Данок за социјална неправда

15.03.2021 11:50
Данок за социјална неправда

 Доколку државата со својата даночна политика ја нарушува социјалната сигурност на своите граѓани, и доколку насила спроведува социјално неправични даноци, таа не само што не може да се нарече социјална држава, туку буквално не го оправдува ниту своето постоење.

Старата народна изрека „Магаре во Прилеп, магаре во Беч“ – доколку длабоко се замислиме над нејзините поуки, се разбира – може многу да ни помогне во оваа фаза од нашето бескрајно и траорно патешествие кон вчленувањето во Европската Унија. Изреката ни соопштува прилично отворено дека патот кон Европа сам по себе нема да ни донесе некакви чудесни придобивки, и дека самото членство во Унијата не може да не смени на подобро, доколку времето на патувањето не го искористиме самите да ги подобриме сопствените општествени, социјални и државни состојби. Доколку се занимаваме само со надворешните опструкции што ни го попречуваат патот, а не со сопствените внатрешни проблеми, голема е веројатноста дека во Европа ќе стасаме истите магариња какви што и тргнавме, само поуморни и подекапацитирани.

Бугарската фекална граната на нашиот европат треба да ја искористиме – како што велат истражувачките умови – како „плодна компликација“, како момент за самообмислување, сериозна анализа на уставниот систем односно на сите аспекти на неговата (лоша) реализација во стварноста. Така, на пример, една од најважните уставни вредносни одредници на нашата Република – воедно и најмалку видливите и анализираните – е онаа социјалната. Дека сме социјална држава јасно пишува во првиот став од првиот член на Уставот: Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Што точно значи формулацијата дека сме „социјална држава“ изгледа како да е попат – овие три децении непрекината „транзиција“ – сосем заборавено. Додуша, во Уставот – во поглавјето за социјални права, во членовите 33, 34 и 35 – едно по друго се гарантирани: обврската на секој граѓанин да ги плаќа даноците, исто како и правото на социјална сигурност што ќе се остварува согласно начелото на социјална праведност.

 

Сатрапска држава 

Е, сега, мислам дека оваа едноподругост на уставните одредби за обврските што секој граѓанин треба да ги исполнува кон државата со правото на социјална сигурност согласно начелото за социјална праведност, воопшто не е случајна. Таа физичка блискост на овие одредби укажува на едно од најфундаменталните својства на секоја држава, особено на секоја социјална држава, а тоа е дека таа – државата – најмалку што смее да направи е со даночната политика да ги загрозува правото на социјална сигурност  или пак начелото на социјална праведност. Доколку државата со својата даночна политика ја нарушува социјалната сигурност на своите граѓани, и доколку насила спроведува социјално неправични даноци, таа не само што не може да се нарече социјална држава, туку буквално не го оправдува ниту своето постоење. Таа станува сатрапска држава, вампирска супертворба што му ја пие крвта на сопственото население, што Томас Хобс ја нарекол според одвратното библиско змијолико морско чудовиште – Левијатан.

За жал, и не толку длабока анализа на нашиот данок на имот уреден во Законот за даноците на имот, покажува поразителни резултати: тој ги нарушува и социјалната сигурност на граѓаните и уставното начело на социјална правичност и, конечно, основните економски и даночни канони што ги утврди уште Адам Смит во своето епохално дело „Богатството на народот“, што се почитуваат од сите демократски држави веќе два века. Смитовите канони за разумна и правична даночна политика гласат дека: 1. граѓанинот даноците кон државата треба да ги плаќа согласно своите економски можности, 2. данокот не смее да биде произволен, туку однапред познат на обврзникот, 3. данокот се наплаќа тогаш кога е тоа најповолно за обврзникот, и 4. Трошоците на собирањето на данокот треба да бидат колку што е можно пониски, за товарот на обврзникот да е поподнослив, што го обезбедува и поголемиот прилив во државната благајна.

А, како е тоа уредено во нашиот Закон за даноците на имот? Принципот на непроизволност и веродостојност на данокот се руши уште во членот 5 од законот каде се уредува даночната основа. Елем, уште во првиот став е уредено дека даночната основа претставува пазарна вредност на недвижниот имот, а веќе во вториот став се уредува дека пазарната вредност ја уредува општинска комисија (врз основа на методологија и проценка на овластен проценител, на кој вредноста му ја соопштила една жена со која се возел во градски автобус!), што значи дека пазарната вредност се одредува административно (што е обратно од пазарно!), што пак во наши услови значи тотално произволно и неточно.

Понатаму, никаде во законот не постои ниту една одредба што данокот на имот го поврзува на каков и да е начин со првиот Смитов канон: данокот мора да се уреди на начин што обврзникот ќе го плаќа согласно неговите економски можности. Во земја во која повеќе од 90 отсто од граѓаните имаат доход што е помал од „просечната плата“, произволно одредениот данок на имот и административно – еднаш за секогаш – одредената нереално висока вредност на имотот, закономерно доведуваат до давачка што е над можностите на граѓаните, односно водат директно кон левијатански данок што директно им ја поткопува социјалната состојба на граѓаните.

 

Социјална правда 

Уште повеќе, во членот 8 и 9 се руши не само смислата на данокот на имот односно уставното начело за социјална правичност, туку и самата смисла на поимот „социјална држава“ и другите основни уставни гаранции на животот, неповредивоста на домот, правната заштита на сопственоста, практично на сите социјални и хуманистички (не идентитетски!) причини заради кои државава има смисла што воопшто постои. Во овие членови се уредува кој се е ослободен од плаќањето на данокот на имот, и – нема да поверувате, почитувани читатели – таму се ослободени сите што всушност најмногу би требало да го плаќаат данокот на имот, сите што не само што имаат големи имоти туку и тие што им имотот им носи приход и им го зголемува богатството, додека најголемата маса на даночни обврзници се практично оние 90 и кусур отсто граѓани што едвај ги крпат месеците од први до први, но по несреќа се сопственици на своите домови! За нив милозливо е одредено олеснување од 50 отсто, но општините со една ајхмански банална рамнодушност во олеснувањето на своја рака не им ја пресметуваат и вредноста на земјиштето под куќите и во дворот! За тоа време од данокот се ослободени сите имоти на верските заедници, сите згради што служат за вршење на дејноста на обврзникот, сите индустриски и рударски земјишта и згради, накусо – сите што со имотот создаваат приход, што го зголемуваат капиталот, што воопшто имаат пари да го плаќаат овој малоумен данок. Во Македоња Норд се оданочуваат само имотите што служат за „дејноста“ живеење!?

Од данокот на имот, значи, во Македоња Норд не се ослободени само оние имоти на кои во една социјална држава во никој случај, ни во кошмарен сон, не би смеело да се плаќа данок, а тоа се имотите во кои граѓаните домуваат и имотите во кои граѓаните немаат економска моќ да го плаќаат данокот, живеејќи во држава што ги турнала на социјалното дно. Мислам дека пролетва е како создадена за нашата Влада, која е водена од социјалдемократските идеолошки начела, да го измени овој левијатански закон, вградувајќи го основното социјалдемократско начело на социјалната правда: имотите во коишто граѓаните живеат не смеат да бидат оданочувани!!!

Слики: Lisa Adams

Извор за текстот: Слободен печат 

ОкоБоли главаВицФото