Пингвинче царче си најде другарче

15.03.2021 13:48
Пингвинче царче си најде другарче

ПИНГВИНЧЕ ЦАРЧЕ СИ НАЈДЕ ДРУГАРЧЕ

Пингвинот цар
Од природата
Доби дар,
Мало пингвин-царче.
А тоа веднаш посака
Да си има другарче.
Се растрча
Стража царска
Да бара дружба
Другарска,
Се ловеа разни рипки
И по некоја ѕверка,
На царчето да му
Најдат нешто по мерка.
Најпосле се улови
Една риба со боја лила
Каква нема ни една играчка,
За царчето многу мила.
На Антарктик тврдат
Случката таква била
А којзнае можеби некоја
Фока ја измислила.


ЉУБОВТА НА КАМИЛАТА КОН КАМИЛАРОТ

Во пустина,
кајшто ветрот
дува, само дува,
камилата својот
камилар го чува.
Не сум видел,
жими бога,
нигде таква
верна слога.
И кактус ако треба
цел ден ќе цути,
само камиларот
да не се лути.
Па и вода, ако треба,
за него ќе има,
не само некоја капка,
туку полн базен, тој да
може да се шлапка.
А и палми ќе има,
од некоја оаза,
за камиларот,
таа мамина маза.
Барем во пустина,
ја нема таа сила
што може да раздели
камилар од камила.
Ништо тука чудно не е,
нема кај камилата некоја
особена вештина,
едноставно, камиларот
е нејзина суштина.

СО ОВОШЈЕТО СУМ БЛИСКА, ЗАТОА НЕ СУМ НИСКА

Медо ми нуди
круша медена:
-Земи ја, вели,
заради тебе
не е изедена.
Рака само
треба да пружам,
и веќе со зрели
малини се дружам.
Јаготка, црвена жар,
драгоцен е дар,
од заспан еден,
мал цар.
Јаболко црвено,
стои како здрвено,
од мене ако не е изедено,
тешко ќе било навредено.
И, ете, сега
знаете зошто
не сум ниска?
Со овошјето
сум многу блиска.