Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (7)

05.04.2021 10:25
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (7)

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Жири-комисијата во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) соопшти дека добтиник на наградата за 2020 година е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на годинашниот конкурс.

 „Денот кога не се разбудив“, Моџо Килингтон, „Арс Либрис“

Денот, ако помните, беше убав, ако не помните, јас ќе ве потсетам. Природата почна да се буди, како од детски училишен состав, цветаа дрва, птиците си пееја, всушност не си пеат тие, не им е до песна туку бараат партнер за хефтање, ама оваа смртта некако ме направи пичка. Дури почнав да забележувам и мали радосни деца. Цел живот пред нив.Од старт го знаеш крајот, но никогаш не знаеш што има помеѓу. Исто како да го гледаш Титаник, знаеш ќе потоне, а пак ќе потрошиш три саати да видиш како работничката класа ја ебе буржоазијата и на крај пак буржоазијата преживува. Или Библијата, знаеш дека ќе го распнат, ама сепак...Не ми беше тоа муабетот.Децата. Никогаш не сакав мали деца, па ни своите, затоа и работев повеќе и можеби и затоа успеав.

Кога бев мал верував дека сите луѓе живеат по 100 години.Дека тоа е закон, договор некој со Бог.Зошто?Затоа што прадедо ми беше многу стар кога умре. Не стигна до 100 години, ама за дете кое нема поим, со белата брада и коса исто како да имаше 100 години.И се сеќавам како сите се собраа кога се знаеше дека е готово. Мислев чекаат да наполни 100 и да умре. Набрзо сфатив дека не е така.

И пак се расплинувам со глупости...

Низ паркот гледавме разни дечишта. Нормално, многу малку од нив правеа нешто, само наместо да седат дома, сега седеа со смартфон во раце во паркот, со мајките исто така со смартфон во раце.Од старт навикнати на губење време. Не го слушаат тик-так, часовникот на својот живот, додека не е предоцна. И станав попаметен откако умрев ако не забележавте. И вие го губите времето со книгата, тик-так, ама ваша работа не можам да ви се мешам.

- Има деца во рајот?- запрашав,очекувајќи дека ќе нема затоа што е рај.
-Нема…
-Како? -малку ме изненади што Бог би решил сите деца да ги турне во пеколот.
-Нема. Имаме посебно одделение „Раст и развој во Рајот“ каде што ги растеме децата додека пораснат и потоа доаѓаат да живеат со нас.
-Добро е, барем нема да има врескање.Само да не ми дадете харфа да свирам, не знам да свирам харфа.
-Пол, не ти е рајот Том и Џери, биди малку сериозен. На обоа свириме.
- Ме заебаваш?
-Да. Нормално дека те заебавам- рече ангелот-поштар или поштарот-ангел. Небитно, реченицава е тука да ѝ даде обем на книгата и да му потроши зборови и време на читателот.
-А што ќе работам јас таму?
-Што сакаш можеш да работиш, можеш и да не работиш.
-А зошто ти одлучи да работиш ако можеш да не работиш по цел ден? Се повторувам повторно за да има повеќе зборови.

„МоЛчИ и ТаНцУваЈ“, Светлана Антиќ – Јовчевска, НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово

Има една песна што ми падна на ум.Ме сети на некое дамнешно минато. Во тоа време песната ја разбирав на сосема друг начин. Пред неколку лета можев да набљудувам едно од местата каде што, како што се вели во песната„Дунав го љуби небото“. И тоа на тромеѓата помеѓу Србија, Бугарија и Романија, во селото Радујевац, на 13-от километар од српското гратче Неготин. Е, таму, во епархискиот двор на православниот свет храм „Вознесение Господово“, под крошната на распростреното киви, со Благоја, мојот близок роднина, доцна во ноќта, откако сите отидоа на спиење, го наслушнувавме нежното љубење на Дунав со небото. Се топеа двете синила едно во друго, во отсуство на светлината. Скришум од нашите погледи, иако нам ни беше познато дека двете синевини се неразделни, како неразделни љубовници. Вековити, Бескрајни.

По повеќе од три децении, повторно седевме еден спроти друг и како да чекавме да завладее ноќната тишина, а нашиот шепот или тивок разговор да добие на гласноста. И кога молчевме додека шмукавме од цигарите и го тресевме пепелот во пепелникот - разговаравме.Се сеќававме на детството. На раната младост, кога барем еднаш во годината неколкудневно се дружевме кај нив. Потоа...Потоа „се изгубивме“, оти секој тргна по својот пат.Мојот пат и не беше ниту долг, ниту непознат. Си останав тука, во мојот град, а тој замина далеку. Далеку од дома. Во непознато. Во неизвесност.

- Чудни се патиштата Господови. Да се родиш на граница, а потоа животот да те однесе многу далеку од родниот праг, па пак да се настаниш на граница. И тоа на тромеѓа.Хм!

Започнав јас додека неговите сини очи блескаа на месечина. Неговата благост во погледот, во насмевката, во смирениот од и движењето, кумот уште при раѓањето ги обединил во името.Благоја.

-Ништо не е случајно - започна Благоја.

Не е ниту тоа што се сретнавме кога почина стрина му, а мене вујна, кога имавме можност да поразговараме и да види дека сум пораснала, сум ги осознала работите, сум го сменила однесувањето кон луѓето. Не можел да претпостави дека од она премногу палаво и зборлесто дете ќе станам сериозно битие. Ха,ха!

„Господ е присутен секаде во светот, но светот најчесто не е Неговото секаде...Ако човекот е верен на она што го замислува, тоа ќе претставува негова вистина. Мислам дека се' секогаш започнува од соништата. Туку, имајте на ум: без спомени нема живот. Нашето сеќавање е наша кохерентност, наша причина, наше чувствување, наше дејствување. Без него, оче Матеја ние не сме ништо“ - цитира Благоја зад насмевката му. Оттаму како да бдееше напластен товар неизречености од коишто како да стравува дека нема да има време да се ослободи.

-Знаеш, не верував дека ќе го одржите зборот и дека ќе дојдете - продолжи тој.

Вообичаено, и други роднини му ветувале, и досега, за повеќе од 30 години, освен неговите најблиски, ретко кој наминал.„Не им е по пат, многу им е далеку“, се правдале.

-Можеби се во право, но ете, мене ми е мило што го одржавте зборот. Не сме се виделе оддамна, а мојот животен пат беше сосема поинаков од твојот, од на многумина од фамилијата. Со мојата тогаш штотуку венчана сопруга дојдовме овде набргу по свадбата, со по еден куфер најнеопходни работи. Сето она што овде сега го имаме, го создававме со свои раце, со свој труд, со помош на Бога и на добри луѓе. Дури и црквата не беше ваква како што сега ја гледаш. Веројатно е добро што двајцата не сме мрзеливи - се расприкажа тој.

Кон претходните делови