Трите автори што влегоа во финалето на наградата Новите! 2010

20.12.2010 11:48
Финалисти за Новите! 2010

Славица Гаџова, Каролина Давчевска и Иван Шопов се овогодинешните финалисти на конкурсот за најдобар дебитантски ракопис „Новите!“. Денес објавуваме извадоци од нивните ракописи. Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 29 декември во 12 часот, во клубот ГЕМ.

Славица Гаџова, Збирка раскази

Часовник

Татко ми секој ден го мести алармот на рачниот часовник, за да се разбуди на време. Рачниот часовник има толку препознатлив звук, се врежува во главата како звук на рано утро, уште неразденето, полутемно, полумагливо, влажно утро кое најавува напорен ден. Звукот не е остар, напротив, нежен е и мек, а сепак ги подава рацете да извлече од сон, како што се извлекува човек кој виси над бездна. Еден ден, часовникот се расипа. Звукот на будење, на рано утро, неразденето, полутемно, полумагливо, се повторува секоја петта минута. Часовникот стои на масата во дневната соба, а се слуша насекаде во куќата. Нежен звук кој прекорува. Секоја петта минута некој од нас станува, го притиска страничното копче и повторно му се враќа на сонот. Јас станувам неколку пати по ред, го притискам страничното копче, ги притискам другите копчиња, барам решение, земам игла, го притискам копчето со иглата, го отстранувам ремчето. Часовникот ѕвони секоја петта минута. На сите маки, снема струја, темно е, не можам да видам колку е часот, ни на компјутерот, ни на музичкиот систем, ни на телевизорот. Го земам часовникот, го покривам со неколку перници, со неколку ќебиња, попусто. Панично истрчувам надвор и на излегување, се сопнувам од уличниот пес, сонливо испружен пред влезната врата. Часовникот се слуша во целата улица! Песот не се буди од ненамерниот удар на вознемирената нога која стапнува во полумракот. Ниту од допирот на раката која го бара пулсот.

Калина

Калина не се враќа назад. Се претвора Калина во птица, во мрена риба, од едно животно во друго, од еден облик во друг. Ниту планина, ниту река не ја предомисли. Ниту ја предомислува. Ниту ќе ја предомисли. Дури и кога ги минува улиците со нерамномерен чекор. Дури и кога чувствува дополнително ковче во коленото. И покрај фобиите од височина и длабочина. Во еден здив, со затворени очи, по цена на грч во грбот, истегнати лигаменти, бодеж во градите, внатрешно крварење, надворешно крварење менструално крварење. Одвишното ковче во коленото постепено избледнува и тогаш Калина се растрчува, трча, трча, дури не изгуби здив. Па се претвора од жена во риба, од риба во птица, од птица во риба, од риба во птица, сè додека на хоризонтот има планини и реки.

Книги

Вчера имаше земјотрес. А оваа куќа не е најстабилна. Стари греди и слаба издржливост, како вејка на ветрот е. Креветот на кој лежев се помести десетина сантиметри. Орманот е претоварен со книги. Ќе ти падне на глава, сиот орман, и ќе уништиш сè што има во собава. Да си ги собереш сите книги, снаоѓај се сама, како знаеш и умееш, да им најдеш друго место, ако сакаш стави ги во пакети и однеси ги во подрум, не ми е гајле, ама воопшто не ми е гајле, што сака нека биде со нив, нека ги игризат стаорци, нека се извиткаат од влагата, нема да го ризикувам животот заради тие купишта одвратни книги, вели тој. Не е ова никаква библиотека, ако сакаш да ти се смачка главата, сакам мојата да ми остане цела, готов е тој орман, ќе се преврти, а може и да пропадне долу, на првиот кат, не ставаш во опасност сите со тие глупави книги. Не сакам да ми ја скршат главата, ќе ти ја скршам јас твојата ако не им најдеш место ни чаре. Не сакам книги. Сакам да сум безбеден. Ќе правиш како што ќе речам додека си во оваа куќа и под мојот покрив.
Ги извадив сите книги, ги спакував, им најдов чаре, со сите мерки на претпазливост од влага и стаорци.
Празниот орман се издиша како голем балон и на неговото место остана куп дрвена материја.

Коса

Отсекогаш сакам да се видам себеси во огледало со кратка коса. Но никако не можам да се замислам. Некогаш посегнувам по ножиците и сакам да го направам познатото филмско клише, да си ја исечам косата сама, додека со влажно лице седам пред огледалото, а прамените паѓаат лесно и полека го прекриваат подот. На тоа обично помислувам кога сакам да почнам нова етапа, со ново лице, со нов сјај, без тежината на црните прамени кои стигнуваат дури до половината, една нова лесна јас, која можеби така лесно ќе може да ги премостува границите и лесно да скока од континент на континент, како да се работи за камчиња од калдрма, како плочки од плочник, дрвени штички од паркет. Додека ја чешлам косата и ги собирам влакната од чешелот во купче, повеќепати погледнувајќи во ножиците, косата за момент ми се претвора во марама. Во огледалото ги здогледувам сопствените очи, на едно непознато лице со врзана уста која не може да пушти глас.

Обичен ден

Една девојка излегува од кола во движење, друга хистерично разговара на телефон. Мојот телефон е нем. Колективна навика: сите ги фрлаат пластичните чаши од испиеното кафе во местата предвидени за цвеќе. Инстант кафе. Брзо кафе, брза храна, бавен метаболизам. Телото ми е покриено со црвени линии што крварат - тој секогаш гледа во мене како да скалпира. Лифтот во кој влегувам секавично се придвижува нагоре без да притиснам соодветно копче.

Патувања

Таџ Махал, во едно меурче пластика со течност, над храмот паѓаат сребренкасти светки, кога ќе се протресе. На истата алка, Ајфеловата кула и клуч од дома. На една од полиците во дневната соба, огромни бранови удираат на дубровничката тврдина на чинивче потпрено на две пластични рамчиња. Меѓу книгите, истуткана мапа на која пловат малечки чунови под ниски мовчиња. Во фиоката, марама од Џајпур со живи бои, силно зелена и циклама, испрскана со златни светки во вид на петолисни цветови. Кога ќе ја обвиткаш околу вратот, меѓу веѓите сама од себе се појавува една црвена точка. Под марамата, разгледница од катедралата во Милано, од непознат испраќач и датум од иднината на печатот. На работната маса, стуткан билет за едно возење во градски автобус во Скопје. Во денешниот весник, нов купон од наградната игра за патување во Египет, веднаш до написот за вселенскиот туризам. Малку подолу, Ураган збриша два града од лицето на земјата.

 

Каролина Давчевска, Украдена година (збирка раскази)

Украдена година

Ми фали цела година од животот. Се обидувам да се сетам што сум направил и не можам. Не знам што се случувало од моментот кога наполнив дваесет до денот кога ми честитаа дваесет и една. Имам фотографии, настани, записи, но тоа не сум јас. Некој туѓ ракопис се насадил по тетратките и фотографиите се окупирани од слабуњаво дете кое нема одредено каде гледа. Тоа не сум јас. Немам направено ништо значајно за да се сеќавам на таа година.

Велат дека, кога ќе се навратите на годините што изминале и ако низ сеќавање ве натераат деновите од поминатото време да се расплачете, а потоа и гласно да се смеете, тоа се вредни денови. Но, ако не почувствувате ништо, тогаш сте пропуштиле многу. Епа таа моја една година ја нема. Нема ни смеа, ни солзи, само голема празнина. Зошто не можам да се сетам?
Помислив дека сум ја блокирал од моите сеќавања таа година. Веројатно се случило нешто што мојот мозок забранил да биде запаметено. А што знае мојот бескорисен мозок кога користи само два проценти од својот капацитет? Можеби немам доволно меморија па некоја од годините кои следувале по таа година, несакајќи ми го избришале фајлот. Ми текнаа илјада причини за бришење на една година, но не ми текна што сум правел таа година. Затоа побарав помош од пријател. Другарот М. Се сеќава и на најмали непотребни датуми. Асоцијативно раскажува што точно и кога се случило со историска прецизност. Го предупредив дека има само триесет секунди, затоа што имав само толку кредит на телефонот. Го прашав: Дали знаеш што се случило од мојот дваесетти до дваесет и први роденден? (веќе поминаа петнаесет) Се мисли, негодува, и (пет секунди пред истекот на времето) „Јас бев во Данска, а ти не знам, не се знаевме тогаш.“
Се сетив дека можам да проверам што сум правел пред да наполнам дваесет години, така ќе ги дознам барем дел од задачите што требало да ги извршам по тој дваесетти роденден. Дознав. Дека сум бил на факултет, втора година студии, летен одмор на море (за ова помогнаа и исечените фотографи), сум пишувал глупости во две тетратки, сум истурал мастило и сум прекривал нечие име со црн маркер, во една кутија заедно со тетратките најдов завиткано во хартија, мало парче сапун. Го помирисав. Како забрзана лента мирисот ми ја врати долгата црна коса, темните очи и заборавените раце и насмевка.

Зошто се трудев да се сетам? За да видам повторно, како ги сечам сите фотографии на половина, колку сум знаел да пишувам за среќа и љубов и солзи и омраза и песок и море и фекалии и кал и се по список. За една мала географија составена од две населби, еден парк и три кафеани. Да се сетам дека можам да бидам поинаков и дека можам да трепкам на (денес смешни) розеви панделки. Не требаше да чепкам по заборавеното. Сега знам зошто. Сега, повеќе од било кога ќе се сеќавам само на оваа година и сите други се ништо за неа. Сите други соберени заедно немаат толку солзи и смеа колку овие триста шеесет и пет дена. Ми ја украде. Се појави на мојот дваесетти роденден и го заборави мојот дваесет и прв, а со неа јас, заборавив една година од мојот живот.

Ритуали за среќа

Кога поминувам по главното шеталиште, без потреба чекорам само по сивите плочки. Станав свесна за тоа пред некој ден кога внимавајки да не згазнам бела плочка, го пропуштив влезот на зградата каде што работам. Се сетив дека пред дваесет и две години почнав со моите мали ритуали за среќа. После секој мал тест во училиште или некја желба која сакав да ми се оствари, го тестирав нејзиното остварување (и оценката од тестот) на семафори, дупки на патот, временска прогноза и илјада мали безначајни нешта.
„Ако светне зелено пред да го поминам пешачкиот, ќе одиме на одмор во Шпанија“ или „Ако се разбудам утре и грее сонце, сигурно сум добила петка“. Поминуваа години и моите искушувања на семафорските светла стануваа се посериозни: Ако светне зелено, ќе ме повикаат да работам во онаа голема компанија. Со време почнав да ги решавам и моите животни дилеми на тој принцип:„ Ако врне утре, нема да ја прифатам понудата за работа“ или „ако не го фатам семафоров на црвено, ќе му кажам дека е готово“. Смешно е што семафорот го користев кога бев решена да направам нешто, само си ја тестирав сопствената одлука. Знаев дека ако стиснам на гаста, ќе го фатам зеленото, а ако успорам ќе начекам црвено. Се обидов неколку пати тоа да го сторам и со временската прогноза, ама не можам да им верувам на метеоролозите (намерно грешат).
Не сакам да се навраќам и да проверувам дали некои важни избори во мојот живот биле направени на волја на метеоролозите. Знам дека за сите настани сум виновна јас.

Што е со сивите плочки на шеталиштето? Нив ми ги наметна брат ми: „Дадо, ако успееш да ги поминеш сите, без да ти допре ногата на белите, ќе ти дадам половина од моите слатки“. Никогаш не успеав да не згазам на бела плочка.

Неколку едноставни објаснувања за убавината на црно-белиот свет

Затоа што изборот е едноставен (или црно или бело). Затоа што нема раси (сите се или потемни или посветли). Затоа што Барби е посериозна во црни нијанси (нема розева, нема шмизли). Затоа што серизноста на црно-белата комбинација на кошула и панталони, никогаш нема да биде заменета од небесно сини мокасинки. Затоа што небото е поедноставно. Затоа што крвта не е крвава. Затоа што и фекалиите имаат иста боја како земја. Затоа што сите се задоволни со црно и бело. Затоа што бумбарите ќе станат безначајни. Затоа што може да се облечеш во црно и да го искомбинираш со бела насмевка.

Натрупан свет

Скандали во тесни здолништа и сандали се шетаат во детски градинки. Сини сообраќајни незгоди влегуваат во домови. Светот е полн со цвеќе, но стокмено во бидермаер. Светот е полн со злато, на вратот на дебели Руси. Светот е полн со погледи, упати кон тешката незгода. Светот е полн со среќа, врамена во фотографска рамка.


Иван Шопов, Азбука и залутани записи (збирка раскази)

ПРИКАЗНА Е

Е отиде во театар да ја погледне премиерата на претставата која долго ја очекуваше, но се зачуди кога виде дека е единствен присутен во гледалиштето. И покрај слабата посетеност претставата започна сосема нормално. И тоа само за него. Почетокот беше здодевен. Е чекаше да дојде битниот, возбудливиот, интересниот момент. Не дочека. Претставата беше удав до самиот крај. На Е му беше незгодно да ги остави глумците без аплауз, па стана и силно заплеска со рацете. Иако лоши, актерите беа искусни и ја проѕреа неговата намера. Наместо да се поклонат, му возвратија со уште посилен аплауз. Навистина, Е одглуми дека му се допадна претставата многу подобро одошто глумците глумеа на сцената. Не му беше сосема јасно како од обичен гледач стана актер, па збунет, го напушти театарот без да се поклони.


ПРИКАЗНА Г

Животот на Г одеднаш се промени. Не беа бетонски само зградите во населбата во која живееше. Бетонски станаа и ќилимите во неговиот стан. Затоа, Г понекогаш се збунуваше и мислеше дека е на улица. Бетонски станаа и фотелјите, и троседот, и табуретката и столовите, така што беше многу неудобно да се седи на нив. Бетонски беа и вратите и прозорците. Огледалото исто така беше бетонско, па затоа на Г му беше мошне тешко да се огледа во него. Наместо ликот на Г, тоа одразуваше мозаик со мотив на диво животно, составен од црни и бели камчиња. Креветот, душекот, покривачот, перницата, па дури и пижамите, беа бетонски, така што беше невозможно да се заспие во нив. Полиците на кои стоеја книгите, се разбира, беа бетонски. (За кориците на книгите веројатно веќе претпоставивте.) Телевизорот, одлично вклопувајќи се во ентериерот, беше бетонски, па се чинеше дека постојано емитува една иста програма. Можеби нема да верувате, но и сендвичот кој Г еднаш се обиде да го изеде за ручек беше бетонски! Малку фалеше да му ги искрши забите!

Кога едно утро наместо снег заврна свеж малтер, Г веќе се загрижи. Почека да престане врнежот и да се исушат улиците. Ја собра сета бетонска тежина од станот, ја стави во ранец и излезе на улица, цврсто решен да не се врати повеќе. За да ја ублажи маката од преголемата тежина, Г пееше за време на прошетката. Но, тежината не се намалуваше, туку сè повеќе се зголемуваше. Затоа, колку што ранецот стануваше потежок, толку песната на Г стануваше погласна. Во еден миг ранецот толку му стежна, што Г престана да пее и крикна гласно како диво животно, толку гласно, што го изгуби гласот. Г онеме. Бидејќи нем, тој го остави ранецот на тротоарот и продолжи да чекори без бетонската тежина. По грчевитата гримаса што не ја тргаше од лицето, минувачите дознаваа дека никогаш не му олеснaло.

ЛИНИИ *

Со особен интерес и внимание читате некоја книга. Местата што ви се допаѓаат и ви се чинат позначајни ги подвлекувате со молив. Завршувате со читањето, книгата ви остава одличен впечаток и им ја препорачувате на повеќемина пријатели. Конечно, и’ ја позајмувате книгата на една пријателка.

И таа е внимателна во читањето. Ги подвлекува со молив местата што и’ се допаѓаат, секако, без да ги избрише вашите линии под значајните редови. Завршува со читањето и ви ја враќа книгата во пристоен рок. Вели дека и’ се допаѓа. Ја земате книгата, ја сместувате на старото место на полицата и речиси заборавате дека постои.

По неколку години сакате уште еднаш да ја прочитате. При второто читање, обрнувате поголемо внимание на местата што сте ги подвлекле кога сте ја читале за првпат. Не ги разликувате своите линии од оние на вашата пријателка. Се храните со туѓи впечатоци и без да знаете присвојувате нешто што не е ваше.

* [Запис пронајден меѓу редови]

РЕД *

Во мојот дом сè мора да се наоѓа на своето место. Токму затоа вчерашниот земјотрес не ме вознемири предизвикувајќи ми некаков смешен страв од смртта, туку поради тоа што направи вистински хаос во куќата. Се скршија неколку чаши што паднаа од кујнската маса; сликите закачени на ѕидовите висеа искривено; малата витрина беше изместена на средина од дневната соба и сите украси во неа беа превртени и стоеја на куп. Најстрашна последица беше паѓањето на неколку книги од полицата кои безмалку сосема се распарталија. Ми требаа часови да ги доведам работите во првобитниот ред.

Денес речиси сè си е на своето место. Купив нови чаши и ги поставив на кујнската маса; сликите се закачени како што треба и висат под прав агол; витрината ја истуркав во десниот агол од дневната соба и сите украсчиња ги наместив како што стоеја отсекогаш: лулето, кристалното еже, дрвеното кутиче, порцеланскиот свеќник, пепелникот од слонова коска, школките и камчињата што ги донесов од еден одмор... И полицата со книги ја доведов во ред: Рембо, Бодлер, Хлебников, По... сите се вратија каде што беа пред земјотресот. Булгаков и Хофман беа прилично оштетени, но ги залепив колку што можев, па и тие си го заземаа старото место на полицата.

Речиси сè се наоѓа на своето место и домот би изгледал совршено да не недостасуваат очите на мојот верен пес кој седи покрај креветот како некаква статуа. Длапките му зјаат празни. Зениците ги нема. Но, чувствувам како токму со нив од некаде нападно ме гледа и не ми дава да уживам во одново воспоставениот ред.

* [Запис пронајден во сеизмограф]

ЉУБОВ *

Се сакавме многу. Се чекавме пред контејнерите. Секогаш. На секоја средба. Така фрлањето ѓубре за мене доби посебно значење. Тоа не беше обичен санитарен чин. Тоа беше симбол на нашата љубов.
Си замина ненадејно. Отиде без поздрав. Ми остана ѓубрето како единствена нишка што ме поврзува со неа. Не ја преболев. Престанав да фрлам ѓубре. Го чував дома како спомен за неа. Соседите ме замразија поради смрдеата што се ширеше.

Болката беше огромна. Неописливо голема. Малку ја ублажи отказот што таа го доби од работа. Потоа се вработи како ѓубреџија. Можев да ја гледам како го празни нашиот контејнер. Тоа ми претставуваше мала утеха. Глетката како се оддалечува качена на ѓубреџискиот камион со насмевка на усните и нежно мавтање со раката повторно ми го кршеше срцето.

* [Запис пронајден во канта за ѓубре]

ВО ЛАВИРИНТОТ *

Ја штипнав за задник царевата ќерка и ме затворија во лавиринтот на Минотаурот. Во почетокот ме тепаа крвнички секој ден, но сега е подобро: кон мене се однесуваат пристојно, редовно ме хранат и ми дозволуваат да играм фудбал со останатите штипкачи. Единствена обврска што треба да ја извршувам како казна е да го метам лавиринтот сè додека не ме изеде Минотаурот. Малку е здодевно, но подобро е отколку да безделничам чекајќи ја смртта. Ме теши и тоа што знам дека правам нешто корисно – чистотата е половина здравје!

Сепак, и по дваесет години престој во лавиринтот, сè уште го немам видено Минотаурот. Не го виделе ниту моите браќа по метла. Сеедно. Лавиринтот и понатаму мора да го одржуваме беспрекорно чист.

* [Запис пронајден во метла]


Спонзор на наградата Новите! е Комерцијална Банка.


Фотографии: Наташа Гелева

Patuvanja-najdobriot raskaz

Patuvanja-najdobriot raskaz sto sum go procitala vo posledno vreme. Sekoja cest za mladata Gadzova

Несовесно е од ваша страна

Несовесно е од ваша страна што ги подгревате надежите на финалистите кои не ја освоија наградата, а се надеваат, особено што победникот веќе ја печати книгата. Сметам дека од година во година конкурсот „Новите“ станува се поголема гротеска и наместо да се почитуваат објективни книжевно - естетски критериуми, се негува или принципот на „враќање на услуга“ на победникот, или пак се наградува ракописот кој е силно политички ангажиран и во линија на агендата на нарачателот Сорос и Милчин лично . Уште нешто, има една песна од српскиот рапер Марчело која како да е измислена за Вашиот Гелевски и компанија...Вие сте тој вирус, позеришта едни што глумите авангарда!

Почитуван/почитувана, Нема

Почитуван/почитувана,

Нема ништо несовесно во тоа што се објавува список на финалисти кои влегле во потесен избор за добивање награда, а некои од нив (во овој случај двајца) нема да ја освојат. Тоа е принцип на работа што често се користи при доделувањето награди - прво се прифаќаат пристигнати книги (или во овој случај ракописи), потоа се прават неколку кругови (или еден во зависност од обемот на пристигнатите текстови), се прави листа од неколку финалисти, па на крајот се соопштува добитникот на наградата. Така функционира, на пример, една од најрелевантните награди во англиското говорно подрачје, Букеровата награда. Се објавуваат финалистите (http://www.themanbookerprize.com/news/stories/1451), а меѓу нив се разбира се и книги кои нема да ја добијат наградата, но комисијата, сепак, одлучила дека треба да бидат на некој начин издвоени од сите книги кои конкурирале за неа. И Нобеловата награда функционира врз принципот номинација, правење потесна листа, па објавување на добитникот. Сличен е и принципот на доделување на наградата за најдобар роман на Утрински весник, таму има повеќе филтери и кругови. 

Затоа е сосема разбирлива нашата одлука секоја година да ги објавиме финалистите, па потоа да ја доделиме наградата. Тоа што ги објавуваме финалистите значи дека неколку ракописи издвојуваме и сметаме дека се подобри од оние кои не влегле во последниот круг. Истовремено, сметаме дека тоа е добра можност тие автори да се потенцираат и дел од нивното твортештво да стане подостапно за пошироката јавност.

Вашиот став дека од година во година конкурсот станува се’ поголема гротеска нема да коментирам затоа што тоа е Ваше легитимно право да го оценувате така. Но, ќе кажам дека сосема не е точно дека не се почитуваат „објективни книжевно - естетски критериуми“, не е точно дека „се негува или принципот на ,враќање на услуга’ на победникот, или пак се наградува ракописот кој е силно политички ангажиран и во линија на агендата на нарачателот Сорос и Милчин лично.“

Досега добитници на наградата биле Александар Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус и Ненад Јолдески. Ако подобро погледнете во архивите што Темплум правел, со речиси никој од овие автори Темплум немал некоја посериозна соработка, а уште помалку дека станува збор за „враќање на услуга“. Најдете и наведете за која завршена работа на некој од наведените автори сме требале да им вратиме услуга. За Ваша информација, двајцата од наградените автори (Јолдески и Дозгулпмус) членовите на комисијата не ги познаваа пред тие да ја добијат наградата - т.е. ги запознавме тогаш кога објавивме дека ја добиле наградата.

За крај. Ниеден од досега објавените ракописи на никој начин не е силно политички ангажиран во ниедна линија, а уште помалку во линијата на Сорос и Милчин. Наградените книги се различни меѓу себе во голем степен. Дури и при површно читање може да се види дека тие мошне се разликуваат една од друга - стилски, идеолошки, поетички, јазично итн.

Покровител на наградата веќе 5-та година по ред е Комерцијална Банка, одредена финасиска помош за објавување на печатеното издание 3 години по ред дава и Министерството за култура на Република Македонија. Фондацијата Инситут отворено општество на ниеден начин не ја поддржува наградата. Вашите тврдења за политичката агенда на книгите што излегуваат се пред се’ неточни, а освен тоа навреда за авторите што ја добиле наградата. Кажете на кој начин досега наградените 4 книги се политички ангажирани во контекст на она што го кажувате. Освен тоа, ги имате погоре во текстот извадоците од трите книги кои оваа година влегоа во финалето. Сите можат да ги прочитаат - најдете барем еден пасус кој може да биде поткрепа на таа теза за политичката обоеност на конкурсот!

Поздрав,

Владимир Јанковски, член на комисијата за доделување на наградата Новите!     

Како е можно еден ист автор

Како е можно еден ист автор да конкурира две години по ред со истата збирка раскази и згора на тоа да влезе во потесниот круг? Дали навистина нема конкуренција?

Според правилникот за

Според правилникот за доделувањето на наградата имаат право да конкурираат дебитанти кои досега не објавиле прозна книга. Со иста книга може да конкурираат и автори кои и претходна година конкурирале, па и влегле во потесен круг. Бидејќи книгата не била објавена, не добила награда, таа уште се согледува како ракопис.

Освен тоа, никогаш не се случило книгите кои две години по ред конкурираат да бидат сосема исти, дури и кога имаат ист наслов. Секогаш има разлики во ракописите, сменети раскази, додадени нови и слично.

Дали има или нема конкуренција сведочат бројките и квалитетот на ракописите.

Владимир

Имаше на времето еден ептем

Имаше на времето еден ептем правоверен комунистички фанатик (Нимани, мислам) кој на почетокот на осумдесеттите го испушти славниот крик: „Зауставите Ројтерс!“ Така и изродбенициве: Зауставите Окно! Сопрете ги Новите! Камен на камен да не остане пред пустошењето на тн. преродба. И ако не сте знаеле, почитувани читатели на Окно, се’ во оваа земја постои заради преродбата и се’ се врти (има и инквизиција, која го утврдува тоа) околу пресветлиот ни, во народот познат како Николае Грујабе (т.е. Златниот-Црниот). Целото постоење на Гелевски, од пунолетство навака (инквизицијата му ги проштева малолетничките гревови спрема севишниот), е насочена контра тн. преродба и нејзиниот император лично! Ради тоа е сумљива која било активност! Да се разбереме! (Да не збориме за антигруевистичките тенденции на злотворот Владимир Милчин кој од 1968 навака, особено нагласено, ровари и работи против груевизмот, т.е. преродбата.) Без многу фемкање, затварај Окно! Затварај Новите! Поступи по нареѓењу! Вие мене ќе ми се просеравате со книжевност дур народ (вмровски, за другиот ме заболе курот) гладуе...

Bravo za izborot!!! Mi se

Bravo za izborot!!! Mi se dopaga zenskoto pismo..."Natrupan svet"-Davcevska, a osobeno "Casovnik"-Gadzova

Камо среќа победниците на

Камо среќа победниците на Окно (дебелиот гротескен ѓоамити конзервативец-сељак, Букарски, ултрамакедонистички насочената (такуѓере гротескна)монахиња Макрина и двата блуткаво аполитични типоси, стружанецот Јолдески и охриѓанецот Дозгул) - да беа бар троа политични посвесни! И сите други скрибомани и кукавици, да имаа бар малце муда (или што ли веќе, девојките и жените) да промрморат, макар и низ метафори, за невремево (читај: преродба) што не’ снајде! Затоа изродбеникот и се иживува и го погани секое парче (фиромска) земја. Ви дое и тука, глеам... Е па ќе доаѓа. Дур вие пишувате писмени вежби и се згражате над примитивизмот на изродбеникот и над компромитираноста на Бранко... Машала, малолетни писателчиња! Ало, изродбеници! Распаљуј! Растурај!

Колку е лесно да се каже дека

Колку е лесно да се каже дека сите не чинат! Дај бе кажи што чини според тебе, на што треба да се огледаме? Можеби на некој конкурс за поема каде што или имаш про-античкомакедонситичка тема или си аут? Или да се собереме да правиме серија која ќе ја афирмира политиката за трето дете? Па да бидеме пополитични и да ти се допаднеме тебе и на таквите - полнолетните како тебе.

Блуткаво аполитични... е баш

Блуткаво аполитични... е баш ми се пријаде благо од синтагмава. Нова ќе е?

ЗА ПЛУКАЧИТЕ ШТО ПЛУКААТ

ЗА ПЛУКАЧИТЕ ШТО ПЛУКААТ ЗАРАДИ ПЛУКАЊЕ

Многу плукате. Дури и да се сложува човек за некои работи со вас, да му е срам да застане на ваша страна - толку сте пис на јазик. По муабетот ми наликувате на продавачи на петарди од бит-пазар, а таквите не ги личи да пишуваат на места каде што се зборува за книжевност.

И, ве молам, ако не сте од овој занает, не туку тресете зелени. Немојте бре луѓе да загадувате околина со своето мислење. Вашето мислење овде е неважно, глупаво, смешно. Жално до иритирање. Гледајте си вести, Собраниски канал, портали со дневна политика - и таму коментирајте си. Кој ви брани? Има и за вас место под сонцето.

Немојте овде. Ова е конкурс за книжевност! Книжевноста е друг свет, друга димензија, инакви правила - кои многумина од вас не ги разбираат, не можат да ги разберат - а и не треба. Само не мешајте се таму каде што не ви е местото. Копајте си ја својата бавча.

Ѓоко

п.с. Владимир, секоја чест за смиреноста и исцрпноста при одговарањето.

За прв пат се јавувам со

За прв пат се јавувам со коментар за да го кажам следново:
БРАВО ВЛАТКО! Браво за достоинствениот, аргументираниот и културниот начин со кој ја браниш оваа прекрасна иницијатива од оние што сакаат да загадат се што е убаво и добро, користејќи се притоа со секакви само не книжевно-естетски аргументи. Честитки за сите што се пријавиле на овој конкурс, за тројцата номинирани, и честитки однапред за победникот!

Ги сакам „Новите!“ Го следев

Ги сакам „Новите!“ Го следев и Електролит и Кусите-куси раскази на Окно. Само терајте! Вршите одлична работа! Поддршка и честитки!
А од овие три автори, според приложеното, навистина не можам да решам кој е најдобар... Добри се тројцата! Со нетрпение ја очекувам одлуката на жирито:)

Јас веќе имам фаворит,но би

Јас веќе имам фаворит,но би било невкусно да го кажам земајќи го во предвид квалитетот кој го покажуваат сите тројца финалисти. Ми се допадна минимализмот на Гаџова, вчера на сите им кажував дека со црна облека секогаш може да се комбинира бела насмевка.Делуваше како да е отсечено од некој култен филм како Breakfast at Tiffany's. Давчевска има неверојатна способност да го конвертира тажно-загубениот љубовен поглед во зборови, очекувањата во зборовни низи. А, најмногу - да раскаже големи вистини во мали пакувања. Џентлменот меѓу двете дами,Шопов, е длабок симболист и толку решенија и резултати имаат неговите совршени математички равенки, што може цела енциклопедија да произлезе од нив. Крајно денешни моменти.

И да, позади добриот коњ секогаш се крева прашина!