Капитализмот и инвалидноста

19.03.2021 18:07
Капитализмот и инвалидноста

 

Интервјуто го направи Филип Драча

 

Капиталистичкиот начин на производство вовел своја историски специфична форма на работа која не постоела пред него. Работната сила станала предмет на размена на својот сопствен пазар, стока како секоја друга. Апологетите на капитализмот често истакнуваат дека капитализмот во некоја идеализирана форма е на страната на потрошувачите; продавачите едноставно се покоруваат на она што клиентот го сака, клиентот е единствениот независен член во овој однос. Продавачот поседува само некои специфични стоки кои луѓето можеби ги сакаат а можеби и не, додека клиентот ги поседува парите – универзална стока која сите ја посакуваат. Клиентот е крал.

Меѓутоа, она што не се истакнува е дека овие законитости вредат и на пазарот на трудот; на него работникот е продавач на работна сила, додека капиталистот е клиент. Ако секој клиент сака да плати што помалку за што поквалитетна стока, ако секој продавач е принуден да даде што подобра стока што поефтивно, тогаш тоа значи дека на пазарот на труд надмоќ има капиталистот; а тој секако сака да исцеди што повеќе труд од работниците и за истото да плати што помалку.

Карактеристично во капитализмот е тоа што една класа приватно ги поседува сите материјални услови за работа во некое општество, она што го нарекуваме средства за производство. При таков начин на производство сите оние кои не поседуваат никакви средства за опстанок можат тие средства да ги стекнат единствено со допуштање од владејачката класа; не е важно дали некој сака да работи или не - може да се работи само ако постои личност волна да ја купи неговата работна сила. А на таа личност не ѝ е првенствено на ум работникот да има од што да преживее, туку дали работникот може да произведе вишок вредност.

Ова доведува до општество во кое човековите тела и умови се вреднувани според нивната способност да функционираат исто како и машините кои капиталистите ги поседуваат; телата кои се способни непрекидно и неуморно работат поголем дел од денот и умовите кои се надарени со математичко-логичка форма на интелигенција бидуваат вреднувани над сите останати поради нивната способност да произведат што поголем вишок вредност за капиталистичката класа.

Ваквата општествена ситуација доведува до инвалидност. Инвалидноста сѐ уште главно се смета за природна несреќа затоа што капиталистичкиот режим на работа, кој ја поставува продуктивоста над сѐ, главно не ја доведува во прашање инвалидноста. Наспроти тоа, таа неодамна станала општествено условена категорија која претпоставува една специфична организација на производство која не постоела секогаш. Во преткапиталистичките општества работата не претставувала централно место за интеграција во општеството, и луѓето со помала способност за работа не биле исклучени од општеството на ист начин како сега.

Томислав Медак е член на Мултимедијалниот институт и докторант при Центарот за постдигитална култура на Универзитетот во Ковентри. Во склоп на својата истражувачка работа подрачје на интерес му се технологијата, светската еколошка криза и посткапиталистичката транзиција.

Денес е релативно неконтроверзно да се тврди дека расните или националните идентитети или родните улоги се социјални конструкти, а не биолошки факти – барем во споредба со инвалидноста. Инвалидноста и натаму се набљудува како природна трагедија со која индивидуата едноставно мора да се носи, со евентуална поддршка од општеството. Не може често да се чуе дека некој инвалидноста ја нарекува општествено произведена условеност која нема директна врска со телесната или менталната конституција. Можеш ли да ни кажеш нешто околу тоа во какво општество некои тела или умови добиваат ознака на инвалидност? Ако инвалидноста е општествено условена состојба, кои се темелните општествени односи кои ја генерираат?

Не постои единствена дефиниција на инвалидноста. Конвенцијата на ОН  за правата на лицата со инвалидност ги разликува трајните телесни, душевни, когнитивни и сензорни оштетувања од општествените препреки кои во комбинација со тие оштетувања го ограничуваат учеството на лицата со инвалидност во различните аспекти од секојдневниот живот. Нашиот закон поаѓа од нешто потесна дефиниција бидејќи не споменува препреки туку само ограничена способност за извршување на вообичаените задачи во секојдневниот живот која произлегува од здравствените оштетувања. Така,  иако во пракса не е контроверзно општествените услови често да ги одредуваат животите на лицата со инвалидност во поголема мера од нивните здравствени потешкотии, општествената димензија на инвалидноста и трајната маргинализација се гледаат изолирано од општата структура на економска и социјална доминација во општеството. Меѓутоа, општествената димензија не се состои само во неадекватните социјални права, бариерите и невидливоста на лицата со инвалидност, туку и во маргиналната позиција на лицата со инвалидност во општествата во кои пазарот на трудот и работната способност имаат централна и интегративна улога.

Со цел полесно да ја видиме маргинализираноста во тој структурен регистар, корисно е да се издвојат некои статистички податоци за Хрватска. Според Регистарот на лицата со инвалидност во таа група спаѓаат повеќе од 510 000 лица или 12,4 проценти од вкупното население. Мажите се со 60 проценти застапеност, првенствено поради нашите 58 000 бранители со инвалидност и поради поголемото учество во физички изискателни и ризични професии. Војната и работата се важни причинители на инвалидност. Оттаму, да ги погледнеме податоците поврзани со работата. Повеќе од 300 000 луѓе остваруваат право на инвалидска пензија или надоместок за повреда на работа. Околу 220 000 лица со инвалидност се во работна возраст, но според податоците на Академската мрежа на европски стручњаци за инвалидност сѐ на сѐ од нив третина се вработени. Според некои други истражувања таа бројка е и пониска. Хрватскиот завод за вработување известува дека во 2019 година уделот на невработените лица со инвалидност на берзата на труд бил 4,5 проценти, а помеѓу оние кои нашле вработување вкупно 1,9 проценти. Од нив повеќето се вработуваат во помошни занимања, бидејќи добар дел од децата со потешкотии наидуваат на значајни препреки во образовниот систем, па оттаму дури 66 проценти од лицата со инвалидност не завршуваат повеќе од основно училиште. Истовремено, речиси 40% од лицата со инвалидност се изложени на зголемен ризик од сиромаштија и социјална исклученост, речиси двојно почесто од остатокот од населението. Социјалната загрозеност се прелева и на нивните семејства, бидејќи нивната здравствена состојба често предизвикува додатна работа на нега која социјалниот систем ни оддалеку не ја пружа во адекватна мера.

Овие податоци укажуваат дека пазарот на трудот создава инвалидност, но истовремено и системски ја исклучува инвалидноста. Пролетоска тоа стана очигледно со одлуката на владата во пандемиската потпора за зачувување на работните места да ги пренасочи оние 450 милиони куни кои претпријатијата ги плаќаа на Хрватскиот завод за вработување како пенали бидејќи нe вработуваат лица со попреченост. Вкупно 13% од работодавачите ја исполниле квотата од 3% вработени со попреченост, а дури 63% се одлучиле да плаќаат пенали наместо да земат поттикнувачки мерки да вработат барем една личност со инвалидност. Поради тоа Заводот претходните години насобра повеќе од 600 милиони куни од тие пенали кои не успеваше да ги потроши на вработување на лица со инвалидност.

Зошто конкурентскиот пазар на трудот ја исклучува инвалидноста? Причината е еднoставна: кога работникот со инвалидност има еднаква стручност како и работникот без инвалидност, тој за работодавачот носи додатен ризик со прилагодбите на работниот процес. На пример, дури и кога се работи за работа на компјутер, на лицето со телесно оштетување можеби му е потребен лифт, можеби не може да го мине целото работно време седејќи, можеби му треба туѓа помош. За боледувањето и за другите, покомплексни прилагодувања и да не говориме. За претпријатие кое сака да го организира работниот процес што пофункционално, што пофлексибилно и со што помали трошоци, тоа носи неизвесност. Иако во реално постоечките општествени околности лицата со инвалидност треба да имаат законски загарантирана можност за вработување, пазарот на трудот кој претпоставува прилагодливост на работниците секогаш ќе ги дискриминира. Оттаму, средствата кои Заводот ги насобира треба да се трошат не само на вработување, туку и на остварување услови за автономен живот и покрај ситуацијата на пазарот за труд – на социјалните потреби, на потребите за самостојно живеење и на подобра економска, социјална и професионална позиција на лицата кои им пружаат нега.

Меѓутоа, наспроти структурната исклученост од пазарот на труд, лицата со инвалидност се под постојат притисок да се легитимираат преку својата желба за вработување. Тоа не треба да чуди. Во општество во кое темелните потреби како прехрана, домување и разонода да се задоволуваат на пазарот, за вреден, достоинствен и автономен се смета оној живот во кој се работи и се расплага со плата. Невработеноста, пак, претставува економска зависност и егзистенцијален товар за блиските. Меѓутоа, вработувањето останува недостижна амбиција за добар дел од лицата со инвалидност. Таа интернализација на императивот дека мораме да се вработиме е облик на самопотчинување. Никаква грижа на совест не би требало да произлегува од индивидуалната неможност да се надмине системската исклученост. Оттаму, како што сугерира Сунита Тејлор, лицата со инвалидност треба да бараат „право на неработа“.

Меѓутоа, острицата треба да ја свртиме и обратно. Исклученоста на лицата со инвалидност од пазарот на трудот и од сиромаштијата на која се изложени имаат дисциплинирачка функција во општата организација на пазарот на трудот. На секој работник кој не е доволно прилагодлив, кој ќе се повреди или од која било причина ќе ја изгуби работната способност му се заканува општествена деградација во каква живее населението со инвалидност. Оттаму, исклученоста на лицата со инвалидност наложува да го доведеме во прашање општеството во кое централна улога во интеграцијата и автономијата игра конкурентскиот пазар на труд, а не, на пример, взаемните и соработнички односи на грижа едни за други од кои реално зависи поголемиот дел од нашиот живот и кои најчесто не се одвиваат во сферата на купопродажба на работа и стоки.  

Како што е и вообичаено за една таква социјално контингентна позиција, инвалидноста била различно дефинирана во различни периоди во историјата на капитализмот. Накратко, како настанало општественото условување на инвалидноста, по што денешната положба на лицата со инвалидност се разликува од некоја предмдерна, ако се разликува? Како можеме да ги поврземе промените во поимот инвалидност со минливите потреби на пазарот на трудот?

Парадигмите на инвалидноста се менувале низ времето. Ранокапиталистичките односи се конститурираат, меѓу другото, преку истиснување на општественото мнозинство од животот од земјата во армија на трудот во градовите која ја создава базата за рана индустријализација.Во периодот на раната индустријализација доаѓа до деградација на животните услови на работниците. Иако можеме да претпоставиме дека животот на луѓето со инвалидитет не бил лесен и пред капитализмот, во селските домаќинства тие сепак имале прилика да придонесуваат во работата адекватно на своите можности. Со воспоставувањето на конкурентскиот пазар на труд тие се нашле истиснати од сферата на работата, лишени од средствата за преживување и сведени на товар на ионака тешко сиромашни работнички семејства. За бедните услови за живот, исхрана, здравје и кратките животи на работниците знаеме поприлично од историографијата, книжевноста и општествените теории во 19 век.

Меѓутоа, за бедата на лицата со инвалидитет знаеме релативно малку. Па сепак знаеме дека куќите за сиромашни и затворите уште од порано биле начини за згрижување и оттргнување на лицата со инвалидитет и останатото вишок население. Инвалидитетот се сфаќал како лична трагедија со која лицата морале самите да се носат, а општеството евентуално од сожалување можело да ги одржи во живот. За жал, лицата со инвалидитет и денес се принудени на преживување по затворени институции и затвори. Постои континуитет помеѓу институционализацијата и затворањето, бидејќи инвалидитетот резултира во сегрегација на сиромаштијата и невработеноста кои се, повторно, блиско поврзани со однесувањето кое се смета за делинквентно – и поради тоа лицата со инвалидитет често завршуваат во затворите и како жртви на полициско насилство. Во САД повеќе од третина од затворското население и помеѓу третина и половина од жртвите на полициско насилство имаат инвалидитет, најчесто душевни и когнитивни потешкотии.

Во 19 век паралелните процеси на консолидирање на капиталистичките односи, формирање на национални држави насочени кон популациска политика и развојот на науката донесуваат нови сфаќања и пристапи кон инвалидитетот. Во тој контекст се артикулира евгенички модел во кој хроничните болести и оштетувања се гледаат како закана за вкупното здравје на нацијата која преку механизми на селекција треба да ги отстрани. Таквиот селекциски модел темелен на општествената примена на дарвинизмот не бил насочен само против лицата со инвалидитет, туку и против сиромашните, лумпенпролетеријатот и работниците кои се нашле фрлени во беда со воспоставувањето на капиталистичките односи.

Наместо евгеничкиот модел во 20 век приматот го презема медицинскиот модел. Медицинскиот модел е резултат, секако, на напредокот во разбирањето на болестите. Но до негов подем доаѓа и поради промената на односот кон лицата со инвалидитет поради воените несреќи, а од друга страна поради борбите на работниците за социјални права. Според медицинскиот модел оштетувањето е нешто што треба да се ублажи и да се лечи, а лицата со инвалидитет треба да се сместат во адекватна институционална рамка која ќе им го олесни животот и ќе им овозможи да се подготват за секојдневните задачи. Ние и денес сме во голема мера во таа парадигма на инвалидитетот, иако таа доста се изменила. На пример, јас како лице со низок раст во 1980-ите бев самоволно подложен на зафат за продолжување на потколеницата со методот надворешен фиксатор кој ми донесе доста дополнителни компликации. Денес медицинската етика не би одобрила таков зафат, бидејќи се смета дека не треба да се прилагодува личноста туку околината – што за жал ретко функционира.

Медицинскиот модел недоволно ги согледува проблемите во општествен контекст и со тоа имплицитно ја репродуцира исклученоста на лицата со инвалидитет. Од тие критики на медицинскиот модел на почетокот на 1970-ите британските активисти за правата на лицата со инвалидитет артикулираат интегративен општествен модел на инвалидитет. Општествениот модел оштетувањата започнува да ги согледува од ракурс на општествениот свет на физички препреки, предрасуди, невидливости, патронизирачка институционализација и исклученост од сферата на работа. Сите тие фактори ги ограничуваат лицата со инвалидитет да ги развиваат сопствените способности и аспирации. За општествениот модел инвалидитетот не е примарно одреден со оштетувањето, туку примарно со тој процес на општествено произведена онеспособеност, за кој на англиски се користи терминот dis-ablement. Општествено-економскиот модел на инвалидитет кој јас го застапувам, и кој Марта Расел го разви во своите огледи за инвалидитетот и капитализмот, е дел од тој пристап, но логиката на исклучување на лицата со инвалидитет ја гледа во континуитет со механизмите на доминација во капиталистичкото општество.

Од така проширеното разбирање на инвалидитетот во 1970-ите се разви движење на лицата со инвалидитет кој кампањите, демонстрациите и директните акции – со поддршка од антирасистичкото, антивоеното и работничкото движење – започна да ги доведува во прашање економските и институционалните интереси кои лицата со инвалидитет ги осудувале на трајна исклученост. Лицата со инвалидитет барале права, инклузивни институции и право колективно да ги дефинираат своите потреби и самостоен живот. Од тој процес на политичко субјективизирање произлегол и слоганот, кој воедно би требало се чита и како политичка закана: „Ништо за нас без нас!“. Во деведесеттите, меѓутоа, и тој модел бил ставен под критика во однос на тоа дека премногу ја нагласува негативната димензија  на исклученост на сметка на позитивното искуство на инвалидитетот. Од тие критики настануваат радикални модели на инвалидитет кои нагласуваат позитивно индентификување со инвалидитетот, колективна самоеманципација, интерсекционалност, квирање (анг. queering) и крипање (анг. cripping) на општествата фиксирани на способност. И додека тие модели пред сѐ се насочени кон политиката на идентитет и критика на механизмите на идентитет, значи кон политика на признавање, тие во значајна мера ги прошириле структурните аспекти на теоријата на општествениот модел согледувајќи други облици на општествена доминација низ нормирачките продукти на идеологијата на способност (анг. аbleism) и нагласувајќи ги аспектите на колективната меѓузависност, взаемност и работа на општествената репродукција кои се подеднакво важни за лицата со инвалидитет и други општествени групи.

Лицата со инвалидитет во многу земји се диспропорнионално застапени помеѓу хронично невработениот субстратум на работничката класа, како и во институциите чија функција е (помеѓу останатото) надзор над тоа „вишок население“ кое не успева да се интегрира  во дистрибуцијата на стоки, како што се затворите или психијатриските установи. На кој начин капитализмот генерира невработеност и како може да му биде корисно таа да биде во принцип неискоренлива? Дали лицата со инвалидитет се засекогаш структурно турнати во невработеност (и во наведените облици на институционализација во која невработеноста може да одведе) или е можно да се интегрираат во систем на наемен труд?

Околностите кои се опишани во статистичките податоци кои ги наведов се разликуваат од држава до држава. Прашањето е, секако, дали е тоа само разлика во степенот или во природата. Податоците за скандинавските земји се сепак значајно подобри, иако и натаму укажуваат на значајна работна и социјална исклученост на лицата со инвалидитет во споредба со остатокот од населението. Во тој поглед во побогатите капиталистички општества механизмите на конкурентскиот пазар на труд може да бидат доволно релаксирани и нивното „челично право“ да настапува дури во крајната инстанца – во мигот на економска стагнација и криза.

Значи, во времињата на зголемување на потрагата по работна сила, вработувањето на работно неактивните групи како лицата со инвалидитет може да ја намали растечката цена на трудот, особено ако постојат поттикнувачки мерки за вработување. Ако постои адекватна законска регулатива и ако постојат мерки кои ги смалуваат трошоците на работодавачите, во услови на економска експанзија можна е незначајна интеграција. Но штом настапи економска криза, повторно доаѓа до отпуштање на резервните армии на трудот. Маргиналната позиција на пазарот на трудот за лицата со инвалидитет значи дека создадените услови за работа многу брзо се затвораат.  

Меѓутоа, во економски развиените капиталистички општества во последните децении, опоравувањата од кризата не тендираа кон полно реактивирање на отпуштените работници и повторен раст на надоместоците, туку кон преселување на работните места во југоисточна Азија и автоматизација на производството. Трајниот недостаток од тие работни места резултираше во тоа многумина да мораат премногу да работат за да спојат крај со крај, додека други воопшто не успеваат да најдат работа и го напуштаат пазарот на трудот

Од критички ракурс на инвалидитетот, може да се предложат неколку можни „крпења“  на тие процеси. Прво, од перспектива на „правото на неработење“, би требало законски да се скрати работната недела, на пример на четири работни дена, што би имало позитивно влијание врз достапноста и цената на трудот, зголемување на работното време и вкупната добросостојба. Второ, од аспект на работната несигурност, би требало да се осигура социјална сигурност и гарантиран доход за масата прекарни работници вклучувајќи ги и оние кои вршат професионална нега. Трето, од перспектива на неадекватноста на системот на нега, би требало да се социјализираат и да се прошират услугите во заедницата како што се грижата за деца, постари и лица со инвалидитет, домување, образование и здравство. Секако, како и секоја ситуација на „цивилизирање“ на капитализмот, прашање е дали постојат општествени сили кои таквите реформски предлози можат да ги изнесат. Во секој случај, констелацијата на светскиот капиталистички систем не е кон тоа наклонета.

Кога сме кај односот меѓу инвалидитетот и Холокаустот, ретко се истакнува дека Холокаустот всушност започнал токму со истребување луѓе кои не биле способни да произведуваат вишок вреднст, ниту пак лицата со инвалидитет кога било биле препознаени како жртви на Холокаустот еднакво резолутно како разните етнички групи прогонувани од нацистите. Може ли да се говори за некаква централност на идејата за искоренувањето на инвалидитетот во Холокаустот? Дали идеолошките причини за убивањето на лицата со инвалидитет се споредливи со причините поради кои биле прогонувани останатите жртви на Холокаустот?

Претпоставувам дека прашањето е мотивирано од неодамнешниот случај на Хрватскиот историски музеј  кој Меѓународниот ден на лицата со инвалидитет на социјалните мрежи го одбележи со пропагандни фотографии од Министерството за одбрата на Независната држава Хрватска, на што реагиравме јас и Сања Хорватинчиќ. Министерството за култура  и канцелариите на Правобранителите за лица со инвалидитет и за човекови права им пративме допис со барање да го испитаат постапувањето на Музејот кое содржи елементи на казнено дело смалување на злосторствата против човештвото. За разлика од правобранителите, Министерството го отфрли нашето барање правдајќи го Музејот со фактот дека организирал изложба за страдањата на Евреите од Хрватска во Холокаустот. Како што вообичаено се случува кога ќе се покрене прашање за расистичките злосторства во НДХ соочувањето со злосторствата на Евреите во Хрватска има дневнополитичка цел да се премолчи страдањето на другите, примарно на Србите. Во овој случај Министерството на крајот го премолче страдањето на лицата со инвалидитет на кое ние се фокусиравме во нашиот допис.

Во дописот укажавме на историјата на страдање на лицата со инвалидитет под законите на расна чистота во Третиот Рајх, кои од една страна беа продолжување на евгеничките и социјадарвинистичките тенденции, а од друга страна беа мотивирани од политиките на штедење во воената економија. Од една страна „животи недостојни за живеење“ а од друга „бескорисни гладни усти“. Од 1933 нацистичкиот режим почнува со присилна институционализација и стерилизација на лицата со инвалидитет и со разни „асоцијални“ елементи, од 1938 со еутаназија на деца со потешкотии во развојот, а од 1939 во склоп на Акцијата Т-4 со масовно истребување на лицата со душевни и други потешкотии во плински комори. Иако таа програма е запрена во средината на 1941 година поради протестот на јавноста покренат од Католичката црква, се смета дека во Германија се убиени околу 80 илјади, а вкупно под управата на Третиот Рајх помеѓу 200 и 500 илјади лица со инвалидитет. Законот за спречување на потомство со наследни болести и Законот против опасни криминалци од 1933 година ги поставија темелите за Нирнбершките расни закони од 1935 година, а плинските комори беа преселени на територијата на Полска каде најдоа примена во масовното истребување на Евреите, Ромите, Словените и противниците на фашизмот.

Иако идеологијата на расна чистота претставува заедничка нишка во страдањето на различни групи, па така и на лицата со инвалидитет, некои идеолошки елементи се разликуваат. На пример, додека на Евреите им се припишувала ирационална моќ за создавање светски завери на фиктивен капитал против германскиот капитализам, лицата со инвалидитет социјалдарвинистички се сметале за безвредни и непродуктивни паразити во сопствената економија. Иако расизмите не можат да се сведат на економски односи, тие играат значајна улога бидејќи расизмот ја легитимира доминацијата. Симпатијата на многу капиталисти кон нацизмот почивала врз симпатијата кон евгениката и социјалниот дарвинизам како спонтана идеологија која прикривала дека болестите, бедата и асоцијалното однесување во голема мера се исход на капиталистичките општествени односи кои тие ги создавале, но секако и на фактот дека Хитлер започнал да ја демонтира вајмарската социјална држава.

Карл Маркс во „За еврејското прашање“ ги критизира легалистичките решенија на разни облици на прогон истакнувајќи дека воведувањето разни закони не претставува вистинска негација на состојбите во кои некое малцинство е прогонето, затоа што таа состојба тие едноставно ја претпоставуваат и не влегуваат во коренот на таквите феномени - што е лекција од која и денес имаме многу за учење. Денес во многу земји постојат закни против дискриминација над лицата со инвалидитет и други правни решенија за спречување на исклучувањето на тие луѓе од остатокот на општеството, но колку се тие функционални? Каде може да се критикуваат? Кои се ограничувањата на борбата за права за лицата со инвалидитет?

Антидискриминациските закони секако имаат ограничен досег. Во случајот на лицата со инвалидитит тие не само што не успеваат да ги именуваат структурните причини за дискриминација, туку веќе на првата и едноставна пречка – отстранување на бариерите во физичкиот простор, институциите и услугите – се среќаваат со проблемот на разумен трошок. Да не говориме за покрупните барања во системот на нега кој би требало да ги намали последиците на исклученост. Сите промени се мали и изборени со тешки битки. Како што истакнува правобранителката за лица со инвалидитет Анка Слоњшак, ние сѐ уште се бориме со тоа дека местото на лицата со инвалидитет не е во инстиуциите, дека имаат право на лична асистенција во самостојното живееење и дека имаат право на инклузивен додаток. Законите проблематиката ја артикулираат од перспектива на потребите и правата, но тоа не значи дека постојат структурни услови и политичка сила да се направат промени - кај нас единствено инвалидититет на бранителите се разгледува во размерите на реалните потреби, но токму затоа во тој случај правата не се легитимираат од потребите туку од жртвите за татковината.

 

Меѓутоа, треба да се има на ум и дека малцинствата не можат сами да ги решат структурните причини. Сепак, законите го структурираат просторот за делување внатре во интересно хетерогеното и класно поделеното, кои либералната капиталистичка држава ги интегрира во целина. Оттаму, важно е да не се занемари она што може да се постигне внатре во постоечките општествени односи со тактичко делување преку законите и институциите. Тоа го дефинира стратешкиот простор на општествената борба. Меѓутоа, од историски причини, како што е поделбата на организациите на лицата со инвалидитет според различните облици на оштетување, колективната моќ на делување на заедниците на лицата со инвалидитет е фрагментирана. И додека здруженијата на тој начин можеби можат подобро да се насочат на специфичните потреби на своето членство, вкупната политичка сила на лицата со инвалидитет е речиси непостоечка. Здруженијата се делумно интегрирани во системот, но на неговите маргини. Единственото лице со инвалидитет кое се појавува во политичкиот простор е правобранителката, и таа настапува силно, но тука застанува сѐ. Оттаму, политизирањето на лицата со инвалидитет, како и на лицата кои им овозможуваат нега, е поголем проблем од ограниченоста на законските реформи. Во тој контекст, синдикалната иницијатива Osobni asistenti zajedno (Лични асистенти заедно) претставува добар чекор во вистински правец.

Дали постои општа корист во борбата за подобар општествен статус за лицата со инвалидитет? Да замислиме „здрав“ човек од работничката класа кој внатре во семејството и во кругот на пријатели нема лица со инвалидитет, навидум нема никаква очигледна корист од таквата борба. Дали постојат начини на кои би се поправила неговата лична состојба, и со самото тоа, дали во тоа постои негов личен интерес?

Гледано од перспектива на социјална заштита, користа што „здравото“ население ја има од борбата за подобар општествен статус на лицата со инвалидитит е релативно јасна. Многумина не се раѓаат со инвалидитет туку го стекнуваат. Инвалидитетот е често резултат на неадекваните работни услови, сиромаштијата и несреќата кои резултираат во трајни оштетувања. Тоа може да му се случи секому. Никој во таа ситуација не би требало да биде препуштен на инвалидитетот како на лична трагедија.

Понатаму, како што старееме и ја губиме способноста, сите зависиме од системите за помош и нега - без разлика дали се работи за самостојно живеење или во институции – од кои зависат и лицата со инвалидитет. Без подобар систем на нега, за многумина кои денес се во пикот на силата староста ќе биде тешка.

Гледано од аспект на работата, како што своевремено поентираше Дејвид Гребер, поголемиот дел од работата која ја врши работничката класа е работа на други луѓе. Таквата работа на нега се покажа „есенцијална“ во пандемијата, меѓутоа токму оние кои пружаат нега може да очекуваат најмала социјална сигурност и нега. Борбата за подобар општествен статус на лицата со инвалидитет треба да резултира во подобар општествен статус на тој немал дел од работничката класа.

На крајот, ако оние кои подолго или трајно не можат да учествуваат на пазарот на трудот се осудени на живот во беда, тогаш тоа значи дека во случај на влошување на работните услови, болест или повреда, работникот мора да продолжи да работи без оглед дали тоа ќе резултира во трајна онеспособеност.

Илустрации: Dadu Shin

Извор за текстот: H-alter

Слични содржини

Општество / Активизам / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Теорија
Општество / Активизам / Јавни простори
Општество / Активизам / Балкан / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото