Избор од поетската книга „Тревога“

26.03.2021 13:47
Избор од поетската книга „Тревога“

„Љубовен дискурс“, Фотографија: © Таиса Санџакоска

 

(издание „Слово“, 2020)

Тревога е четврта поетска книга на Иван Додовски (1974), која содржи педесетина песни пишувани во подолог период до преминот на векот. Книгата е поделена во четири циклуси, со пролог и епилог, и претставува осмислена целина на лирски рефлексии за политичкото, духовноста, телесноста и за љубовта, како и за односот кон светот и кон божественото под товарот на неизвесноста што настапува во новиот милениум.

Овој избор содржи песни од циклусот „Збунет век“.

Иван Додовски е поет, раскажувач, преведувач и научен истражувач. Тој е редовен професор по критичка теорија, литература и културологија на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Студирал општа и компаративна книжевност со американски студии, а магистрирал во областа на македонската книжевност и наратологијата. Докторирал на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија. Остварил истражувачки престои и држел предавања на универзитетите во Нотингем, Мелбурн, Дарби, Јена и Нитра. Неговиот научен интерес се однесува на врските меѓу литературата и идентитетските политики, особено во современата драма. Објавил четири книги поезија (Седенка со ликот, 1991; Луда луна, 1995; Света лудост, 1999; Тревога, 2020) и една збирка раскази (Големиот куфер, 2005; превод на германски јазик, 2008). Негови песни се објавени на англиски, хрватски, албански, бугарски и романски јазик. Застапен е во неколку антологии на современа македонска поезија и расказ. Добитник е на „Прва награда за поезија“ на Интернационалниот фестивал на млади европски писатели „Понтес“, одржан во Крк, Хрватска, во 1999 година. За својата истражувачка работа на Универзитетот во Нотингем ги добил академските награди „Хејман“ и „Гертрут Кропер“. За театролошката книга Мало фолио за театар (2018) ја добил наградата „4 Ноември“. Член е на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, Македонското друштво за компаративна книжевност и на Друштвото на писателите на Македонија. Претседавач е на Македонскиот комитет на Европската мрежа за драма и превод „Еуродрам“ со седиште во Луксембург и Париз.

 

ТАТКО

Се разбуди едно утро
како во друг свет
знаците не ги разбира
го плаши мената
векот збунет му клука
како лавји рик во свеста

Збигороса
Лицето му го споредувам
со исушена смоква

Среде она што било и што е -
бездна дои!

Веќе не спие
не знае јасновидец кај има
назад да лови црвен повеј

Татко не е брег ни море
Таа барка преку река
што сече водје
кај ќе стигне
во овој свет
во оној
каде е Ахеронт
каде Тартар
таму или овде

 

 ТРИУМФ

Ситно ќе повее прав врз сè.
Треба само да се почека.

Клепките ќе стежнат од измамата.
Привидот ќе дојде дома.
Сé ќе секне до безмера.

Како зрна ќе се сронат
последните витки
на зависта и на подлоста.

Ќе се тргне на далек пат
во осама.

На крајот лежи надежен остров
и блажени маки.

Ќе ја сетат онаа
од која сите тие бегаа,
суетни болежливци.

Совеста.

 „Тело 2“, Фотографија: © Таиса Санџакоска 

 

НЕПРИЈАТЕЛИ

Сите тие мочурливи души
вкотвени под моето чело
- староседелци и добри лишки -
сите тие добиле повеќе простор
одошто кога и да е сонувале
па сега се бунтуваат
како во своја куќа.

Ако! Сакам да ги спасам, од сомилост!
(Не! Сакам да ги збришам, од лична мака!)
Претаат со малите ножиња
во мене. Почнувам да ги сакам.

Ако и во мене изумрат,
како и кај ќе преживеат другаде.
Сум ги збрал в преграб
како вселена. Од своите гревови
сум ги хранел за да растат.
Пиеле од мојот крвоток,
алчно локале кој колку што сака.

Нека ги така! Така и јас
во туѓи мисли постојам
зграпчен. И мене некој
така ме сака.

 

ВАРВАРИТЕ
ненапишана фуснота за Кавафис од Уелбек

Не, не ги чекавме попусто
на плоштадот, дотерани.

Дрски кон Бога,
себезадоволни
и по малку здодеани,
нив сами ги посакавме,
колку за промена.

И еве ги пак анте портас:

Ќе замрачат сè што е наше,
сè што виши, што има семка
за небесен окот.

(Сило друга што доаѓаш сигурно
пред градот што спие!)

Идат како чума
како жедна стија
како измамна жена
како болест што потајум
во коскена срж
врзува црна свадба.

Не го сакаат нашиот олтар (урнат)
нашите химни (и заблуди)
нашето здравје (и болештини).

Ќе окотат невиделица,
ќе ветат леб, а ќе згорчат.
Ќе дојдат и не ќе се скротат
без крв да ни лизнат.

А ние, кутрите, си вообразувавме
дека кај нив ќе шириме цивилизација.


„Збунет човек“, Фотографија: © Таиса Санџакоска

 

ГОЗБА

Штракаат виљушките и ножевите.
Жив џигер, ситно сечкани гени,
свежи тела од пазарот на невините.
Балканско мени за пребирливите.

Бели престилки под брадите.
(Префинето изгледа злото.
Цивилизациска придобивка!)
Голтка шампањ – здравица за компромисите.

Под масата, во бирократски папки
спијте среќно вие - босите и голите.
Сега се важни лажичките (слобода)
и секако, секако – процесите.

Лукава истрајност и ладнокрвно лукавство.
Ни трпка да им полази по вените.
Јадаат, пијат, ждригаат задоволно -
зад маската на промените.

Изгрицкани, исшмукани, никакви,
излегуваме негде, од Вашингтон до Брисел,
како катакомбни мартири,
низ канализациите.



СРЕДБА
         

                   на гробот на татко ми

Топлиот снег паѓа со нозе на гулаб
врз твојот спомен. Се фаќаат зборовите
како воздишка врз стакло.

Така, велиш, тагата пласти
врз небесен плочник по кој чекорите врват,
избегнувајќи караница со минливото.

Среде неразбрана историја, јас гледам,
како во зимата на светот,
кај си ги погребал заблудите.

Барем да научам од твојот дваесетти век,
слеп како Едип, каква чума нé чека
во третиот милениум.

Гледам таму, како во матно огледало:
револуции, крв, сурова посветеност.
А утре? Лажен мир и рамнодушност?

Си има смисла оваа агонија. Едвај нешто
да разбираме. На два брега стоиме грб спроти грб.
Како во бунило. Само таму, во вечноста – лице в лице.

Наместо епилог“, Фотографија: © Таиса Санџакоска

Фотографии: © Таиса Санџакоска

Таиса Санџакоска дипломирала на Европската филмска академија ЕСРА во Скопје под менторство на проф. Роберт Јанкулоски. Учестувала во групни проекти и изложби од доменот на уметничката фотографија во земјата и во странство. Во 2018 година остварила самостојна изложба во Струга, во рамките на Форумот „Предание и континуитет”.