Кривична пријава против „Од нас за нас“: Поттикнувањето омраза и дискриминација мора да се санкционира

25.03.2021 11:50
Кривична пријава против  „Од нас за нас“: Лагите и поттикнувањето омраза и дискриминација мора да се санкционира

Здруженијата ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Коалиција Маргини поднесоа кривична пријава против Здружението за заштита на човековите права „Од нас за нас“ за поттикнување омраза и дискриминација врз повеќе основи. Самостојно, ХЕРА поднесе и тужба за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Овие чекори се преземени согласно реакцијата на ХЕРА по која здружението „Од нас за нас“ не само што не се извинило и не ги повлекло лагите за сексуалното образование и за ХЕРА, туку, како што се вели во соопштението, продолжило да шири невистини и да објавува несоодветни визуелни материјали во врска со пилотирањето на сексуалното образование во Македонија.

„Со ова 'Од нас за нас' недвосмислено со месеци наназад исто така активно промовира и поттикнува омраза и дискриминација не само кон ХЕРА и организациите и поединците кои го поддржуваат предметот сексуално образование, туку и против децата, жените и ЛГБТИ луѓето.

Преку објавите на својата веб-страница и Фејсбук-страница, здружението 'Од нас за нас' го поткрепува своето несогласување во врска со пилотирањето на сексуалното образование во земјава со пишан материјал полн лажни информации за креаторот и содржината на пилот-програмата и за начинот на нејзиното спроведување. Притоа, користи фотографии и илустрации од преплашени деца и од разголени детски тела со замаглени гениталии кои се преземени од други образовни системи и кои не се дел од прирачните материјали развиени за потребите на овдешната пилот-програма, со единствена намера да предизвика страв и дезинформираност кај јавноста.

Дека здружението не е искрено во своите намери правилно да ги информира граѓаните ниту е доследно на своите заложби за рамноправност на сите граѓани потврдуваат и неговите Фејсбук-објави преку кои со умисла предизвикува дискриминација и омраза. Доволен показател за ова се коментарите под објавите кои се пример за навреди, исмејување и говор на омраза врз основа на пол, род и сексуална ориентација - објави на кои здружението во ниту еден наврат не реагира. Во услови кога стапката на насилство кон девојките и жените е на загрижувачко ниво, говорот на омраза кон маргинализираните групи и постапките на здружението во Интернет-просторот директно охрабруваат хомофобија и дискриминација врз жените.

Очекуваме Јавното обвинителство да ја прифати кривичната пријава и да започне постапка со што, конечно, ќе даде пример дека во оваа земја не смее да има простор за поттикнување говор на омраза кон ранливите групи на граѓани и за ширење лаги кои директно се одразуваат на здравјето на младите. Дополнително, очекуваме и Основниот суд да утврди граѓанска одговорност за навреда и клевета за лагите и невистините кои ги пласира ова здружение“, стои во соопштението од здруженијата.

Обврската за воведување сексуално образование произлегува од низа меѓународни документи кои Република Северна Македонија ги има потпишано и ратификувано, вклучително и од препораките на последниот извештај на Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената, според кои и наставниците треба да имаат значајна улога во справувањето со родовите стереотипи.

Воведувањето на сексуалното образование се предвидува и во повеќе национални стратегиски документи на кои се имаат обврзано владите на Македонија од 2010 година наваму. Сексуалното образование во училиштата се предвидува како мерка за спречување на насилството кај младите и со Новиот закон за спречување насилство врз жените и семејно насилство, усвоен од Собранието во јануари 2021 година.

 Слика: Paul Yore

ОкоБоли главаВицФото