1032 hPa
53 %
9 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 13:59
Здравјето е, како добра физичка и психолошка состојба на човечките суштества, нормална состојба на организмот на живото суштество што подразбира уредно, хармонично фунционирање, без оштетувања на виталните функии, и тоа независно од аномалиите и од неспособностите кои субјектот може да ги има.
Здравјето е универзална културна даденост на човековото постоење, проблем кој се поставил со појавата на човештвото. Во секоја култура и во секоја епоха доживувало различни дефиниии и пристапи, поврзани со начинот на кој се претставувале светот и човекот. Општествено и културно, тоа се дефинира во фунција на односот на поединецот кон самиот себе, кон опкружувањето и кон другите. Како такво, не може да биде еднозначно дефинирано: тоа е концепт вулгаризиран од страна на телесниот субјект иако тоа за лекарот потекнува од научниот поим, како што забележал Жорж Кангилем следејќи го Имануел Кант.
Ако здравјето воопшто и може да се дефинира, би требало да се опише врз основа на доживувањето на здравјето, така што дијагностицираната состојба ќе се разликува од онаа која се чувствува.
Но како да се почувствува нешто што јасно не се покажува? Здравјето не се чувствува, тоа се забележува дури во споредба со болеста. Болот, страдањето, нелагодноста, штом се почувствуваат и доживеат, на виделина изнесуваат една спротивна состојба во која не треба да ги има следниве елементи: здравје. Здравјето е тивко а болеста бучна и, првенствено и во најголема мера, токму од таа причина, низ историјата здравјето било дефинирано во односот кон болеста: тоа е отсуство на болест, „живот во тишината на органите“ според формулата на Рене Лериш (1879-1955). Во таа смисла, здравјето е нормален циклус на живот што се одвива без потешкотии.
Меѓутоа, како елемент на живото, тоа може да биде неподвижно само апстрактно: постоењето на живото е непрекинлив процес (иако понекогаш променлив), а здравјето е динамична интеракција на живото со неговото опкружување кое исто така се обликува според тоа непрестано движење. Оваа динамична дефиниција се разјаснува низ поимот на рамнотежа кој го одредува целокупното западно медицинско мислење. Од хипократовиот принцип до модерната хоместаза, здравјето веќе дваесет и пет века се сфаќа како изономија (телесни сокови, течности, сила, енергија и тн.) надминувајќи ги последователните дефиниции кои ги добивало како што се нижеле стиловите на медицинско мислење. Тоа значи дека здравјето го вклучува односот на поединецот со светот и на поединецот со самиот себе, тоа е однос кој непрестано настојува да се урамнотежи: добрата состојба на здравјето претставува процес на одржување на хомеостатската рамнотежа на организмот. Се говори за „добро здравје“ кога сите елементи на постоењето на живиот човек (биолошки, психолошки, општествени и културни) истовремено егзистираат на хармоничен начин.
Проблемот на дефинирање на здравјето, освен дека е состојба и процес, се поставува во разликувањето на внатрешното и надворешното. Проценката на здравјето, самиот факт да се каже дека некој е со добро здравје, вклучува екстериоризација на битието. Субјектот мора да проектира надвор од самиот себе претстава на она што е, како живее, и каков живот води. Да се изрази знаењето за здравјето претставува чин на екстернализација и објективизација на проживеаниот тек на егзистенција.
Ако односот на човекот кон опкружувањето се одвивал во тишина, што значи во самостојноста на едното и на другото, модерното време тежнее тој однос да го помести кон интеракција. Да се биде во согласност со самиот себе и со светот веќе не се сведува на егзистенција без врева и преиспитување, туку подразбира едно соединување на субјектот со опкружувањето. Културната револуција во векот на просветеноста ја изместила трансцедентноста на природата за да отвори пат кон преиспитување на човековата природа: човекот станал елемент како и секој друг во опкружувањето, жив организам во биосферата. Оттогаш здравјето започнало да се исполнува со општествени претстави за среќата: тоа е начин на кој се доаѓа до среќа, но исто така е и обликување на тоа човеково складно постоење со него и на светот.
Квалитативниот и субјективниот пристап кон здравјето го достига врвот од перото на философот Имануел Кант: „здравјето е, значи, само присутно чувство на активна животна снага“. Здравјето се поврзува со благосостојбата и удобниот живот и таа позиција нема да ја напушти сѐ до дефиницијата на Светската здравствена организација од 1946 година: „здравјето е состојба на целосна физичка, ментална и оштествена благосостојба, а не само отсуство на болест и неспособност“.
Паралелно се развивале и напредувале медицинските науки нудејќи сѐ попрецизна објективација на критериумите на здравјето, со посредство на техниката и технологијата. Сликата на совршеното здравје се исцртува низ статистичката терминологија: процентот на дијабетес, бројот на бели крвни зрнца или срцевиот ритам му даваат смисла на објективното здравје.
Со желбата за благосостојба поединците усвојуваат објективни норми на здравје, идеолошки уверени дека ќе дојдат до среќата преку бројчано нормализирање на извештајот за своето здравје. Совршеното здравје се појавува како остварлива модерна утопија (Sfez, 2001), онаму каде претставувала, како Големото здравје кај Ниче, недостижен идеал.
Квалификувано, но не и дефинирано, здравјето ги презентира и репрезентира односите на субјектот со опкружувањето, со останатите и со него самото, во зависност од епохата, општествата и културата. Тоа, според Канингем, е „латентен“ услов за можностите на човековиот живот и во неговите појавни облици и во неговото остварување. Од динамичен аспект, тоа е биосубјективен извор за акција која се сложува со дефиницијата што ја изнел Рене Дибо: здравјето е „физичка и ментална состојба, релативно поштедена од препреките и страдањато, која му овозможува на поединецот да функционира онолку долго колку што е можно во средина во која е поставен случајно или по избор.“
Извор: Речник на телото (Le dictionnaire du corps)