Зошто НАТО е нешто, а не ништо?

05.04.2021 17:15
Зошто НАТО е нешто, а не ништо?

 

Татко ми беше инженер од голем маштап. Имаше метода на мислење што непогрешно го наоѓаше најкусиот пат во решавањето на секој проблем. Таа метода ја калеше во епската изградба на електричните централи, кои по војната ја осветлија младата македонска држава. Подоцна, кога овој начин на мислење почна од рано да ни го предава и нам – неговите деца – изгледаше како поинаку и да не е можно да се мисли.

Решавањето на секоја реална ситуација тој ја темелеше на три методски „потпирни точки“. Првата се состоеше од јасен и реален опис на целта. Втората беше сурово и строго согледување на стварноста во која целта треба да се постигне. И третата се однесуваше на императивот во препознавањето на редоследот и важноста на дејствата што треба да се извршат. Сите три елементи на инженерската мисла имаат всушност еден ист заеднички именител, што ја чини срцевината на секое рационално човечко промислување и дејствување.

Тоа, се разбира, важи за секој проект, во војна или во мир, и за секоја струка или ситуација. Со малку думи – станува збор за способноста да се согледа стварноста. Не само околната стварност, туку и стварноста за сопствената положба и можности – без таа да се бои со нашите предрасуди, желби, очекувања, стравови или други емоции.

Немаме камбана

За да ни ја наслика оваа метода, често ни повторуваше една скаска или ќе да е анегдота, чиешто потекло не ми остана во сеќавање. Елем, оди владиката во обиколка на епархијата, и пред селото на кое се намерил го дочекува селскиот поп со народот збиен зад него. Попот му бацува рака на владиката и во согласност со старите обичаи крши сомун и му го принесува лебот со сол за добредојде. Таман да ја земе понудата, владиката се сепнува: „А, што е оваа тишина, попе? Кога се дочекува владика, ред е камбаните да бијат?“ Попот почнува да се преместува од нога на нога, да погледнува те лево те десно, па во небрано одговора: „Еее, Ваше Високопреосвештенство, има 33 силни и немили причини што не бијат камбаните во ваша чест…“ Владиката се заинтересира: „Збори, попе, да чујам!“ Попот погледнува угоре кон небото, па малу в десно, и со отегнат набројувачки глас почнува: „Ееее, првата причина е што немаме камбана, втората…“ Тука владиката крева рака: „Застани, ни збор повеќе. Што ми е гајле за другите причини, кога првата е повеќе од доволна?! Ќе ме стемни в поле слушајќи залудно… туку давај лебот и солта, па да тргаме в село!“

На прв поглед, скаската за непостоечката селска камбана како да нема никаква врска со нашите евроинтеграции и со бугарската фекална граната на нашиот пат кон Унијата. Но, поуката од скаската – како и принципите на инженерската мисла – важат и во геополитиката исто како и во електротехниката или градежништвото. Сите учесници во оваа веќе ноторно нечесна и јадежна приказна со бугарското блокирање на почетокот на преговорите со Унијата – значи и органите на Унијата и бугарските соседи и нашата влада и јавност – веќе со месеци се препелкаат во бесмислата на 333-те можности, датуми, преговори, изјави, услови и други трици, заборавајќи на првата и единствено важната тема во случајов. Заборавајќи ја  вистинската содржина и значење на бугарските барања.

Европа се однесува како да не го прочитала Објаснувачкиот меморандум, ние се однесуваме како тој и да не се случил, а Бугарите се однесуваат како никој да не може да го протолкува неговото значење. Сите играат како во театар на апсурдот: европските претставници повторуваат бесмислици за нивната поддршка на нашиот пат, некои од нив ја тераат мантрата за неопходноста од наоѓање на „заеднички прифатливо решение“, бугарските политици играат подмолно – едните грубо провоцираат и навредуваат, а другите укажуваат на неопходноста од „исполнувањето“ на договорот за пријателство; ние пак, официјално, не направивме ниту една грешка во дипломатското однесување… освен што – како и сите – не се занимаваме со камбаната туку со 32-та други проблема во оваа тажна шарада.

А, камбаната – што во нашата приказна и те како ѕвони, но никој не ја слуша – е метафора за бугарските монструозни барања, таа е првиот и основниот услов што треба пресудно – и единствено! – да влијае врз нашето однесување. Зошто, ќе прашате. Затоа што бугарските барања не се од лингвистичка природа, ниту се тоа барања за нови историски акрибии, туку се тоа барања толку непристојни што сите се прават дека не ги слушнале или не ги разбрале.

Бугарите ја сметаат Македонија за бугарска земја, нашите предци за Бугари, нас живите за заблудени и неосвестени Бугари, историјата на македонскиот народ за бугарска историја, а македонскиот јазик за бугарски дијалект. Тоа не се историски или лингвистички прашања што треба да се расправаат на стручни комисии, не пак на дипломатски или пак политички средби. Тоа се голи иредентистички, провинциско империјалистички, отворено профашистички територијални аспирации, закани за идна анексија и акултурација. Тоа што овие закани Бугарите не ги дополнуваат и со воена окупација и воведување нивна администрација (како што милуваа во подобри времиња), воопшто не значи и дека тие не се реални и дека на нив не треба да се одговори соодветно.

Важноста на реципроцитетот

Во меѓународните односи и во дипломатијата, правилото на реципроцитет е едно од најважните технички правила што го потпираат основниот принцип на еднаквост помеѓу суверените земји. Доколку замислената држава Икс и го плесне в лице на државата Ипсилон, она што Бугарија го бара од нас, државата Ипсилон ќе го затвори своето дипломатско претставништво во државата Икс и ќе ги прати дома дипломатите на Икс. Прекинот на дипломатските односи ќе го услови со повлекување на сите официјални документи од типот на Објаснувачкиот, нивните парламентарни декларации и владини рамки и слични срања. Потоа, државата Ипсилон ќе им се обрати на Обединетите Нации со укажување на заканите од државата Икс. Потоа, државата Ипсилон ќе и се обрати со пишан државен акт – нека е и меморандум – на Европската Унија, во кој на Унијата ќе и соопшти дека ги разбрала бугарските барања како закана кон територијалниот интегритет и суверенитет на државата. Потоа, во актот на Унијата ќе ѝ објасни дека проблемите објаснети од државата Икс (во нејзиниот објаснувачки меморандум) се ментални проблеми на нејзина членка, па како такви и проблеми на Унијата, што таа не смее да ги билатерализира и да ги претвора во меѓусоседски проблеми, туку дека – доколку сака сѐ уште да се проширува и да биде нешто – треба да си ги решава самата.

Потоа, државата Ипсилон – бидејќи е полноправна членка на НАТО – треба да му се обрати на сојузот со официјален акт во кој се повикува на помош поради закана од трета страна, по грешка исто така членка на НАТО. Ипсилон треба гласно и одлучно да се повика на обврските што членките на сојузот го преземаа со потпишувањето на Северноатлантскиот договор, а особено на членот 4 кој гласи: „Страните (од Договорот, м. з.) заеднички ќе се советуваат секогаш кога, според мислењето на која било од нив, е загрозена територијалната целовитост, политичка независност или сигурност на било која од страните.“ И така натаму… Тоа се би требало да направи една замислена нормална држава Ипсилон.

Дали ситуацијата помеѓу Икс и Ипсилон има некаква сличност со оваа помеѓу Бугарија и Македонија? Можеби. Дали Македонија може да реагира како и замислената држава Ипсилон. Којзнае. Но, ако бугарскиот меморандум не е „загроза на нашата територијална целовитост, политичка независност итн.“ и ако тоа не е доволна причина за повикувањето на членот 4 од Северноатлантскиот договор, тогаш зошто НАТО е нешто, а не ништо?

Фотографиите се од филмот Fight Club (1999, David Fincher)

Извор за текстот: Слободен печат 

ОкоБоли главаВицФото