Понуда за која не може ни да се преговара

26.03.2021 13:34
Понуда за која не може ни да се преговара

 

Најважниот и практично единствен аспект на секоја геополитичка анализа се состои всушност од две компоненти: географската, историската и политичката. Елем, географскиот и историскиот член на секоја геополитичка равенка претставуваат еден вид константи во секој даден временски пресек, та во анализата го претставуваат вертикалниот дијахрониски односно просторно-временски аспект на проблемот. Политичкиот аспект, од друга страна, се занимава со синхроничната вредност на политичките играчи во играта, што ќе рече – бројот, „тежината“ и насочениот интерес на државите или политичките сили што се предмет на анализата.

Така што, во геополитичката анализа географскиот аспект се занимава со планини, котлини, рамници, реки, клими и ресурси. Историскиот аспект се состои од „цврсти“ факти за големите настани што ги цртале државните граници и ги создавале и растурале државите, кои се комбинирани и испреплетени со историски приказни, легенди и митови за големите луѓе и херојските настани што биле двигатели на овие историски драми. И, конечно, политичкиот аспект се состои од политичките движења и сили што стојат зад државните интереси, што ги претставуваат тенденциите и намерите на владеачките политички сили. Овие сили треба да ја претставуваат пондерираната моќ зад политичките интереси, па нивното изразување најдобро би се артикулирало со вектори.

И така, една добра геополитичка анализа би требало да изгледа како приказна со повеќе ликови, некои здружени со други, некои осамени, сите во движења, истонасочни и спротивставени; приказна што би требало да биде илустрирана со географски мапи со многу разнобојни стрелки, развиени во сите правци. Возбудливо и забавно, но и премногу сложено за човек лесно да се впушти во геополитичката анализа нааа… еве, да речеме, на моменталниот (и вечниот!) македонско-бугарски проблем, за пример.

Понуда од „Кум“

Многу полесен и покреативен начин да се анализира и сфати една геополитичка ситуација каква што е споменатава за пример, е тоа да се стори со помошта на фиктивни уметнички метафори. За разбирањето на бугарската уцена – практично ултиматум – што братскиот сосед ни го испорача спуштајќи ја рампата на нашиот пат кон членството во Европската Унија, корисна метафора е незаборавната филмска дефиниција на ситуацијата во која еден лик на другиот му дава „понуда што не може да се одбие“, што Мајкл Корлеоне ѝ ја објаснува на својата сопруга во филмскиот класик „Кум 1“. Тоа е, накусо – сите ја паметите, нели – ситуација во која понудата ја испорачува личниот убиец на понудувачот Дон Вито Корлеоне, застрашувачкиот Лука Брази, кој – за да нема недоразбирања – му става пиштол на чело на „примателот на понудата“.

Дали е ова вистинската метафора за бугарскиот ултиматум до Македонија? Сите елементи од ситуацијата се безмалку тука: Македонија е веќе триесет години јасно одредена дека членството во Унијата и е без алтернатива; потпишани се потребните билатерални договори со Грција и Бугарија, што беше принципиелниот последен услов за почнувањето на преговорите; непринципиелната, подла, ултимативна и – ова мора да се нагласи во секоја прилика – содржински малоумна бугарска блокада ја остави ЕУ без принципиелна реакција; за, конечно, одговорниот во Унијата за проширување да ни ја повтори бескрајно пати слушната формулација дека треба првин да го решиме „билатералниот спор“ со Бугарија, со наоѓање на „заеднички прифатливо решение“.

Со што Унијата, без фацијални конвулзии, руменење на образите или предавнички капкички пот под носот, значи сосем ладно и рутински – демек, со израз кој кажува „извини, стари, тоа ти се правилата на „клубот“, па тој ти е“ – нашите стратешки стремежи и напори ги фрли под нозете на една членка што бесрамно го злоупотребува механизмот на гласање со консензус. Понуда, односно ултиматум што не може да се одбие. Но, дали не може?

Навистина, дали бугарскиот ултиматум е „понуда што не може да се одбие“? Да ги разгледаме основните геополитички факти во моментот на „понудата“. Првин, ситуацијата воопшто не треба да се споредува со грчкото вето, затоа што сме сега полноправна членка на НАТО сојузот, чијашто единствена смисла – мислам на сојузот – е со аргументите на најголемиот војно-политички сојуз на планетата да ги гарантира сите аспекти на суверенитетот на своите членки, што ја подразбира и нивната потполна геополитичка безбедност. Од аспект на историскиот „моментум“, што е тоа што може да ни се случи доколку формалните чекори кон членството ги ставиме „на чекање“, при што нагласувам: ние да ги ставиме на чекање, а не да се однесуваме како да сме пред клупскиот тоалет, со преполно мочно бабуле, испотени потскокнувајќи крснозе пред вратата што бугарските братја во меѓувреме ја заѕидале. Што прави нормален човек во таква ситуација? Се разбира, го празни бабулето на заѕиданата врата, и олеснет и расположен продолжува натаму… кон друга европска незаѕидана врата.

Повлекување на објаснувачкиот

Но, да се вратам на главното: почнувањето на преговорите не е и не треба да биде некаква цел, некаков датум што се очекува како провидение, особено доколку времето на преговорите е неодредено долго, дури мерливо со децении. Времето на преговорите за сите други членки очигледно не зависело од тоа дали ги исполниле условите за почеток на преговорите, туку само и само од политичката волја на членките на клубот. Конечно, да им бил поставуван ваков „услов“ за почеток на преговорите на сите други членки, Унијата немаше ниту да постои. Да не ги спомнувам Копенхашките критериуми, коишто и ден-денес не ги исполнуваат повеќе од половината горди членки на ексклузивниот клуб. Времето, значи, не игра никаква улога во овој процес, туку единствено политичката волја и јасно препознаениот приоритет за проширување на самата Унија. Доколку Унијата не сфаќа дека процесот на проширувањето ѝ е поважен нејзе, а не на дробната Македоња Норд, нашите жртви ќе бидат беспредметни, а проблемот со бабулето нема да заврши со срам и понижување – заради јавно подмочување, туку ќе заврши со неговото прскање и предизвикување сепса во утробата на несреќницата што не го проценила добро геополитичкиот „моментум“.

И, за крај, најважното: бугарскиот ултиматум е напишан и детално опишан во Објаснувачкиот меморандум, и потпишан од бугарскиот парламент и од владата. Таму јасно пишува – со тон на навредена баба на која љубовта не ѝ била возвратена пред цели 30 или 130 години – дека ја сакаат назад нивната неправедно открадната македонска територија, завиткана во плик на кој ќе ја пишува како примател Целокупна Б`лгарија, а со неа и сите нас што ќе признаеме дека сме од б`лгарски происход, зборуваме со б`лгарски дијалект, и дека многу, многу ги сакаме.

Како може врз основа на такво барање воопшто да се водат преговори? Услов за какви и да се преговори со бугарската држава мора да биде претходното повлекување на Објаснувачкиот. Треба да биде јасно дека многуте полиња во кои нашите држави и народи можат да се поврзат и приближат – сѐ додека агресивните ставови со кои Бугарија полага историско право на македонската земја, а македонската крв ја смета за бугарска – се комплетно погрешна и геополитички апсурдна работа.

Така што – не, бугарската понуда не само што може да се одбие, туку за неа не треба ниту да се преговара.

Фотографиите се од филмот The Godfather (1972, Francis Ford Coppola)

Извор на текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото