Телесни искуства

18.03.2021 12:49
Телесни искуства

 
  Жилбер Андрие ни порача: „Не треба да се мешаат телесните искуства со расправите што се водат околу нив... Ако телесните искуства имаат своја воншколска димензија, расправите само одредуваат што е физичко воспитување, на пример, или ги нормираат искуствата и оние што ги практикуваат“.

Телесните искуства ги надминуваат расправите и не можат во целост да бидат содржина на некоја анализа; на тој начин, анализата на телесните искуства имплицира расчекор меѓу искуството и дискурсот, дури и рефлексивниот, кој го опишува.

Џудит Батлер, сложувајќи се со анализите на Шошана Фелман, прецизира: „Фактот дека дискурзивниот чин претставува и телесен чин не значи дека телото е во целост присутно во својот дискурс. Дискурсот и телото се поврзани како со некаков хијазам. Дискурсот е телесен, но телото го надминува дискурсот што го произведува.“

Разгледувањето на телесните искуства е асиметрично и дава поместено знаење: задоцнетиот чин одново се врти кон она себство кое му дава смисла, иако тоа субјективно значење го одразува доживувањето на оној кој го искусил, а не значењето на самото тело.


Телесното искуство е можност да се промисли неговиот придвижувач, како и движењето на телото: никогаш неутрално, тоа влијае на поимањето на себе со посредство на телото и сo позитивните или негативните последици на тоа искуство врз неговото задоволство и рамнотежа. Со отпочнување на искуството, телото се придвижува и се освестува ако агенсот е истовремено и субјект на неговата акција, а не само пациент одреден од неговите несвесни пориви. Кога се покренува телеснотo искуство, тоа го става во акција физичкото тело: повратна спрега меѓу екстернализацијата во светот и инкорпорацијата на последиците од активностите врз себе ќе постави услови за промислување за доживеаната смисла.

Но ако телесното искуство е рефлексивно по себе, не е непосредно рефлексивно и за себе: извесен број препреки за анализата на телесните искуства произлегуваат од свесното или од несвесното. Во несвесното, телесното искуство произведува дополнителна рефлексивност низ појавувањето во сон или низ симптоми. Телесното искуство раскажано на друг, како во аналитичкиот диспозитив, користи говор кој ја надминува мојата рефлексивност: „да се разбере несвесното значи да се разбере она што, во потесна смисла на зборот, не може да ми припаѓа зашто токму претставува предизвик за реториката на припаѓањето, зашто тоа е начин да се биде лишен од себе, од самиот почеток, преку интерпелација на другиот“.


Тоа лишување од своето сопствено телесно искуство се проектира во зборовите кои агенсот ги упатува кон аналитичарот. Аналитичката интерпелација „тебе ти соопштувам за себе“ ја дефинира одговорноста на телесното искуство одредувајќи ме ако не како причина, тогаш него како волен или неволен агенс. Таа предрефлексивност освестена низ обраќањето кон другиот и низ неговото херменевтично возвраќање, го ослободува телото од неупотребливите материјали (фантазијата), од употребуваните (вината) и употребливите (можностите).

Минувајќи низ сите наслаги на текстовите и раскажувањата, телесните искуства ги опфаќаат „живите траги на минатото, изречените зборови, придвижувањата, снагата, намерата и држењето на телото, зборовите на страдањето... се’ на се’, ги опфаќаат настаните кои телата ги доживеале исклучиво телесно“. Самите тела се тие кои декламираат и раскажуваат, назначувајќи ги - низ написите на Леноар, Харди и Мерсие - „во некој реченичен пресврт неочекуваните можности на телото, сетилните искуства во средба со другите и со настаните; тие не се во состојба да ги спречат сознајните процеси, процесите на мислење и волјата за надминување која збирот ја покажува; ненамерно, описите ги преплавуваат дефинициите за телата и за наметнатите општествени и морални оцени“. Живиот облик на претставата го оптоварува телото: тоа создава ставови, движења и држење кои не можат да бидат во целина содржани во говорот.


Телесното искуство го претставува она доживеаното за својот агенс и проектираното значење за толкувачот; современите интерпретации на документи кои опишуваат претходни телесни искуства го откриваат доживеаниот идентитет на агенсот, но низ актуелни категории. Дали ниту самото тело не може да биде содржано во некои описи на себе или телото, или описите на себе или телото се оние кои го ослободуваат телесното искуство од самото тело? Бидејќи телесното искуство претставува видлив дел низ кој телото се отелотворува, но не е секогаш свесно за значењето на своите започнати активности: изгледот, надворешноста, знакот или трагот сведочат, често преку традање, за семантичката активност на телото, а притоа неговата рефлексивност не е секогаш доволна за да се разбере нејзиното значење.

Агенсот се служи со телесното искуство за да се објективизира екстернализирањето на доживеаното, шемите или сликите на телото. Кога оваа екстернализација на телото ќе започне да се забележува, таа претпоставува дека агенсот без телесно искуство би можел да остане само пациент кој ја чувствува пасивноста на својата плот. Пронижано со живоста на својата плот телото може да биде субјект само ако почне да се применува: но таа екстернализација не може секогаш да се провери, како при преминот на чин низ кој изразната снага може да се преобрази во насилство над другите, па дури и над себе. Тој кусок на контрола произлегува од енергетската концепција на телото која во практиката би пронашла истовремено и функционална регулација и семантичка реализација; телото добива смисла низ своето искуство.

Слики: Mark Ryden
Извор: Le dictionnaire du corps, 2008

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото