Невидливите бегства од... самите нас

22.03.2021 15:40
Невидливите бегства од... самите нас

(Владимир Јанковски: „Скриени желби, немирни патувања.“ – Скопје, „Антолог“ 2020)

Претседател на комисијата за престижната награда роман на годината што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ беше писателката Оливера Николова, минатогодишен добитник (по вторпат) на таа награда за романот „Песот со тажен поглед.“ Ќе се обидам, накусо, да објаснам што било пресудно да се реши таа (со другите членови на таа комисија), годинашнава награда да му се додели на писателот В. Јанковски за неговиот кус, „мозаичен роман“ (Ќорвезироска) „Скриени желби, немирни патувања.“

Писателката Николова е жив сведок на оној период (1953-1964) од нашата современа литература кога се пролеваа реки мастило, помешано со отровна жолч, за тоа што е модерен израз (сензибилтет, во речникот на М. Ѓурчинов), а што „одживеан“, застарен и анахрон. Во својата програмска статија „Време и израз“ (1953) тогашното прво име на нашите модернисти Димитар Солев велеше дека главна одлика на една модерна проза е „поттекстот“, а не „текстот“ кој би бил одлика на некоја анахрона. Како изгледа една модерна проза со доминанта поттекст Солев се потруди, на дело, да покаже во својот роман „Под усвитеност“ (1957) кој уследи една година по „Две Марии“ (1956) од С. Јаневски.

За Д. Митрев „Две Марии“ беа пример за тоа како треба да се пишува модерна проза. Таков пример за М. Ѓурчинов беше романот „Под усвитеност.“ Тој му оспори, дури, елементарни уметнички вредности на романот на Јаневски. И двата романа се, меѓутоа, тешко читливи. Сè зборува дека, под притисисок на суровиот деспот „како“ (техника) да звучат модерно (концентрација на генитивни метафори), нивните автори заборавија дека треба и нешто (мисла) да кажат. И тоа - не што и да е туку, напротив, „нешто важно.“ (Л.Н.Толстој)


Романот разоткрива

Тоа што беше голем проблем за нашите писатели од тие години, веќе не е проблем за сегашната нова генерација прозаисти кои доминираат во нашата уметничка литература, а во која видно место му припаѓа писателот Владимир Јанковски. Причина за тоа е: најголем дел од нив се добро упатени луѓе во уметничките писма на модерната литература. За сите нив уметничката техника е работа која се подразбира за човек што има амбиција да прави проза; таа техника служи за тоа да се направи текст не заради текст, туку за да каже нешто (порака); за да ни „разоткрие“ (devoilеment, Сартр) нешто за нас и за светот околу нас. Јас сум убеден дека за искусната и угледна писателка О. Николова тоа било пресудно да се реши за романот на писателот Јанковски кој ја доби наградата „Славко Јаневски,“ како што верувам дека не и било многу лесно да го стори тоа со оглед на фактот што, во потесниот избор, се најдоа неколку, во секој поглед впечатливи романи кои би можеле да се најдат на местото од романот на Јанковски. Што е тоа „важно“ за кое зборува неговиот роман? Ќе се обидам да го покажам тоа, по кус и очигледен начин, преку еден мал детаљ од вториот дел („Немирни патувања“) на тој „роман-мозаик.“

Првиот пасус од тој втор дел опишува повраќање на 88-годишна старица (Вибке) и тој опис е, по дух, балзаковско-прустијански иако е далеку од тоа да ја има нивната должина. Кога би можел да го прочита тоа Д. Митрев, сигурно би го нарекол „натуралистички,“ а пак за Солев би бил „застарено изразно средство“ затоа што единствената упадлива фигура во него е споредбата на старечка уста „која се собира […] како прастара ‘рѓосана фонтана...“ Таа споредба тешко може да се „носи“ со квантитетот метафори (главно генитивни) без кои не можеа, во тоа време, ни Солев, ни Јаневски, ни сите други со нив и околу нив.

Кога го читате тој опис, како и други „распрснати“ по кратките секвенци-приказни на писателот Јанковски (како и П. Андоновски и тој вели дека човекот е приказна, а приказната – човек), вие брзо забележувате како се јавува и расте во вас исчекувањето. Се прашувате: што ќе произлезе од тоа?. Одговорот на тоа парашање упатува на енигма (заплет), поправо сол и фин зачин за секое добро раскажување. По таа енигма-заплет уследуваат неколку егзегези на тој гест на изнемоштена старица. Главниот раскажувач го разбира вака: „со ова повраќање Вибке му удира шлаканица на животот;“ токму тој живот ја довел до тоа „да биде немоќна комбинација од млитаво тело и крти коски;“ „Личноста му се одмаздува на телото;“ нејзиното повраќање станува начин да му каже (како на светот така и себеси!), дека сега „постои преку некаква мала суровост.“


Големите мали вистини

Значи ли тоа дека и „суровоста“ за која зборува писателот Јанковски е, понекогаш, на страната на животот иако сме готови брзо да ја осудиме. Ако ништо друго, затоа што „нè вади од такт?“ Мислам дека тоа е една од „важните“ работи за кои зборува прозата на Јанковски. Со такви, „важни работи,“ човек се среќава/судира секој ден. Поради нивната обичност и – баналност, тој човек или не ги гледа, или, затоа што повеќе е свртен кон себеси а помалку кон ближниот свој (сега се вели „другиот“), не сака да ги гледа. Особено тогаш кога тој „ближен“ го „принудува“ да ги чисти неговите одвратни повраќаници. Ќе се обидам сега да ја поткрепам својата теза за малите „важни работи“ во романот на писателот В. Јанковски со уште два детаља од првиот дел „Скриени желби.“

Во оптимално кратката секвенца/приказна „Бистра и Мартин, 8“ станува збор за тоа како е, понекогаш, „попривлечно“ човек да слегува сам по скали од шести кат место со лифт во кој мора да дели „конвенционално време со […] колега.“ По таа, навидум банална вистина-искуство на секој човек од неговиот „сив,“ катаднвен живот, уследуваат две кои звучат како енигми. Првата доаѓа од млада двојка која качува скали; таа двојка спори околу прашањето дали треба да се градат „кули од песок.“. „Вистината“ на таа двојка го потсетува оној што не сака да дели „конвенционално време“ на настан од најрано детство: чул од жена дека можело да се јава „пони од песок.“ Ако оние „кули од песок,“ како и оној „пони,“ се разберат како копнеж на човек по тоа што е неможно и неверојатно, тогаш тој „копнеж“ помага подобро да се разбере зошто човек има исто толку потреба од – себеси. колку и од „другиот.“ При сè што т.н. „интерперсоналност“ е доминанта во структурата личност, модерна верзија на кантијанската формула „несоцијабилна социјабилност.“

Следната, подолга севенца/приказна („Викторија Переира од Коритиба“) зборува за тоа дека човек неретко бега не само од други кога не сака да дели со нив „конвенционелно време“ туку и од себеси затоа што не се поднесува таков каков што е: „Не си го поднесуваше телото. Не ги сакаше кршковидните гради, нозете и се чинеа премногу слаби […] сметаше дека задникот и е преголем.“ Во обид да ја извлече од таа, според нејзиниот партнер Руис, кал на тешка и болна предрасуда (склоност кон автодеградација?), тој прави серија фотографии со својата мобилка на нејзиното голо тело. Последицата од тој насилен гест на Руис е: В. Перерира му удира клоца во истиот момент. Иако токму тој насилен гест и помогнал да се ослободи од својата болна траума: „на ниеден од своите следни партнери не му кажа дека сака да водат љубов во темница;“ „кога еден посака голи да се фотографираат со мобилен, со насмевка се согласи.“

И онаа „шлаканица на животот“ или „мала суровост“ на изнемоштена, 88-годишна старица, и онаа пароксистичка потреба од себеси која го валоризира ближниот („другиот“) како бреме, и грдото бреме-тело кое го презира Викторија Переира се вид невидливи бегства не само од непосредниот свет без кој не можеме, туку и од ... самите нас. За тие бегства романот на писателот Владимир Јанковски зборува со леснина и уверливост кои наведуваат на помисла дека сè што е кажано во тој роман е плод на лично, интимно искуство; дека тоа искуство е „маскирано“ со имиња и ликови од безброј места на земјината топка.

За доволно упатен човек во техниката на уметничката проза, како и за обичен читател, јасно е дека таа леснина и уверливост се – „направени.“ Јасно е и тоа дека и малите, банални вистини од нашиот катадневен живот неретко играат големи улоги во тој живот. Големината и важноста на тие мали вистини е токму тоа што ни го разоткрива прозата на писателот В. Јанковски: убидливо, ефектно и, во секој поглед, мајсторски.

Слики: Gérard DuBois

ОкоБоли главаВицФото