Зелениот феминистички бран во Чиле

02.04.2021 00:36
Зелениот феминистички бран во Чиле

Социјалната експлозија која започна во октомври 2019 година беше најголемиот излив на незадоволство во Чиле уште од ерата на Пиноче. Иако првичните протести беа поттикнати од навидум безопасното зголемување на цената на билетите на подземната железница за 30 пезоси, постепено се претворија во одраз на многу подлабока непријатност во поглед на економскиот и политичкиот модел кој е на сила во оваа земја. Кога министерот за економија Хуан Андрес Фонтејн им порача на Чилеанците и Чилеанките од работничката класа да стануваат порано за да ги избегнат новите цени, народот одговори: „no son 30 pesos, son 30 anos“ (не се работи за 30 пезоси, се работи за 30 години), реферирајќи на трите децении колку што поминаа откако Пиноче веќе не е на власт.

Суровиот неолиберален модел кој го имплементираше режимот на Пиноче до ден денешен остана речиси недопрен. Меѓутоа, благодарение на стотината илјади протестирачи и протестирачки, можеби најпосле доаѓа промената: во октомври 2020 година, огромно мнозинство Чилеанци и Чилеанки гласаа да се замени уставот од ерата на Пиноче со нов, кој ќе состави тело избрано од страна на народот. За многу чилеански феминистки, овој момент претставува можност во уставот да се вгради едно фундаментално правило: женското право на избор.

Жените против државата

Корените на постојаната родова нееднаквост и ускратувањето на репродуктивните права во Чиле потекнуваат од мртвилото на режимот на Пиноче. Со последниот указ пред да му дојде крајот на режимот во 1990 година, Џејми Гузман - „кумот“ на социополитичкиот модел на Чиле и член на тврдокорната католичка секта Опус Деи - помогна да се создаде законска основа за правата на фетусот. Чилеанските жени и ден денешен ги чекаат пет години затвор ако абортираат, што е една од најдраконските политики во светот.

Минималните чекори кои ги презеде претходната претседателка Мишел Бачелет - легализирајќи го абортусот во случај на ризик по здравјето на мајката, кога фетусот е неодржлив или бременоста е резултат на силување, и тоа не после дванаесеттата недела - беа дочекани со жестоко противење. Католичката црква во Чиле објави соопштение на 18 страни против декриминализација на абортусот, предупредувајќи дека тоа би довело до култивирање „култура на смрт“ во земјата. Претседателот Себастијан Пинера во 2018 година го укина овој амандман, овозможувајќи му на лекарскиот персонал да поднесе приговор на извршувањето абортус од религиозни причини.

Поттикнат од успехот на „експлозијата“, чилеанското феминистичко движење денес го возвраќа ударот. Андреа Алварез од организацијата Mesa de Accion por el Aborto en Chile која се бори за правото на абортус, изјави: „Во моментов се работи на предлог закон кој би овозможил пристап до безбеден и бесплатен абортус. Коалицијата со разни групи, вклучувајќи ја Ла Меса, заедно со другите феминистки, соработува со левичарски претставнички и претставници од повеќе партии за да го изнесе овој предлог закон во парламентот. „Овој нов предлог закон би бил огромен чекор во вистинска насока, иако е ограничен на декриминализација на абортусот - тој не гарантира државно пружање услуги.

Сепак, кампањата за репродуктивни права е соочена со големи структурни и правни пречки. Министерката за женска и родова еднаквост Моника Залакет е непоколеблива противничка на абортусот која ги доведе во прашање дури и помалите измени на Бачелет за измена на законот за абортус на Пиноче. Залакет е контроверзна и по тоа што ја поздрави „храброста“ на едно 11-годишно девојче кое било силувано и кое се породило откако во 2013 година не ѝ било дозволено да абортира. Кога Пинера во јуни 2020 година ја постави Залакет на министерското место, тоа беше во замена за уште покнтроверзното именување на истата позиција на Макарена Сантелицес, правнуката на Пиноче.

Актуелната министерка за општествен развој и семејство, Карла Рубилар, дополнително комуницираше со хостилните владини сентименти во однос на измените на постоечкиот закон, изјавувајќи: „Владата е против слободен абортус. Кога за тоа нема друга причина освен одлуката на жената дека сака да ја прекине својата бременост... владиниот [став] е јасен.“

Надоаѓачката зелена плима

Меѓутоа, како што населението во Чиле сè повеќе ги губи илузиите во поглед на традиционалната партиска политика, грасрутс движењата се сè посилни. Феминистките во Чиле земаа огромен замав и одиграа инструментална улога во борбата за рушење на угнетувачкиот устав на Пиноче. Минатиот март, милион жени излегоа на улиците во знак на протест, а годинава се очекуваат и уште поголеми бројки. Зелената марама која ја популаризираа аргентинските феминистки во својата успешна кампања за легализација на абортусот во 2020 година, беше прифатена како симбол на отпор, женски права и еднаквост.

Алварез објаснува: „Кога мрежата латиноамерикански феминистки ја покрена кампањата на зелените марами, ја прифативме и во Чиле. Сè повеќе жени го прифаќаат овој симбол, како на улиците, така и во јавниот превоз. Особено е видлива околу клучните датуми како 8 март, Меѓународниот ден на жената, а беше исклучително проминентна и за време на социјалниот бунт од 2019 година.“ Понатаму, Алварез го нагласува континенталното ширење на овој симбол: „Организиравме различни настани, како што е пануелазос (јавно носење зелени марами) за да имаме поголема видливост во однос на прашањата за абортусот, не само тука туку ширум Латинска Америка, и поддршката секогаш растеше“.

И покрај големата нерамнотежа на моќта која одлучно е насочена против народот на Чиле во законодавството и правосудството, како и низата нови закони чија цел е да ги криминализираат неистомислениците, новата генерација протестирачи и протестирачки е непоколеблива. Иако администрацијата на Пинера недвосмислено ќе се обиде да го узурпира потенцијалот на новиот устав, неговата влада нема да ја сузбие растечката плима на моќниот чилеански феминистички зелен бран.

Керол Конча Бел е англо-чилеанска писателка, основачка и членка на Chile Solidarity Network и гласноговорничка на Mapuche International Link.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.redpepper.org.uk/
 

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет

ОкоБоли главаВицФото