Испразнетите европски градови ќе мора да се променат

02.04.2021 12:36
Испразнетите европски градови ќе мора да се променат

Кога минатата пролет коронавирусот експлодираше ширум Европа, сосема го измени градскиот живот. Вработените ги заменија канцелариите со своите домови, угостителскиот сектор беше целосно затворен, а милиони луѓе беа принудени да ги сменат своите навики.

Ослободени од притисокот секој ден да патуваат до своето работно место, жителите на поголемите европски градови тргнаа во егзодус. Некои сакаа да го избегнат вирусот, а други да побегнат од пренатрупаните и скапи станови. Трети, пак посакаа повторно да се поврзат со природата.

Сега, една година по првите локдауни и со новите рестрикции кои се најавуваат се доведува до прашање прогнозата дека овие „корона мигранти“ ќе се вратат кога ќе се скроти коронавирусот.

За оние кои ги планираат градовите, архитектите, урбанистите и другите стручњаци тоа значи фаќање во костец со проблемите кои долго време ги мачеа градовите – достапноста до станови, безбеден транспорт, пристап до зелени површини, прашања кои пандемијата ги донесе на местото на врвни приоритети.

Генерално, сега градовите ќе мора да ги задоволат новите потреби на своите жители за поврзување со природата и „новото поврзување со животот“, вели Филип Роде, извршен директор на „LSE Cities“, истражувачки центар на лондонската школа за економија.

Централен Лондон

Многу европски метрополи веќе почнаа да воведуваат новитети како што се опциите за подобар превоз на пешаците, велосипедски патеки, раширени зелени површини. Милано, градот кој претрпе жесток удар во првиот налет на вирусот, проектираше нови триесет километри на велосипедски патеки, како и нови паркинзи за велосипеди на местото на старите паркиралишта за автомобили.

Градските власти во Лонодон покренаа нов проект „Streetspace“ со кој се создадени привремени патеки за велосипеди и проширнени пешачки зони, сè само за да што повеќе патници ги избегнат загушливите и опасни автобуси и подземната железница. И Париз и Барселона презедоа слични чекори.

Вакви промени некогаш порано би барале и по неколку години работа и планирање, а сега се изведуваат буквално преку ноќ, утврдило лондонското архитектонско биро „Аруп“. Леан Дуди, кој во ова биро ја проучува интеграцијата и планирањето на градовите, е оптимист кога станува збор за промените.

„Можеби градските власти одговорни за транспортот и работодавачите би можеле да почнат да размислуваат за визија за иднината која на сите би им била пријатна“, вели таа.

Не е лесно да се измети колку луѓе точно ги напуштиле европските градови во текот на пандемијата. Но едно истражување на „Аруп“ тврди дека во текот на пандемијата, најмалку 41 отсто од лондончаните макар и на кратко се иселиле од градот, во споредба со колу 10 отсто на жителите на Мадрид, Милано и Берлин, и 20 отсто на жителите на Париз. Компанијата за недвижнини „Century 21“, минатото лето, забележала скок на побарувачката на имоти надвор од Париз, но не и „масовен егзодус“.

Велосипедска улица, Париз

Социолозите и економистите укажуваат дека пандемијата само ги забрзала промените кои веќе почнале да се случуваат во градовите. Една од нив беше и неопходноста да се решат долгогодишните поплаки за бучавата, загадувањето на воздухот и високите кирии.

Во Париз, градоначалничката Ан Идалго веќе ја рекламира својата идеја за „петнаесетминутен град“ – визија според која секој крај би имал сè што им е потребно на неговите жители. Таа се труди да го намали автомобилскиот сообраќај во центарот на градот и да промовира површини со повеќе зеленило.

Кога пандемијата создаде нови потреби, Париз брзо ја претвори улицата „Риволи“, главната градска артерија во автопат за велосипедистите. Беше укинат сообраќајот во близина на училиштата за да се подобри квалитетот на воздухот на некогашните паркиралишта никнаа градини на кафулињата. Во Париз сега велат дека некои од овие мерки сигурно ќе ја надживеат пандемијата.

Еден од предизвиците е да се пронајде политичка волја за да потраат овие промени, вели Роде. Тоа ќе зависи пред сè од тоа како јавноста ќе ги прифати сите овие промени.

Малком Смит, кој во „Аруп“ ги истражува урбаните населби, неодамна во едн свој извештај навел дека пандемијата веќе ги довела големите градови блиску до визијата што се нарекува „петнаесетминутни“ градови“ и дека сега јасно се гледа колку се големи капацитетите за помалку сообраќај, почист воздух и подобар семеен живот во урбаните средини.

Кафуле во Париз

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото