Умор

17.03.2021 23:28
Умор


Деновиве во Загреб илезе од печат книгата „Полигони“ од Будимка Поповска, на хрватски јазик. Преводот е на Томислав Ровичанац, во издание на хрватската издавачка куќа „Извори“.

Ровичанац во својот поговор за делото вели: 
„ПОЛИГОНИ се збирка прилично радикални прозни и поетски записи, некаква мала вежбалница. Во нив сомнежот е доминантниот збор, не кон зачестеноста на користењето, туку како методологија на откривање на животот, неговите аналогии и противречности. Пишувани се од недвосмислено автобиографски агол и писателката го раскажува своето ментално и духовно патување и созревање, а тоа, наизглед, често завршува во фаталистички поенти.

Но, тука не се работи за верување во постоењето на судбината како однапред зацртан живот, предодреденост и слично. Детерминизмот е туѓ на слободата, без која дури ниту дишењето не е можно. Па и кога 'доведува се’ во прашање', таа тоа го прави со верување дека навистина може да се состави нешто ново и подобро, дека може да се дојде до конкретна цел или решение, до одново воспоставување комуникација со отуѓената културна публика. Тоа е надминување на постмодернистичата скепса кој секој можен концепт, обид за воспоставување нова вера во можноста на уметностите како средства за комуникација и средства за конструктивно преиспитување на светот. “




умор

Мојот умор ја прегрна вселената
Како кит од десет тои
И слон готов да умре
Направив свртување
И во галоп, се закопав во сегашност,
Ни лево ни десно,
Речиси никаде, ниту каде било
Засекогаш
I almost believe in
everything.




Змеј

Ги избегнувам клучните изрази, речиси молчам, бидејќи
ме читаш оддалеку
Со нишките на провидението
откриваш

А премрежијата плетат бесшумно
Блиску до умот
Плетат ли плетат
чудесни планови, тајни,

на работ од нешто,
поблиску од вратната жила

мора да е
танц на врвот од огнот
одење по жар
и принуда
ова лудо чувство
на нескротлив гнев
другото лице
на љубовта.

 



Претходни песни

Томислав Ровичанац, историчар на уметност, поет, графички дизајнер, преведувач. За книгата „Полигони“ дознал од македонскиот сајт за литература „Окно“ и ја превел. Досега има преведено бројни дела од руски (главно од досега необјавувани автори) за првпат објавени во хрватски часописи за книжевност. Го превел и Петре М. Андреевски. И самиот пишува поезија, која може да се најде на неговиог блог, „Стихоклетник“.

Будимка Поповска досега ги има издадено книгите:
„Врата“ Темплум 1994
„Полигони“ Темплум 2007
„Друга визура“ Премин 2008
„Невидливи вежби“ Пунктум 2008
Куќа на Марс“ Темплум 2019
„Ботичелиев Каталог“ Темплум 2019

ОкоБоли главаВицФото