Задолжителната вакцинација не е физички напад и кривично дело

15.03.2021 11:49
Задолжителната вакцинација не е физички напад и кривично дело

Фејсбук објава тврди дека задолжителната вакцинација е кривично дело. Притоа, употребувајќи недоличен речник, процесот на вакцинирање го споредува со силување и злоставување, паралели кои во најмала рака се невкусни и несоодветни.

Ако некој ти напика к** без твоја дозвола, тоа е силување. Ако некој ти збрца нож без твоја дозвола, тоа е обид за убиство. Ако некој ти забоде игла без твоја согласност, тоа е физички напад.

Да не се лажеме – задолжителна вакцинација е кривично дело.

Не е вистина дека задолжителната вакцинација е физички напад и кривично дело. Таа се врши со закон и помага да се стават во контрола преку 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка која директно допринесува за намалување на морбидитетот и морталитетот на заразните заболувања.

Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) велат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Благодарејќи на имунизацијата многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи без смртен исход и трајни последици. Вакцините се од клучно значење за спречување и контрола на епидемии на заразни болести.

Со вакцинирањето не се заштитуваме само себе, туку и оние околу нас. Ова е особено важно, бидејќи одреден дел од популацијата, како оние кои се сериозно болни, кои имаат одредени алергии и многу мали бебиња, се советуваат да не примаат одредени вакцини – така што тие зависат од останатите од нас да се вакцинираат и да помогнат да се намали ширењето на болести.

Особено невистинито е тврдењето дека „ако некој ти забоде игла без твоја согласност, тоа е физички напад“. Медицинските лица не се шетаат со игли низ улици и не ги бодат граѓаните, за да може да се извлече вакво тврдење и да се шири по социјални мрежи. Никој никому не забодува игла без согласност. Доколку, и покрај сите информации за корисноста на вакцините, некој сепак одлучи да не се вакцинира, ќе треба да плати парична казна.

Освен што задолжителната вакцинација се спроведува според закон, таа се спроведува и согласно Уставот. Ова го потврди и Уставниот суд, во одлука која ја донесе пред две години по Иницијативата во која се бараше укинување на задолжителната вакцинација.

Според мислењето на Судот, уставно оправдано е со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на државата. Уставниот суд одлучи дека обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.

Задолжителната вакцинација во суштина претставува ограничување на правото за поединците да одлучат за дејствија кои се однесуваат на нивната сопствена личност и тело, на правото на заштита на физичкиот интегритет (член 11 од Уставот) и на правото на доброволно медицинско лекување, но според наше мислење таквото ограничување е пропорционално, а со тоа и во согласност со Уставот. Имено, целта на вакцинацијата е да се развие активната и пасивната заштита од заразни болести, а пак, заштитата на здравјето на децата и заштитата од заразни болести од уставен аспект ја оправдуваат задолжителната вакцинација на определена возраст.

Важна информација која треба да ја знае јавноста за да не подлегнува на манипулации е дека вакцинирањето против новиот коронавирус се врши на доброволна основа, а не е задолжително и таа вакцина не е влезена во задолжителниот календар за вакцинација, ниту во кој било закон.

Оваа објава е дел од кампањата против вакцините и вакцинирањето што масовно се шири преку различни типови на лажни објави на социјални мрежи. Вакви манипулации имаат за цел да ја убедат јавноста дека вакцините се штетни и да го одвратат населението од вакцинирање и заштита од многубројни опасни болести, меѓу кои и ковид-19.

 Слика: Nate Kitch

 Извор: Вистиномер