Липицанери

29.03.2021 14:35

Весникот јавува:
липицанери учествувале
во историски филм.
Радиото објавува:
милионер
липицанери купил,
благородните животни мирувале
при летот над Атлантикот.
Учебникот пак учи:
тоа се за јавање благородни коњи,
родум се од Краш, со копита гипки
и со гиздав кас, со огнена нарав
и верност тврдоглава.

Но сепак ти додавам, синко,
немирниве животни
не можат во јасни обрасци да се стават:
добро е, кога е ден,
тие се ждребиња црни,
и добро е, кога е ноќ,
тие се кобили бели,
но најдобро е пак
денот од ноќта кога иде
зашто липицанерите се белоцрни шегобијци,
дворски шутови на нејзиното величество,
словенечката историја.

Други ги почитуваат светите крави и змевои,
илјадалетните желки и крилести лавови,
еднорозите, двеглавите орли и феникси,
ние пак најубавото животно го избравме,
се покажа тоа на боиштата и во циркусите,
превезуваше кралици и златни путири,
затоа виенските цареви зборуваа
француски со вештите дипломати,
италијански со убавите глумици,
шпански со бескрајниот бог
а германски со неуките слуги;
со коњите, пак, зборуваа словенечки.

Спомни си, дете, колку таинствено
се здружени природата и историјата на светот
и колку е различен духовниот набој
кај секој народ на земјата.
Ти знаеш дека сме земја на натпревари и трки
па затоа разбираш зошто белите коњи
од Ноевиот кораб се засолнија кај нас
и зошто свети животни ни станаа,
зошто стапија во легендата на историјата,
зошто ни ја вознемируваат сега иднината
и беспрекин барајќи ни ја ветената зема
стануваат занесно седло на нашиот дух.

Јас сум и понатаму на белоцрниот коњ,
синко мој мил,
како глава на бедуините
со своето животно сум сраснал,
целиот живот врз него патувам,
на коњот војувам, мечтаам врз него
и врз коњот ќе умрам,
ги спознав јас сите претсказанија наши
врз тоа таинствено животно јавајќи,
и оваа песна ја доживеав јас
на неговиот затреперен грб.

Ништо потемно не е
од јасниот разговор
и ништо повистинско од песната
што разумот ни ја доловува,
на јасното сонце шепотат јунаците,
мудреците пелтечат во темнината,
шегобијците пак поети стануваат,
крилестите пегази и понатаму јурат
над длапките на старата земја
и тропаат и потскокнуваат,
нестрпливите словенечки животни
сеуште кралот Матјаж го разбудуваат.

Кој не знае уште да најавне коњ
нека се научи бргу
искрата на животните да ја скроти,
слободно да се држи на лесното седло
и да ја фати складната мерка на касот,
но пред сè да истрае во слутењето,
зашто нашите коњи дотрчаа оддалеку
и на далеку се зададени,
моторите можат да запрат,
слоновите премногу јадат,
патот, пак, наш е долг
а пеш е далеку.

 

Превод: Матеја Матевски

Едвард Коцбек (1904-1981) — словенечки писател, партизан, теолог... 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото