„Друг свет - огледи за системска трансформација на иднината“ - ново издание на Плоштад Слобода

03.04.2021 09:52
„Друг свет - огледи за системска трансформација на иднината“ - ново издание на Плоштад Слобода

Деновиве од печат излезе публикацијата „Друг свет – огледи за системска трансформација на иднината“, уредена од Ивана Драгшиќ, а со текстови од 9 различни автори. Публикацијата е збирка есеи/огледи/предлози за трансформација на личните и колективни политики во однос на организирањето на општествата и заедниците во кои живееме, а со цел ублажување или спречување на социјалните и економски нееднаквости предизвикани со климатската катастрофа.

Низ текстовите можат да се сретнат предлози за нова зелена економија и пост колонијален систем на вреднување на трудот, здружување на трудот во задруги и синдикати, пречитување на културата и институциите од областа на културата и уметноста, феминизација на работните услови и создавање на мрежи на солидарност, во различни форми: институции, асоцијации, вредносни системи, законски регулативи и тн.

„...Излажани со ветувањата за постојан раст (на нашите плати, цената или квадратурата на становите или дуќаните, количината на производство или број на „функционално“ поминати часови), принудени сме да делегираме претставници во јавните институции кои не само што не работат на подобрување на квалитетот на животот на сите, туку се ултимативно некапацитирани да го разберат и да се носат со комплексот на проблеми на новото време, а кои би требале да ги оформуваат новите национални и надворешни политики. Способноста да замислуваме и градиме нови и подобри нешта е потисната од постојаната потреба да оправаме и поправаме, да намалуваме штета, да преговараме и правиме компромиси со вредностите и очекувањата од нашите животи. Затоа и ги замислуваме само помалите, послабите верзии на она што сакаме да се случи или да бидеме, се инвестираме во млаки визии кои не кореспондираат со радикалните проблеми со кои се соочуваме, туку со млаките квази-либерални политики, кои во суштина се базираат на капиталистичката логика која занемарува сѐ, освен генерирањето на вишок, многу, уште. Дотолку повеќе, многумина од нас веќе се имаат најдено во замката која трансформирачките идеи и политики ги третира како невозможни или барем радикални, а состојбата која вреднува трговија со оружје повеќе од грижа за животната средина – нормална“, се вели во воведот на зборникот.

Авторките и авторите на текстовите се независни и поливалентни умови кои професионално и волонтерски делуваат во еднакво мултидисциплинарни средини помеѓу академијата, цивилното општество, политиката и јавните институции. Такви се и темите кои ги обработуваат:

Вики Младенова: Ќе има ли иднината екватор?

Симона Гетова: Феминистичка трансформација кон праведна и одржлива иднина

Мариглен Демири: Популизам и екологија

Искра Гешоска: Вкотвеност во пристаништетотo на постојаниот отпор

Биљана Тануроска: Пост-институција во ументоста и културата како кураторско – критичка институција на иднината

Иван Менкиноски: Трудот како commons – праведна и одржлива трансформација на социо-економските односи во земјоделството преку задругарство

Кире Василев: Синдикатите како агенти во борбата против климатските промени

Здравко Савески: Кон зелената економија на иднината

Ивана Драгшиќ: Искуствата од Ковид19 пандемијата како лекции за системска трансформација на иднината

Публикацијата е издание на Плоштад Слобода, поддржана  од Фондацијата Хајнрих Бел – Канцеларија за Албанија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Изданието во печатена верзија е достапно на барање, или дигитално на www.gradzasite.mk

 

 

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Свет / Теорија
Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Технологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото