Арс-поетичка балада (и дамнешна и сегашна)

22.03.2021 14:57
Арс-поетичка балада (и дамнешна и сегашна)


За да го откопам живото во писмото
треба ли да ги закопам живите во светот,
најлошите мртовци се најдобри ликови,
но кога баба ми ми вели „Не ставај нè чедо, в книга,
за да не ни се смее народот“,
ме јаде таа јанѕа на дарбата што раѓа единственост,
и прстите ми трпнат пред погледот
како да стојам на покрив од облакодер
и ми се чини, сè ми е на дофат на раката,
а ако скокнам ниту еден душек не ме чека,
имам сестри што гнијат во затвори
имам браќа што не добија излез од земјата
имам тетки што ми прават црни магии
и врсници што се откажаа од мене во весник,
некои луѓе ќе се сетат дека ме знаат
дури на пат кон Последната судница,
поранешните љубовници прецизно ми го мерат зборот
волни и бесни што се исти, а поинакви,
децата на училиште велат дека сум дресерка на кучиња
сè дури не завршам на интензивна нега,
зад секој полов орган се крие политички потег
во секој откопан гроб се крие семејна гробница,
а ме влече тој раскол во ближните, во далечните,
ме прогонува сопствената ДНК оти ја носат и моите деца,
ме копка една приказна што и јас ја копкам.

И овој аскетски живот крие гурмански сеќавања
за легенот со насликана темјанушка
во кој му ги попарив нозете на дедо ми,
за собата-аквариум во кој вујко ми, кусоглед,
малите риби ги храни со големи,
за тангото врз мешунки со грав
со мажот што замина со друг маж,
и како во сабота со „фигаро“ си ги ретчевме влакната едни на други,
а во понеделник им ги отворавме скришум извештаите од банка
на мртвите соседи.
Наместо полиција секогаш повикував брза помош,
наместо повик за прогонство на смртта
барав спас на животот,
но за живите животот не е исто присуство
како за мртвите што е смртта неприсуство.

Седнати скрснозе на чикашкиот аеродром
токму среде сезоната за забрана на лов
токму среде сезоната за зачнување органско дете
си подаваме со А. те топче те црвен картон.
Пружина е меѓу божјата заповед и нејзиниот прекршок
и колку ни е поблизок отстапникот, толку ни е познајна суштината,
отскокнува под кожата, се враќа под коската.
Дури не се во книга, маните и доблестите на ближните
се како долгогодишен лаеж на песот на соседот
или биењето на црковните ѕвона
во точно одредено време,
не нè вознемируваат сè дури соседот
не купи нов пес, а црквата дигитално озвучување,
тогаш човек од Бога се дели
и Бог од животните и секој секого набедува,
а јас ја стискам мислата како меур до најблискиот нужник,
но надвор повеќе не можам да се сетам
чии иницијали носам врз брошот од брезова кора
и дали во чорапот за проширени вени од Шарлавил
Рембо ги собрал соништата на мешунките
потопени во вода што седумпати ќе ја смени,
а ниту една нема да исплива на површината.

Свештениците посетуваат курс по креативно пишување,
вежбаат проповеди поминати низ иглени уши,
подајте си ги дланките, велат, а моите се шупливи,
следната богослужба ќе седнам помеѓу два празни стола
или меѓу воени ветерани без раце и протези.
30 години Краков го помнеше здивот на Чеслав,
а му ги заборави потписот, ракописот,
а јас на секои четири месеци
со поинаков куфер влегувам во Скопје,
52 патувања како 52 карти за Црни Петар
што не знам повеќе како се игра.
Од ниту едно патување не се вратив мртва,
на ниту едно патување не тргнав жива,
но пред заминување црвено касетофонче на батерии
ми ги скрши очилата
и оттогаш светот е џиновска сликовница
во која џуџињата стануваат невидливи.
Имам приватно гробје со 52 надгробни плочи
без историски епитафи, ме влечат за ракав
да играме мижитатара, убави гробишта се тоа,
мртвите го разбираат само мајчиниот јазик.

Од татко ми ги наследив афтите во устата
од мајка ми ја наследив баба ми,
под здолништето со син ширит носев бело подздолниште
кога првпат стапнав во куќата на татковите предци.
Седнати на триножник си ја драскаа кожата црна и рапава
како земја ненавадена околу стебленца на домати.
„Наша си колку што е наше црното под ноктите“, ми рекоа,
и морав да го отворам сетот за маникура. Чичко ми ми врати
со тиквата од приказната за Мице.
Беше тоа борба на естетски придобивки:
невратени чадорчиња од спонзорски пакети,
машина за пишување од државно претпријатие,
пепелници од летни тераси,
речник на ангели од супермаркет, бакарни прстенчиња од панаѓур,
предмети што кога не преспиваат дома не можам да ги препознам,
си водат свој живот,
и костумот во пералницата
и „Метаморфозите“ кај владиката
и личната карта во фиока во општината
и куќата во камион во училишниот двор,
и животот преселен во книга,
но што ќе стане со нив кога ќе се вратат дома,
ќе бидат ли исти или отуѓени,
ќе бидат ли поетика или поезија?
Само една судбина можам да исполнам, но не својата,
само една песна можам да напишам, но не мојата.
А се покајав за сè, и сè ми вратија и сè вратив,
освен себе,
зашто на Оној што ги простува нашите долгови
должни сме му многу, многу повеќе
одошто ни се нам нашите должници.


Слики: Raysa Fontana

Извор: Лидија Димковска, „pH неутрална за животот и смртта“, Блесок 2012.

ОкоБоли главаВицФото