцинацијата. Сè поголемиот отпор кон задолжителната вакцинација против големи сипаници во текот на 1870-тите и 1880-тите години, покажал колку е слаба довербата во политичкиот и медицински естаблишмент. Најрадикалните противници на вакцинацијата се служеле со демонстрации и со печатот за да промовираат својот став. Од нивна перспектива, наместо да ги контролираат медицинските авторитети, новинарите слепо ги поддрживале. Како и денс, „мејнстрим“ медиумите се прикажувани како непријатели: некои противници на вакцините дури и тврделе дека весниците ги измамуваат граѓаните кога станува збор за безбедноста на вакцинацијата. „Ако медиумите беа чесни само еден месец, на медицинското зло и парламентарните лаги против кои се бориме ќе им беше зададен смртоносен удар“, кажал еден од активистите во 1876 година.

Чувствувајќи се исклучени од јавниот дискурс, активистите основале списанија посветени на борбата против вакцинацијата. За да ја истакнат својата цел, уредниците се потпирале на емоционални содржини, пополнувајќи ги страниците со извештаи за мајки принудени да ги вакцинираат своите деца иако тие се спротивставуваат и со случаи на „труење“. Едно такво списание, „The Vaccination Inquirer“, престана да излегува дури во 1972 година.

До почетокот на 20-от век, медицинскиот естаблишмент донекаде го ублажил својот став за учеството на јавноста во дискусии за медицински теми. Лекарите ја увиделе вредноста на ангажираното граѓанство и улогата што можат да ја имаат медиумите во охрабрувањето на луѓето да применуваат санитарни и хигиенски мерки во своите домови. По Втората светска војна, со растот на влијанието на телевизијата и промената на медицинското и културно опкружување – во кое се дошло до легализација на абортусот, пораст на активизмот за правата на пациентите, првото пресадување на срце – се појавила потребата за ефикасна соработка помеѓу медицинскиот и медиумскиот свет. Здруженитео на новинари во медицината, основано во 1967 година, го најавило сè поголемото влијание на новинарите со специфичен медицински профил и воспоставило подобра интеракција меѓу двете професии.

Овозможувањето на пошироката јавност да учествува во здравствена дискусија втемелена врз научни факти, бара постојана работа. Работите не одат секогаш според планот. Сè уште можеме да почувствуваме трепет од паниката што се дигна околу вакцината MMR, резултат на работата на Ендру Вејкфилд од 1998 година (во меѓувреме повлечена), а во која е вметната врската помеѓу аутизмот и MMR вакцината. Таблоидниот делириум тогаш придонесе за значително опаѓање на довербата во вакцинацијата, како и опаѓање на бројот на вакцинирани. Оваа контроверза откри до кој степен инфраструктурите за медицинско истражување се незаштитени од нечесни податоци; а и дека научните списанија не се имуни на дезинформации.

Понекогаш изборот на насловот во медиумските извештаи за настан кој сè уште трае има одлучувачко влијание врз тоа дали здравствената приказна ќе се претвори во низа дезинформации на социјалните мрежи. Медицинските списанија, исто така, би можеле да преземат поактивна улога во борбата против дезинформациите преку обезбедување подостапни резимеа на истражувањата за лаиците - додека ние твитерџиите би можеле два пати да размислиме пред да ретвитвитнеме некоја информација.

Меѓутоа, и тонот на овие дискусии што премногу често доведува до поларизација, исто така треба да се промени. Сомнежот за вакцини е комплексна тема што не може да се разгледа во контекст на конфликтот #антивакс против #вакцинареда (не само затоа што таквата дихотомија честопати ја преценува моќта на организираното движење против вакцинација). Овој дискурс обично не ја зема предвид долгата и комплицирана историја на вакцинација - и медицината воопшто, ниту зошто опстојува отпорот кон вакцинацијата во некои заедници.

Во текот на 19-от век, лекарите се обидувале да го раздвојат научното од таблоидното новинарство, но не можеле да ја укинат потребата за информации за здравјето на јавноста и на новинарите. Таа потреба е присутна и денес. Соработката и взаемната почит во јавноста меѓу новинарите и научиците се најдобрите предуслови за непречен проток на медицинското знаење, Спречувањето на ширењето на дезинформации зависи од преземањето на заедничка одговорност.

Извор: The Guardian