Злото

12.03.2021 17:26

Злото, вели доктор Герхард Рот,
„се наоѓа во средишниот дел на мозокот
и на скенер е видливо
како затемнување“.

(Филип Давид, „Куќа на сеќавањата и заборавот“)


Како чирот на желудникот,
каменот во бубрегот,
метастазата што се шири
до работ на телото.
Како вжештената шипка на детето
кое се враќа кај својот Снешко
за да му го продупчи срцето
дури мајка му од прозорецот му вика
Пази да не си ја изгориш јакната.
Како демначите на последните потомки
на северниот бел носорог
што среде саваната ги чуваат
четворица чувари со пушки
- еволуцијата може да се преспие,
но ловокрадецот не.
Како дадилката на која
бебето ѝ стана здодевно,
постојано Лази буба, Ѕе!,
Ринге ринге раја,
па сега со ледени нокти
го штипи да престане да плаче.
Како расата, нацијата, верата
што закатанчува сточен вагон
со полуживи луѓе, повторувајќи
дека само си ја врши работата,
злото е затемнување,
тело без душа притаено
во средишниот дел од тебе,
што само дури друг умира
може да си се живее себе.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото