Набедени, а неспособни за омраза

19.03.2021 14:47
Набедени, а неспособни за омраза

Пред некој ден, од највисоката дипломатска позиција на соседна Бугарија, беше повторена – по којзнае кој пат – констатацијата дека најголема пречка во остварувањето на пријателските односи со нашата земја е што во Македонија се одгледува културата на омраза кон Бугарија и Бугарите, и дека нашиот јавен простор е полн со „говор на омраза“ кон соседите. Уште првата употреба – месеци порано – на оваа синтагма од говорницата на бугарското министерство за надворешни работи, ме затекна сосем изненаден. Прво што помислив е дека госпоѓата просто се збунила, погрешно употребувајќи ја во последниве години прекумерно модерната фраза. Потоа помислив дека употребата на квалификацијата „говор на омраза“ за оправданите реакции на македонската јавност на повампирените бугарски санстефански аспирации кон македонската територија – топтан со македонската историја, култура, нација и јазик – е намерна дисквалификација со злоупотреба на значењето, пред сѐ поради тешкото докажување или правдање од ваквата клевета. Конечно, си мислам дека пречестата злоупотреба на фразата веќе почна да резултира со губење на нејзиното значење, не само кај госпоѓата што премногу пати погрешно ја употреби, туку и кај нас реципиентите – да се изразам народски – поради пречестите семантички злоупотреби на веќе баналната, но зловеста фраза.

Ментално нарушување

Сепак, ме стави во мисла значењето на фразата „говор на омраза“ и – колку повеќе ја повторував во себеси, толку повеќе ми бледееше нејзината содржина, чиешто значење не само што ми бегаше од глава, туку почна буквално да исчезнува, како да се ретчи и испарува. Веднаш го воочив овој ментален проблем: повторувањето само по себе, а не пак грешното повторување, мора да е причината оваа инаку симпатична госпоѓа со мил глас сосем да го изгубила од мозок значењето на зборовите што ги изговара. Отворив, загрижен, речник – оксфордскиот е најажурен за нови кованици и синтагми – и таму сѐ уште стои познатата дефиниција: говор на омраза е зол и заканувачки говор и пишување што ги одразува предрасудите против одредена група, особено врз основа на расата, религијата или сексуалната ориентација.

Ми лекна: рака на срце, никогаш не сум имал чувство на омраза, а ниту, пак, сум напишал некој збор на омраза кон нашите соседи. Ја споредив дефиницијата со купот реакции во македонската јавност на бугарската фекална граната подло фрлена врз нашиот пат кон Европа. Не најдов ниту една единствена реченица на говор на омраза. Омраза кон соседот во македонската јавност нема ниту во траги, што велат хемичарите. Се разбира, увидот ми е веродостоен само во областа на јавните медиуми, па несомерливата флуктуација на содржини по социјалните медиуми – во кои воопшто не сум вмрежен – не ми е ниту позната. Но, таа сфера – колку што знам – не е јавна по дефиниција, и им припаѓа на индивидуалните искази и мислења што секако не можат да бидат дискурс во преговорите за зачленување во ЕУ, не е ниту спомната во Договорот за пријателство (кој, инаку, бугарската страна го прекрши, па го искина, изгази и на крајот се посра врз него), а ниту, пак, би смеело да биде предмет на реагирање на министер за надворешни работи.

Госпоѓата, значи, најверојатно го доживеала чудното ментално нарушување што се манифестира низ губење на значењето на зборовите. Загрижен за здравјето на оваа истакната сосетка, пробуричкав – како и секогаш, нели – по стручната литература за ваков вид ментални проблеми. И замислете, ве молам, најдов дека овој феномен на ментална дисфункција е забележан и истражуван во психолошката наука и дека е наречен „семантичко заситување“. Изразот го исковал професорот по психологија Леон Џејмс, истражувајќи го проблемот во низа експерименти во изработувањето на неговата докторска теза на случајот. Појавата била нарекувана и „ментален замор“, „значенско исчезнување“, „зборовна трансформација“, но денес е во науката најшироко познат како семантичко заситување. Секој може оваа појава да ја предизвика кај себе само со упорно повторување, читање и препрочитување на еден ист збор. Тој првин станува чуден, па почнува да го губи значењето, за да стане практично бесмислена низа на слова или знаци. „Станува збор за еден вид замор“, вели Џејмс, „што се нарекува „реактивна инхибиција“. Се работи практично за обичен мозочен замор што го предизвикува секое предолго и пречесто повторување, што во случајот на говорот или читањето резултира со губење на смислата на зборовите. Тоа ќе да е, ја пронајдов причината за менталниот проблем на госпоѓата што веќе не го знае значењето на зборот „говор на омраза“, а наоѓањето на точната дијагноза е чекор до вистинската терапија и излекувањето. Лекарството е евтино и лесно применливо: треба само да прекине да ја повторува таа – за неа кобна – но бесмислена фраза.

Отров против себе

И покрај сѐ, и покрај олеснувачкото откровение на ова подмолно психолошко нарушување, кое по успешното лекување веројатно екстатично ќе ги подобри меѓусоседските односи во Западен Балкан, зборот „омраза“ ми остана како ехо во мозокот, и наместо да исчезне, почна да ме замислува околу неговото вистинско значење. Се сепнав: чувствував дека од раѓање го знам значењето на зборот, но кога треба да си го дефинирам со зборови, тие се многу малку и како цело време да се измолкнуваат од свеста. Тркнав до речникот, но и таму тенко објаснување, вели – омраза да ти било чувство на мразење односно исклучително силно чувство на несакање или непријателство. И, толку: за чувство што растури и растура стотици милиони животи, што испиша милиони животни судбини, илјадници романи и филмови, имаме не повеќе од објаснување дека омразата е кога некој мрази! Мрак!

Во обидот да си ја објаснам омразата – тоа најжешко, најтраорно и најмоќно негативно чувство – ми дојде до свест само овој генијален исказ, што веројатно некогаш сум го прочитал, но сега го чувствувам како да излегува од мене: омразата е отров што самите го пиеме, во заблуда дека тој ќе делува на оној што го мразиме. Да, затоа е омразата најнеекономичното и најсамодеструктивното чувство, се разбира – доколку не е адреналински поттик за убиствена пресметка. Тогаш воедно станува и најдеструктивното човеково чувство. И, како може некој – доколку не страда од семантичка заситеност, најмалку – да го набеди овој питом и издишан народ дека одгледува омраза кон своите бугарски братја?! Па, ние немаме енергија веќе ниту за сопствениот базален метаболизам; нашата индиферентност беше највиновна за децениската провинциска диктатура на вмровскиот фашизам во куси панталони што ни ја украде и пепелта од баџите; ние немаме кувет да ги запаметиме и сочуваме основните факти за сопственото постоење, самоспознавање и јазик. Ние како да ги подзабораваме и знаењата за основните дисциплини на цивилизираното живеење: нашите институции се декапацитирани до пароксизам, однатре шупликави како да нѐ зафатила културопороза, која ќе нѐ престори во куп цивилизациски откршоци и прашина. И, нас некој да нѐ набеди дека сме биле способни за омраза?! Чиста глупост.

Слики: Art Hazelwood

Извор: Слободен печат