Како знаеме дали климатските промени се „виновни“ за некој настан?

15.03.2021 01:47
Како знаеме дали климатските промени се „виновни“ за некој настан?

Последниве години сè почесто сме сведоци на екстремни настани како што се невообичаено високите температури кога не им е време, силни дождови и бури кои се во состојба за само неколку часа да ги поплават најзначајните улици во нашиот главен град, како и топлински бранови заради кои во лето не ни се излегува од климатизираните простории. Додека ги слушаме постарите граѓани како дрдорат дека „никогаш не било вака“, логично е да се запрашаме дали и колку климатските промени се виновни за таквото лудо време.

Долго време научниците не можеа да ни дадат прецизен одговор на ова прашање. Беше јасно дека заради променетите климатски услови се зголемува веројатноста да се случат настани како оние што ги споменавме, но им беше мошне тешко да дадат проценка за секој конкретен случај посебно.

Сега тоа се промени. Големиот напредок на науката и технологијата во последниве неколку години најпосле им овозможи на научниците со поголема сигурност да зборуваат за улогата на климатските промени кај секој поединечен настан. Во овој текст ќе се обидеме да ви приближиме на кој начин се прави тоа и како знаеме дали климатските промени се „виновни“ за некој настан.

Климатски модели

Какво е влијанието на климатските промени на поединечните временски прилики утврдуваме со користење климатски модели. Климатските модели се симулации на климатските услови кои ги спроведуваат моќни компјутери, во нив научниците можат да задаваат одредени почетни параметри и потоа да набљудуваат како се однесува климата во подолги временски интервали.

Кога се тестира дали климатските промени „замешале прсти“ во некој конкретен временски настан, научниците паралелно спроведуваат илјадници симулации користејќи разни климатски модели. Во едни симулации параметрите се поставени така што им одговараат на климатските услови кои владееја пред да се зголеми концентрацијата на гасовите со ефект на стаклена градина во атмосферата, додека во друга се поставени така што им одговараат на климатските услови што ги имаме денес.

Откако ќе завршат симулациите научниците во нив ги бараат настаните што ги интересираат

На пример, доколку сакаме да тестираме дали климатските промени се одговорни за топлинските бранови кои летово ја погодија западна Европа, ќе бараме колку пати се случиле топлински бранови со таков интензитет и со такви размери во двата вида симулации што ги наведовме. Со споредување на овие две бројки ќе го добиеме одговорот колку климатските промени влијаеле на овој конкретен настан.

За овој конкретен случај научниците од сајтот https://www.worldweatherattribution.org навистина спроведоа истражување и дојдоа до заклучок дека топлинскиот бран кој кон крајот на јули минатата година ги зафати Франција и Холандија имаше од 10 до 100 пати поголема шанса да се случи заради климатските промени предизвикани од човекот.

Уште сега постојат одредени екстремни настани за кои знаеме дека воопшто не би се случиле ако не е зголемена концентрацијата на гасовите со ефект на стаклена градина во атмосферата. Се работи за изразено високите температури кои 2016 година ја направија најтопла откако се вршат мерења, како и топлинскиот бран кој летото 2018 година зафати поголем дел од северната хемисфера.

За некои настани полесно е да се најде виновник отколку за други

Иако е постигнат голем напредок во ваквиот вид истражувања, научниците сè уште можат со ист степен на веродостојност да донесуваат заклучоци за поврзаноста на климатските промени со сите екстремни настани. Ова најмногу зависи од површината која ја зафаќаат временските прилики, колку е поголема површината, полесно е да се испита поврзаноста.

Кога се во прашање топлинските бранови кои истовремено зафаќаат површина од неколку држави, можно е релативно брзо да се извршат неопходен број симулации и да се дојде до заклучок. Од друга страна, ако би сакале да донесеме суд за улогата на климатските промени во однос на дождовите кои зафатија некои делови од Белград на почетокот од минатото лето, тоа би било многу потешко зашто вакви бури се формираат локално и зафаќаат мошне мала површина. Количината податоци која е потребна за да се предвидат временските услови на толку мала површина е огромна и затоа за такви симулации е потребно многу време и многу ресурси. Од истата причина веродостојна локална временска прогноза моеме да добиеме само 24 или 12 часа однапред.

Иако сега е така, големи се шансите ваквите ограничувања да не постојат уште долго. Уште сега некои институции имаат ресурси да изведуваат симулации со резолуција од 2 квадратни километри (тоа е најмалата површина која може да се посматра), а напредокот на технологијата и моќта на компјутерите многу брзо би можеле да обезбедат ваквите истражувања да се изведуваат брзо и евтино.

Заклучок

Многу е важна можноста да поврземе конкретни ситуации со климатските промени. Научниците уште сега со голема извесност можат да тврдат на кој начин ќе се менува глобалната клима во иднина и какви временски екстреми нè очекуваат, а како што и забележавме последниве години, нивните прогнози за жал се остваруваат. Иако тоа е случај, голем број луѓе сè уште сметаат дека климатските промени не се случуваат и екстремните настани ѝ се припишуваат на природната варијабилност.

Кога ќе бидеме во можност заедно со временската прогноза во реално време да ја видиме и проценката на влијанијата на климатските промени на тој конкретен настан ќе биде многу полесно да се убедат оние што донесуваат одлуки и јавноста во неопходноста од брзи и одлучни акции со цел запирање на климатските промени.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Renée Rey

Извор: https://klima101.rs/