Турција помага, но бедата ги следи Сиријците насекаде

29.03.2021 01:35
Турција помага, но бедата ги следи Сиријците насекаде

Шаторскиот камп во близина на Африн

Во шаторскиот камп на ридот над градот Африн, 300 сириски семејства се обидуваат да се стоплат, на дожд и во кал. Веќе трипати мораа да се селат откако ја напуштија својата фарма недалеку од Дамаск пред седум години; оттогаш преживуваат благодарение на оскудната помош и ги праќаат децата да собираат што ќе најдат.

„Ситуацијата е многу лоша. Дождот постојано ни ги потопува шаторите“, вели Бушра Сулајман ел Хамдо (65), кревајќи го шаторското крило за да ја покаже натопената земја, на која лежи нејзиниот сопруг, одамна прикован за креветот. „Немаме доволно храна, нема кој да ни помогне, немаме ни вода за пиење.“

Обединетите нации и западните лидери остро го критикуваа претседателот Реџеп Таип Ердоган кога пред три години им нареди на турските трупи да ја преминат границата и да влезат во Африн. Илјадници курдски семејства побегнаа од турската инвазија, заедно со курдските борци. На нивно место се доселија стотици илјади Сиријци од другите делови од земјата. Бројот на жители многукратно се зголеми, а дојденците почнаа да кампуваат под отворено небо и да преземаат туѓи домови.

Но не изгледа дека конфликтот, кој трае цела деценија, наскоро ќе заврши. Турција стана единствената меѓународна сила која сè уште конкретно штити околу пет милиони раселени и ранливи цивили. Денес турските војници се единствените кои стојат помеѓу овој напатен народ и потенцијалната кланица која би ја предизвикале претседателот Башар ал Асад и неговите руски сојузници.

Зелената зона во центарот на Африн

Турските претставници неодамна донесоа новинари за да го посетат Африн, округ во северозападна Сирија, каде Турција направи сопствена безбедносна зона, по должина на границата. Турците сакаа да ги прикажат своите успеси во инфраструктурата, едукацијата и здравствената заштита. Но не ги криеја неволјите во кои се најдоа Сиријците, кои, и покрај сите проблеми, истакнуваа дека им е мило што Турците се тука.

„Тука барем можам да останам жив“, вели Амар Мухамад (35), носач на пазар во Африн. Тој некогаш се борел на страната на бунтовниците во Дамаск и денес му се заканува смрт или затвор од сириската влада. „Таму би ме убиле“.

Главна цел на Турција беше да ги одбие курдските сили кои ги сметаа за закана за националната безбедност и да овозможат малку место за одмор и вежбање на силите кои се борат против Асад. Сиријците кои стигнаа во околината на Африн дезертирале од владините сили.

Но Турција дојде во Сирија за Сиријците да не отидат во Турција. Оваа земја веќе стана домаќин на најголемата бегалска заедница во светот - во моментов во Турција се регистрирани 3,6 милиони Сиријци - а Ердоган одамна се залагаше за воспоставување зона на забранети летови или безбедносна зона со меѓународна заштита, на северот од Сирија.

Турција во 2016 година прво интервенираше во Сирија, во заедничка операција со САД насочена против Исламската држава, потоа во Африн во 2018 година, па една година подоцна, откако тогашниот претседател Доналд Трамп речиси преку ноќ ги повлече американските сили.

Договорот на Ердоган со Трамп им овозможи на Русија и сириската влада да ги вратат упориштата во североисточна Сирија, што беше катастрофално за опозицијата.

Турската воена база во близина на Африн

Но потоа, Анкара неочекувано стана брана на здружената руска и сириска офанзива во провинцијата Идлиб.

Сепак, турската контрола не поминува толку лесно. Сето тоа што го прават во Африн е на удар на постојани терористички напади - најмалку 134 во последните две и пол години.

Шефот на турската полиција во Африн вели дека 99 проценти од нападите се одговорност на ПКК, сепаратистичкото курдско движење, и нивната подружница во Сирија, ЈПГ, која е во дослух со американските сили кои се бореа против Исламската држава.

Турците во Африн се однесуваат како вистинска НАТО сила. Ја оградија зградата на администрацијата со ѕидови од армиран бетон и воведоа „Зелена зона“ која вклучува и главна улица во центарот на градот.

Сопствениците на продавниците се жалат дека заради тоа им страда работата.

„Преживуваме, но е тешко“, вели Ибрахим Хаџи Калил, сопственик на продавница за сладолед.

Но и покрај бедата со која се соочуваат, за семејствата кои се населија во шаторскиот камп над градот, турската заштита е единствена опција.

„Во еден шатор сме по шеснаесетмина“, вели Расмија Хунан ел Абдула, со дете во рацете, „многу е тешко“.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Ivor Prickett/New York Times

Извор: New York Times/International report