Прва книжарница на тркала

17.03.2021 12:46
Прва книжарница на тркала

Новата, подвижна книжарница на издавачката куќа „Антолог“ ќе почне со работа денеска (17 март), со почеток во 12 часот, на Плоштадот Македонија, а потоа ќе ја менува својата локација низ целата држава.

„Одамна размислувавме за можноста што повеќе да ги доближиме книгите до нашите читатели што секојдневно нè следат и нè поддржуваат, особено во оние места каде што за жал бројот на книжарниците и достапноста на книгите се на многу ниско ниво. Оваа нова и иновативна книжарница на тркала е следната приказна што ја испишуваме и на која сме особено горди. Книжарницата ќе патува низ целата земја за да биде што поблиску до книгољупците, задржувајќи го сепак оригиналниот уметнички концепт по кој како бренд сме препознатливи. Покрај богатиот асортиман на домашна и преводна литература за сите возрасти, идејата е и да прерасне во атракција што ќе обединува книжевни настани, промоции, средби и гостувања на автори“, велат од „Антолог“ и додаваат: „На нашиот сајт www.antolog.mk, како и на нашите профили на друштвените мрежи редовно ќе ги објавуваме програмата на книжарницата на тркала и локациите на кои таа може да се најде во моментот. Исто така, со оглед дека целта на оваа книжарница е да ги исполнува желбите на читателите – секојдневно ќе бидеме отворени за предлози на места што треба да ги посетиме следни.“

Во новата книжарница на тркала на „Антолог“ ќе бидат достапни наслови од поновата продукција на оваа издавачка куќа, а од денеска само во оваа книжарница ќе може да се набават и три најнови изданија, тукушто излезени од печатница: долгоочекуваната „Умешноста да ја креирате вашата реалност“ на Ана Бучевиќ, новата книга „Мечкоград“ од популарниот автор Фредрик Бакман, како и емотивниот роман „Измиен грев“ од Сара Омар.

За време на првиот официјален работен ден на книжарницата на тркала на плоштадот во главниот град, сите книги ќе се продаваат по намалени цени, а организаторите најавуваат наградна игра и гостување и потпишување книги на домашни автори, меѓу кои и годинашниот добитник на „Роман на годината“ и кандидат за наградата „Балканика“, Владимир Јанковски.

 

 

ОкоБоли главаВицФото