Зафир Хаџиманов (1943 -2021)

29.03.2021 12:45
Зафир Хаџиманов (1943 -2021)

Крал на шансоните, актер, композитор, поет, прозаист, шоумен, сопруг и татко – Зафир Хаџиманов беше еден од најинтересните луѓе во регионот. Треба да се посети неговиот фејсбук профил и да се прочитаат неговите приказни и спомени, а постарите генерации ќе се сетат на старите музички фестивали, каде што тој ги добиваше сите награди што можеа да се добијат.

Зафир Хаџиманов по таткова линија потекнува од Кавадарци, каде што е и роден, додека по мајчина е скопјанец. Дипломирал на Факултететот за драмски уметности во Белград, во 1967 година. Rечиси целиот животен век го поминал во Белград. Во брак беше со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ-Хаџиманов, со која го имаат синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар.

„Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, „Од љубов не се бега“ се само неколку од неговите евергрини.

Хаџиманов, играл и главни улоги во неколку филмови како „Нож“ и „Македонска крвава свадба“.

Едно од неговите последни интервјуја е за српскиот портал „Курир“.

Како се чувствувате кога ќе дојде есента, промената на времето?

Ако почнам да зборувам за тоа како се чувствувам, нема да мора да поставувате други прашања. Кога влегов во осмата деценија, започнаа проблемите. Претпоставувам дека тоа се вика старост. Тоа е една од најгрдите работи со кои се соочив во мојот живот. Најпрво, поради небрежност на очните хирурзи, останав без едното око. Тогаш на ред дојде срцето, а од мајка ми, освен убавата куќа во Скопје, наследив и дијабетес.

На констатацијата дека изгледа одлично и дека добро се држи, Хаџиманов рекол:

Дури и сега, на 76-годишна возраст, изгледам „каросериски“ пристојно, но „внатрешно“ ми пукаат шевовите. Почнав малку и да заборавам. Единствено до што се држам е пишувањето. Мојата здравствена состојба е многу несреќна, но благодарение на компјутерот, целиот свет е мој. Седнувам па играм на Фејсбук, на интернет, пишувам малку за своја душа.

Во интервјуто, Хаџиманов се осврнал и на тоа дека творел на два јазика, македонски и српски:

Роден сум во Македонија, и тоа не го заборавам, па дури и да сте завршиле десет Харварди. Јас завршив само еден, глума на ФДА во Белград, и научив српски подобро од некои Срби. Не ми треба лектор. Имам десетина книги во оптек. Пред неколку години објавив книга раскази на два јазика „Песмопојац/Песнопоец“, второ издание. Издавачи се Националниот совет на Македонците што живеат во Србија. Напишав една драма на тиквешки дијалект. Отсекогаш ме интересирале дијалектите. Јас сум од оние лудаци кој сѐ што прави, прави на два јазика. Спијам на два јазика, дишам на два јазика. Водам љубов на барем два јазика! Ајде да кажеме: водев љубов, ха, ха.“

Извор: Курир.рс

ОкоБоли главаВицФото