Левица во Германија има иднина

26.03.2021 02:39
Левица во Германија има иднина

Ингар Солти

Кон крајот на февруари се одржа партиска конвенција на германската Левица - една од најважните европски леви партии - на која беше избрано ново партиско раководство. Жанин Вислер и Сузан Хениг Велсов се соочуваат со многу предизвици, меѓу кои се овогодинешните избори за Бундестагот, но и стагнирачката поддршка на партијата која во моментов не успева да достигне двоцифрена поддршка од гласачите. За перспективите на Левица, но и за пошироката германска политичка сцена и очекуваниот исход од есенските избори разговараме со Ингар Солти, аналитичар од фондацијата Роза Луксембург.

Како го коментирате изборот на новото партиско раководство?

Изборот на Жанин Вислер и Сузан Хениг Велсов, значи две жени, како копретседателки секако значи ново поглавје. Најпосле, Катја Кипинг и Бернд Риксингер подолго време ја водеа партијата после спојувањето со старата Партија на демократскиот социјализам (ПДС) и организацијата ВАСГ од западот на земјата. Копретседателките доаѓаат од две мошне различни струи. Вислер е мошне харизматична пост-троцкистка од Хесен, елоквентна синдикалистка ориентирана кон класната борба. Хениг Велсов направи план Бодо Рамелов да стане премиер на Тиргинија. За разлика од Вислер, таа е отворена за можноста Левица да учествува во коалиции. Целиот конфликт во партијата се води токму околу прашањето дали Левица би требало да следи строго опозициски курс или треба да учествува во власта, а ако треба, тогаш под кои услови и колку компромиси е можно да се направат. Овие поделби во основа се премостени со изборот на двете кандидатки. Додуша, ако ги погледнете резултатите од партиската конвенција, ќе видите дека политичарите кои го поддржуваа Aufstehen („Станете“, движење кое го организираше влијателната, но контроверзна политичарка на Левица, Сара Вагенкнехт) се казнети. Луѓето како Хари Грунберг или Ралф Крамер не се избрани во партиското раководство, а станува збор за луѓе со традиционална синдикалистичка позадина, кои ги претставуваа постарите гласачи на левицата. Мислам дека би можело да биде проблем тоа што партијата станува премногу хомогена.

Жанин Вислер и Сузан Хениг Велсов

Како е позиционирана Левица во поширокиот контекст на германската политичка сцена, особено со оглед на тоа дека во септември ќе се одржат националните парламентарни избори?

Секој нов почеток дава нов импулс, особено во изборна година. Меѓутоа, оваа 2021 година владее сосема нова ситуација. Комплетниот период на Риксингер и Кипинг помина обележан со Ангела Меркел, а сега доаѓа крај на нејзиниот канцеларски мандат. Христијанско-демократската унија (ЦДУ) пред корона кризата беше речиси пропадната, распната помеѓу модерните граѓански партии, значи Зелените, и антимодернистичката радикална десница како Алтернатива за Германија (АфД). ЦДУ имаше сериозни проблеми да го премости тој јаз, но сега партијата излегува зајакната од корона кризата, во согласност со фактот дека кризата ги зајакна владите ширум светот. Во ЦДУ постоеја конфликти, партијата за малку не ја презеде пазарниот фундаменталист Фридрих Мерц, но најпосле за наследник на Меркел беше избран Армин Лашет. Лашет претставува продолжение на насоката што ја зацрта Меркел, а тоа е постепена либерализација, односно модернизација на партијата, со умерен неолиберален курс. Истовремено, тој нема харизма ниту управувачки способности како Меркел, па ситуацијата ќе биде отворена.

Се чини дека Зелените веќе јасно одлучија за коалиција со ЦДУ и судејќи според сè и двете партии после есенските избори ќе состават нова влада. Не постојат шанси за формирање лев блок на социјалдемократите (СПД), Зелените и левицата, ниту дека таа коалиција би имала аритметичко мнозинство. Прашањето е како ќе се постави Левица во таква ситуација. Партијата во моментов им порачува на гласачите дека, доколку сакаат новата влада да биде социјална, треба да гласаат за Левица. Меѓутоа, тоа не е премногу силна изборна платформа, со оглед дека политичката ситуација е мирна и дека сите очекуваат коалиција на ЦДУ со Зелените.

Армин Лашет

Освен што не постојат шанси за формирање лев блок на национално ниво, и во самата партија постојат сериозни препирки околу можно учествување во власта. Надворешната политика на Левица се доживува како потполно некомпатибилна со онаа што ја водат сите останати партии и на тој начин Левица сосема се дисквалификува како партнер?

Се водат жестоки дискусии дали партијата би требало да ја жртвува својата надворешнополитичка насока. Имено, Левица е единствената партија во Бундестагот која се противи на сите странски мисии на германската војска. Партијата би била против какви било нови мисии, но прашањето е што да се направи со постоечките, а не можете да ги запрете првиот ден кога ќе дојдете на власт. Едно партиско крило се плаши дека тој став ќе биде жртвуван и дека тоа ќе има далекусежни последици. Меѓутоа, не мислам дека тоа ќе се случи. Овие дискусии можат да влијаат на надворешнополитичката позиција на партијата, но сметам дека нема да дојде до создавање на црвено-црвено-зелена коалиција на СПД, Левица и Зелените.

Според анкетите партијата веќе долго е заглавена на приближно 7,5 проценти поддршка од германските гласачи?

Не им припаѓам на катастрофичарите кои мислат дека Левица на националните избори во септември нема да го премине изборниот праг од 5 проценти и ќе влезе во парламентот. Но ако добие само 6 проценти од гласовите, тоа ќе влијае на нејзината можност да ги предизвика социјалдемократите во однос на прашањето за социјална правда. Во Берлин, каде Левица е дел од владејачката коалиција, 1,8 милиони берлинци имаат директна корист од законското ограничување на висината на станарините, а почна и кампања за социјализација на станбените корпорации кои поседуваат повеќе од 3000 станови, при што, социјализацијата секако би била спроведена со надомест за досегашните сопственици на компаниите. Значи, можно е да се владее на „бунтовнички“ начин. Исто така, партијата се обнови со претходното раководство. Повеќето актуелни членови се придружија изминативе години, а на западот од Германија Левица е најмлада партија. Значи, Левица има иднина. Секако, новите членови главно доаѓаат од урбани подрачја, тоа е проблем со кој ќе мора да се позанимава партијата. Во мандатот на Риксингер и Кипинг, Левица се вкорени во здравствениот сектор, мошне феминизиран кога станува збор за работната сила, како и во локалните квартовски и подстанарски иницијативи. Во исто време партијата ја губи поддршката кај традиционалната база, односно кај индустриското работништво.

Што очекувате од изгледната идна влада на ЦДУ и Зелените?

Јасно е дека новата влада ќе биде многу побуржоаска, а многу помалку социјалдемократска, зашто релативно социјалните политики на актуелната власт потекнуваат од СПД. На пример, се обидоа, мошне бавно и чекор по чекор, решенијата за прашањата на социјалната сигурност и осигурувањето за невработените да ги вратат на состојбата пред неолибералните реформи. Но, кога станува збор за следната влада, СПД сосема сигурно нема да биде во неа, не сакаа да бидат ни во сегашната влада. Извесно е дека секое поместување кон зелената економија, кое ќе го направи владата на ЦДУ и Зелените, нема да им наштети на корпорациите и цената на таквото поместување кон климатска неутралност ќе им биде испорачана на ниските класи. Тоа во комбинација со другите надоаѓачки прашања на класната борба, како прашањето кој ќе ја плати цената на корона кризата, би можело да води кон губење на илузиите околу Зелените, особено кај помладите лево ориентирани гласачи кои поверуваа на таквата реторика слична на онаа на Барак Обама, односно реториката на прогресивните неолиберали.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.portalnovosti.com/