1009 hPa
45 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 12:59
Со последните случувања на релација Македонија – Бугарија од противењето на Софија за старт на преговорите за влез во ЕУ и провокативните изјави на бугарските функционери Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, пизмата во македонската јавност достигна високи нивоа.
Освен навредливите пораки на социјалните мрежи упатени кон нашите соседи кои исто така не штедеа зборови на навреди и омаловажувања, следни за јавен отстрел дојдоа македонските граѓани со двојно државјанство поточно сопственици на бугарски пасоши.
Интересен е фактот дека овие граѓани уште од влезот на Бугарија во ЕУ не беа толку во центар на јавноста како што се сега. Навредувани, омаловажувани на социјалните мрежи, (ис)користени од страна на бугарската јавност за создавање дополнителни проблеми во врска со долго очекуваниот попис, овие граѓани станаа семе на раздор во македонското општество. Не дека тие не постоеја претходно, но блокадата на Софија дополнително ја поттикна фрустрацијата на македонските граѓани од вечното патување кон евроинтеграциите па овие граѓани станаа боксерска вреќа како да тие се најголемите виновници за состојбата во државата.
„Неосвестени Бугари“ или „предавници“?
Еден од моментите кој најмногу се појавуваше во прозивките и нападите врз граѓаните со двојно државјанство е изјавата која се потпишува при аплицирање за бугарско државјанство во која апликантот изјавува дека има бугарско потекло и се чувствува како Бугарин. Овој документ од страна на Бугарија се користи како доказ дека не постојат Македонци и дека тие според националистичките изјави се „неосвестени Бугари“, додека од македонската јавност се користи за етикетирање на „предавниците“.
За работите да бидат појасни, секоја држава користи горе долу исти услови и стандарди за одобрување на државјанство. Државјанство се стекнува на повеќе начини и тоа е утврдено со внатрешните закони и меѓународното право. Сепак, самата процедура варира од држава до држава и може за оние кои се лесни во лепење на етикети за предавници, да создава претстава дека Бугарија бара документ – изјава со цел да го негира постоењето на македонскиот народ.
Од друга страна, ретко кој до сега ги прашал оние македонски државјани кои се стекнале со бугарско државјанство, зошто тоа го направиле, дали навистина се чувствуваат како Бугари и дали веќе живеат во Бугарија и придонесуваат во тоа општество или единствен интерес им бил полесно да најдат работа во Европската Унија. Колку и нас тоа да не ни се допаѓа, факт е дека со бугарскиот пасош, далеку полесно се добива пристап до пазарот на труд во сите европски земји и студирањето е олеснето бидејќи сте израмнет со останатите државјани на ЕУ.
Меѓународното право и поединечните стандарди на државите
На крајот на 19 и почетокот на 20 век, во рамките на меѓународното приватно право на двојното државјанство се гледало како на зло кое треба да се искорени. Правото на државјанство се гледало низ призмата на националност на родителите на детето, браковите од мешани националности биле ретки, а жените со бракот го губеле државјанството кое го имале од раѓање и го добивале тоа на сопругот. Со развивањето на општествата, зголемувањето на фреквенцијата на патувања и миграции, меѓународното право било подложно на измени во погледот на бипатриди и граѓани со повеќе државјанства. Европската конвенција за државјанство од 1997 година, луѓето со двојно и повеќе државјанства не ги гледа како закана, туку тоа право го регулира во рамки на личниот интерес на индивидуата.
Во процесот на аплицирање за хрватско државјанство, освен редовните документи кои ги бара државата како извод од матична книга на родени, важечки документи (лична карта или пасош кој се поседува во моментот на аплицирањето), за апликантите кои аплицираат врз основа на етничко потекло, се бара документ во кој еден или двата родители претходно се имаат изјаснето како Хрвати, документ во кој апликантот претходно се изјаснил како Хрват или доказ дека работел на промовирање на хрватската култура и хрватските интереси.
Во 2011 година скоро 80 илјади Срби од Војводина аплицирале за унгарско државјанство. Ако порано процедурата била само да се достават документи за потекло, т.е. да се има предок кој се изјаснил како Унгарец, сега се бара и знаење на унгарскиот јазик. Ова не е ништо поразлично од аплицирањето за хрватски и бугарски пасош каде исто така се бара знаење на јазикот. Оваа бројка на апликации за унгарско државјанство секако дека оди во прилог на политиката која ја води Унгарија за пребројување на своето малцинство во странство, но нема информација дали тие граѓани со двојно државјанство (српско и унгарско) се преселиле во Унгарија или отишле во западно европските земји во потрага по работа.
Ако се свртиме кон останатите земји членки во поглед на условите и документите за стекнување на државјанство, случајот на Грција отскокнува од регуларните стандарди. Според нивниот закон државјанство може да добијат деца родени во Грција, со усвојување, со натурализација и по потекло, а ова најмногу се однесува на припадниците на грчката дијаспора. Но, во законот експлицитно е наведено дека етнички Грци со албанско државјанство не можат да добијат грчко државјанство. Дискриминација par excellance.
Иако секоја држава има свои стандарди, тие не се разликуваат многу едни од други. Изјавата за потеклото или чувството дека личноста која аплицира се чувствува вака или онака се дел од процедурата која секоја држава ја спроведува на свој начин.
„Се чувствувам ама се пишманив“
Чувството за национална припадност е варијабилно и тоа не може да се објасни на конкретен начин. Немаме дефиниција што значи да се чувствуваш како бугарин, македонец или грк. Да сакаме бузуки, да слушаме бугарска музика или сакаме бугарски театар или практикуваме православие? Ако пак, ја ставаме религијата како основен постулат за одредување на нечие етничко чувство, ќе најдеме многу грци кои не се верници, исто како и бугари или пак македонци кои не сакаат да влезат во црква.
Од друга страна, иако оваа земја на многу нивоа е далечна за Македонија, во Нов Зеланд во последните десетина години забележан е тренд на изјавување на чувство за припадност кон повеќе етникуми. Лица се изјаснувале дека се чувствуваат како маори, но и како новозеланѓани. Ако земеме предвид дека децата се раѓаат без одредена нацоналност и религија и тие подоцна им се наметнуваат од страна на родителите и општеството, категоријата на роден Македонец или чист Бугарин не постои. Турската писателка Елиф Шафак која е родена в Стразбур, пишува на англиски и турски, а живее во Лондон, вели дека има чувство на повеќе идентити во себе. Таа се чувствува и како Турчинка, и како Британка, лондончанка, истанбулчанка, жена, писател, професор.
Виновници и жртвени јарци
Последните податоци за пријавување на македонските граѓани со бугарски пасоши да гласаат на претстојните избори во Бугарија, покажува дека само 329 граѓани покажале интерес да гласаат. Ако над 55 илјади Македонци имаат бугарски пасоши, оваа бројка покажува дека Македонците немаат намера да гласаат на бугарските избори. Дополнително треба да се постави едно друго прашање и тоа да се адресира до сите политичари од осамостојувањето на Македонија до денес: зошто е голема бројката на Македонци со бугарски пасоши? Што тие пасоши нудат, а не го нуди македонската држава? Просто и јасно кажано: работа и слободно патување низ Европа. Нешто што нашите политичари не успеаа да го реализираат за 30 години, иако устите им беа полни со златни ветувања.
Прстот за вина и осуда не треба да се насочи кон Македонците со бугарски пасоши затоа што тие пасошите ги земаат поради егзистенцијални причини, поради оние егзистенцијални услови кои им се ускратувани во сопствената држава. Подобро прстот, пизмата и гневот да го свртите кон политичарите кои ги гласате бидејќи проблемот лежи во нив.
Нивната коруптивност и лични интереси доведоа бугарскиот пасош да се гледа како најсигурен излез од сиромаштијата. Дополнително се присутни лицемерието и лажниот патриотизам на македонски политичари кои имаат бугарски пасоши и граѓани чии деца се во странство со истите тие пасоши додека тие шират омраза на социјалните мрежи. Крајно време е да се свртиме кон адресите на главните виновници, а тоа се сите политички партии.
Фотографии: Вању Крастев, улични интервенции во Софија
Извор: respublica.edu.mk